Собраниско раководство

Петок, 24 јануари 2014 година, Хрватска

Претседателот Вељаноски во официјална посета на Република Хрватска

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на покана на својот колега, претседателот на хрватскиот Сабор, г. Јосип Леко, престојува во официјална посета на Република Хрватска. Во состав на собраниската делегација се и пратениците: г. Фијат Цаноски, кој е претседател на Групата за соработка на Собранието на Република Македонија со хрватскиот Сабор, како и г. Александар Николоски и г. Недим Рамизи, членови на Групата.

Во рамките на посетата, претседателот Вељаноски оствари средби со домаќинот, претседателот на хрватскиот Сабор, г. Јосип Леко и со првиот потпретседател на Владата на Република Хрватска и министер за надворешни и европски прашања, г-ѓа Весна Пусиќ. Во текот на денот претседателот Вељаноски ќе се сретне и со претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ.

На средбите соговорниците споделија задоволство од традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави, без отворени прашања, како и подготвеност за унапредување на соработката на сите нивоа.

Претседателот на хрватскиот Сабор, г. Јосип Леко, искажа задоволство од одлично поставените односи значајни за билатералната и мултилатерална соработка и заемната поддршка во регионалните и меѓународни организации.

Тој истакна дека се настанати некои нови околности со добивањето членство на Република Хрватска во Европската унија, но дека таа никаде не оди, односно останува со пријателите и на просторот кој ја одредува, и во интерес на Хрватска е да остане блиска со своето опкружување во остварувањето на двете цели, влез во ЕУ и влез во НАТО.

Господин Леко, воедно, истакна дека Република Хрватска е подготвена да им помогне на пријателите и соседите во таа мера во која ќе биде побарано од неа и дека се препознава исполнувањето на високите стандарди за НАТО и ЕУ од страна на Република Македонија. Тој го поздрави добриот економски раст кој го бележи Република Македонија, како и ниската задолженост која ја има со оглед на економските прилики во Европа и светот.

Првиот потпретседател на Владата на Република Хрватска и министер за надворешни и европски прашања, г-ѓа Весна Пусиќ, потенцираше дека Република Хрватска има конзистентна политика што се однесува за земјите од регионот, особено кога е во прашање Република Македонија.

Потпретседателот на хрватската Влада истакна дека Република Македонија беше целосно подготвена за влез во НАТО и дека недобивањето покана за членство во Алијансата е штета не само за Македонија, туку и за стабилноста на целиот регион. Госпоѓа Пусиќ потенцираше дека Република Македонија е подготвена за двата проекти и дека Хрватска ќе продолжи отворено да ја поддржува на тој пат.

Во текот на средбите, соговорниците разменија мислење и за актуелните политички случувања во двете држави, за економските прилики и потребата да се зајакне соработката на економски план, за значењето и корисноста од регионалната соработка.

На средбите особен акцент беше ставен на односот на двете држави кон македонското и хрватското малцинство соодветно, а воедно беше потенцирано и задоволство од вниманието и ангажманот кој Република Македонија и Република Хрватска го посветуваат токму на ова прашање.

Претседателот Вељаноски денеска се обрати пред пратениците на Хрватскиот сабор на свечена седница, а вечерва и утре ќе оствари средби со македонската заедница која живее во Република Хрватска.

Click