Собраниско раководство

Петок, 27 јуни 2014 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ВО ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА НА РЕПУБЛИКА ТУРЦИЈА

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во дводневна официјална посета на Република Турција ја предводи Делегацијата на Собранието на Република Македонија, во чиј состав се пратениците: г. Ќенан Хасипи, г. Илија Димовски, г. Реџаиљ Исмаили и г. Газменд Алији.

Во рамките на оваа официјална посета, претседателот Вељаноски денеска се сретна со својот колега, претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, г. Џемил Чичек.

На средбата, двајцата спикери изразија задоволство од добрите односи на двете држави, кои се повеќе од пријателски, и од добро поставената соработка меѓу двата Парламенти, која се одвива како на ниво на претседатели, така и на ниво на комисии и пратенички групи за соработка.

Претседателот Чичек упати честитки до претседателот Вељаноски за неговиот нов мандат за претседател на Собранието на Република Македонија и изрази задоволство од можноста за продолжување на досегашната одлична соработка.

Во оваа прилика, г. Џемил Чичек истакна дека Република Македонија има клучна улога на Балканот и дека Република Турција дава поддршка на Република Македонија за решавање на спорот со името и за што поскоро добивање членство на земјата во НАТО и во Европската унија.

Претседателот Вељаноски изрази благодарност за принципиелната поддршка која ја добиваме од Република Турција на евроатланскиот интегративен пат. Притоа, истакна дека е значајна и регионалната соработката, особено во Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

На средбата стана збор за можностите за економска соработка и значењето на странските инвестиции во насока на градење на попросперитетно и постабилно општество и регион, како и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Претседателот Вељаноски се осврна и на односите кон малцинствата во двете земји и истакна дека турската заедница во Република Македонија со своето активно присуство во сите сфери на живеењето, дава значаен придонес во целокупниот економски, културен и демократски развој на нашата држава.

Делегацијата денеска оствари средба и со потпретседателот на Владата на Република Турција, г. Булент Аринч.

Господин Аринч искажа задоволство што Република Турција е меѓу првите држави кои ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име, додавајќи надеж дека и понатаму ќе продолжи одличната соработка меѓу двете земји.

Претседателот Вељаноски истакна дека во Република Турција гледаме пријател кој дава отворена и континуирана поддршка на Република Македонија за добивање на полноправно членство во НАТО и Европската унија, за што Република Македонија е благодарна и секогаш подготвена да возврати.

Тој исто така посочи дека Република Македонија иако нема добиено формално-правно членство во НАТО, останува посветена во извршувањето на обврските кон Алијансата како да е член на истата, бидејќи знаеме дека Македонија претставува значаен фактор на стабилноста во Регионот.

На средбата двајцата соговорници се согласија дека во вкупните односи помеѓу нашите држави значајно место има и економската соработка. Беше изразено задоволство од досегашниот развој на економските односи меѓу двете земји и истакнат интерес за продлабочување на трговската и економската соработка.

Потпретседателот Аринч истакна дека Република Турција е подготвена и заинтересирана да инвестира во Република Македонија во сите сфери. Тој посочи дека и досегашните успешни турски инвестиции во Република Македонија се резултат на добрите услови во Република Македонија, поради кои Република Турција инвестира во Република Македонија.

Двајцата соговорници разговараа и за актуелните политички случувања во двете земји, изборните циклуси кои поминаа во Република Македонија и следните избори кои ја очекуваат Република Турција, како и за соработката помеѓу Република Македонија и Република Турција во останатите области како образованието и културата.

Click