Собраниско раководство

Петок, 5 мај 2017 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Г-ЃА КАРЕН ПИРС

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари работна средба со г-ѓа Карен Пирс, политички директор во Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство на Велика Британија. 

Во оваа пригода, г-ѓа Пирс му го честиташе изборот за претседател на Собранието на Република Македонија и му посака успех во извршувањето на функцијата. Таа ја повтори заложбата на Обединетото Кралство дека досегашната меѓуинституционална билатерална соработка со Република Македонија ќе продолжи и во иднина. Обединетото Кралство останува на поддршката за побрзо остварување на темелните определби на Република Македонија за членство во НАТО и Европската Унија.

Претседателот Џафери се заблагодари на честитката, но и на поддршката што Обединетото Кралство ѝ ја дава на Република Македонија. Притоа, тој истакна дека функцијата претседател на Собранието на Република Македонија ќе ја извршува во интерес на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, политичка или друга припадност. Господин Џафери го изрази своето уверување дека процесот на мирно предавање на власта ќе продолжи, и во таа насока очекува брзо формирање на новата влада, преку нејзин избор во Собранието на Република Македонија.

Госпоѓа Пирс и господин Џафери разменија и мислења за состојбите во регионот. Во оваа насока, претседателот Талат Џафери уште еднаш ја истакна позитивната улога која Република Македонија и досега ја покажа во одржувањето на стабилноста на регионот и неговата евроатланска перспектива. Тој потсети дека проблемот со името наметнато од нашиот јужен сосед е голема препрека во интегративните процеси на Република Македонија. Но, исто така, тој изрази подготвеност за конструктивен пристап во решавањето на ова прашање, кој ќе биде потврден од сите граѓани на оваа држава. 

Click