Собраниско раководство

Понеделник, 29 февруари 2016 година

Средба на претседателот Вељаноски со Делегација од Комисијата за европски прашања на Холандскиот парламент

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска оствари средба со Делегација на Комисијата за европски прашања на Холандскиот парламент, предводена од страна на г. Малик Азмани, претседател на Комисијата за европски прашања.

На почетокот на средбата, претседателот Вељаноски се заблагодари за постојаната поддршка што Холандија ја дава на Република Македонија во однос на европските интеграции и за досегашните успешно реализирани проекти и инвестиции. Претседателот Вељаноски истакна дека стои на располагање за понатамошно продлабочување на соработката и посочи дека Собранието на Република Македонија е отворено за зајакнување на парламентарната соработка на сите нивоа.

Шефот на холандската делегација, г. Макик Азмани, заблагодарувајќи се за средбата, истакна дека ваквите средби се одлична можност за унапредување на досега одличните односи меѓу двете земји и ја искористи можноста да упати покана за посета на Холандскиот парламент од страна на парламентарна делегација на Собранието на Република Македонија.

На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот во однос на мигрантската криза, при што беше потенцирано дека ова прашање е од големо значење за цела Европа, но и светот во целина. Претседателот Вељаноски истакна дека земјата стои на принципиелниот став да ги почитува европските одлуки и решенија доколку тие не се на штета на Република Македонија. Соговорниците се согласија дека добрососедските односи се од клучно значење за надминување на сите отворени прашања, како и за натамошен просперитет и стабилност.

Соговорниците разговараа за актуелните случувања во државата, како и за можностите за подобрување на економската соработка меѓу двете земји.

Click