Врз основа на член 27 од Деловник за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 119/2010) Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 23 септември 2010 година, го утврди Пречистениот текст на Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Пречистениот текст на Деловникот на Собранието на Република Македонија ги опфаќа: Деловникот на Собранието на Република Македонија ("Службен весник на Република Македонија" број 91/2008) Деловник за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Маедонија ("Службен весник на Република Македонија" број 119/2010) во кои е означено времето на нивното влегување во сила и примена и Одлука на Уставен суд на Република Македонија У.бр.259/2008 (“Службен весник на Република Македонија” број 14/2010).

Број ________                                                                  Претседател на
29 септември 2010 година                               Законодавно-правната комисија на
Скопје                                                                        Собранието на Република
                                                                                           Македонија,
                                                                                        Благородна Дулиќ, с.р.


 



Д Е Л О В Н И К
НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
(Пречистен текст)


I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој деловник се уредуваат организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија  (Собрание) и на работните тела на Собранието (работни  тела).

Работните тела, во согласност со одредбите на овој деловник, можат да донесуваат деловник за својата работа. 

Член 2

Седниците на Собранието и на работните тела се јавни.

Собранието и неговите работни тела можат да одлучат да работат без присуство на јавноста, под услови утврдени со Уставот и со овој деловник.

Член 3

Во работата на Собранието службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. 

Граѓани на други држави, кои се поканети да учествуваат во работата на Собранието или да се обратат на Собранието имаат право да зборуваат на својот јазик.

Говорот одржан на јазик различен од македонскиот јазик, задолжително се преведува на македонски јазик.

Член 4

Собранието за сите прашања одлучува со јавно гласање.

Собранието со тајно гласање може да одлучува само за избори, именувања или разрешувања на носители на јавни и други функции.

Собранието може да одлучи гласањето да биде тајно по предлог на претседателот на Собранието или на еден пратеник чие барање го поддржуваат десет пратеници.

Член 5 

Собранието е во постојано заседание.

Одморот на Собранието трае од 1 до 31 август.

Претседателот на Собранието може и за време на одморот да свика седница на Собранието. 

Член 6

Претседателот на Собранието го претставува Собранието. 

Член 7

Собранието има печат. 

Печатот на Собранието има тркалезна форма. Во средината на печатот е грбот на Република Македонија, а околу него е натписот: "Република Македонија - Собрание на Република Македонија - Скопје". 

Член 8

Одредбите на овој деловник соодветно се применуваат во работата на Собранието во случај на воена или вонредна состојба, доколку со Уставот или со овој деловник поинаку не е определено.


II. КОНСТИТУИРАЊЕ НА СОБРАНИЕТО

1. Конститутивна седница на Собранието  и верификација на мандатот на пратениците

Член 9

Доколку  првата седница на Собранието не ја свика претседателот на заминување, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10,00 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник, ако и тој одбие  да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница.

Пратеникот кој ја свикал првата седница, претседава со седницата на Собранието (во натамошниот текст: претседавач), додека новоизбраниот претседател или еден од потпретседателите не ја преземе должноста.

Член 10

Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата.

Претседавачот  со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.

Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници.

Откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието (во натамошниот текст: Верификациона комисија).

Член 11

Мандатот на пратениците Собранието го верифицира на конститутивната седница по предлог од Верификационата комисија. 

Член 12

Верификационата комисија ја избира Собранието на конститутивната седница, по предлог од претседавачот. 

Верификационата комисија се состои од претседател и четворица членови, од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.

Член 13

Врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно. 

Член 14

Собранието го претресува и гласа во целина по извештајот на Верификационата комисија.

Ако Верификационата комисија го оспори изборот на одделен пратеник, на Собранието му предлага да ја одложи верификацијата на неговиот мандат. За секој таков предлог Собранието расправа и одлучува одделно.

Член 15

Собранието може да ја одложи верификацијата на мандатот на пратеник и со заклучок да побара Државната изборна комисија да ги изврши потребните согледувања, заради проверка на законитоста и правилноста на спроведениот избор и во рок од 30 дена за тоа да го извести Собранието.  

Член 16

До добивањето на известувањето на Државната изборна комисија, пратеникот чија верификација на мандатот е одложена, нема право да присуствува на седниците на Собранието.

Член 17

Верификацијата на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на Државната изборна комисија, а по предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Член 18

Со верификацијата на мандатот, пратеникот се стекнува со права и должности утврдени со Уставот, со закон и со овој деловник.

Член 19

На пратеникот на кој му е верифициран мандатот му се издава легитимација и картичка за електронско гласање. 

Во легитимацијата се внесува правото на имунитет и другите права што можат да се остварат врз основа на функцијата пратеник.

Поблиски прописи за содржината, обликот и начинот на издавање на легитимациите на пратениците, како и за евиденцијата на издадените легитимации донесува претседателот на Собранието. 

За издавање на легитимациите и за евиденцијата на издадените легитимации, се грижи генералниот секретар на Собранието. 

2. Избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата

Член 20

Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку десет пратеници, избира Комисија за прашања на изборите и именувањата.

Во Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието.

3. Избор на претседател и потпретседатели на Собранието 

Член 21

Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието. 

Бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.

Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на политичката партија застапена во Собранието која е најголема  опозициона партија.

Член 22

Кандидат за претседател на Собранието може да предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници.

Пратеник може да биде предлагач само на еден кандидат за претседател на Собранието. 

Член 23

Предлозите за кандидат за претседател на Собранието се поднесуваат во писмена форма на седницата на Собранието и содржат име и презиме на кандидатот со биографски податоци и образложение, како и имињата и презимињата на пратениците кои го поднесуваат предлогот и нивни своерачни потписи.

Редоследот на кандидатите за претседател на Собранието се утврдува според азбучниот ред на нивните презимиња.

Член 24

Со гласањето за избор на претседател на Собранието раководи претседавачот.

Ако Собранието одлучи претседателот на Собранието да се избира со тајно гласање, на претседавачот при изборот му помагаат генералниот секретар на Собранието и тројца пратеници кои ги избира Собранието на предлог на претседавачот, од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.

Член 25

Пратеникот има право да гласа само за еден од предложените кандидати за претседател на Собранието. Ако пратеникот гласа за повеќе кандидати за претседател на Собранието, неговото гласање се смета за неважечко. 

Член 26

За претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. 

Ако за претседател е предложен еден кандидат и ако при првото гласање не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. 

Ако за претседател се предложени двајца кандидати и ако на првото гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, гласањето се повторува.

Ако за претседател на Собранието се предложени тројца или повеќе кандидати, гласањето се повторува за двајцата кандидати кои добиле најголем број гласови на првото гласање.

Ако меѓу кандидатите со најголем број гласови има кандидати со ист број гласови, гласањето се повторува за сите кандидати со најголем број гласови.

Ако и на повторното гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Член 27

Одредбите на овој деловник што се однесуваат на предлагањето на кандидати и изборот на претседател на Собранието, се применуваат и на предлагање на кандидати и избор на потпретседатели на Собранието.

Член 28

За потпретседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. 

Ако за потпретседател се предложени повеќе кандидати од бројот кој се избира, а не е избран предвидениот број,  ќе се повтори гласањето за избор на оној број потпретседатели кои не се избрани и тоа меѓу кандидатите кои добиле најголем број гласови.

Ако и при повторното гласање не е избран предвидениот број на потпретседатели, се повторува постапката за избор на оној број потпретседатели кои не се избрани.

Ако се предложени онолку кандидати колку што е потребно да се изберат, а не е избран предвидениот број, се повторува целата изборна постапка за оној број потпретседатели кои не се избрани.


III. ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ

1. Присуство на седница и учество во работата на Собранието 

Член 29

Пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.

Член 30

Пратеникот кој е спречен да присуствува на седницата на Собранието, е должен за тоа  да го извести претседателот на Собранието до почетокот на седницата.

Член 31

Претседателот на Собранието го повикува и го информира пратеникот кој три пати едноподруго не присуствувал на седниците, а не го известил претседателот на Собранието за своето отсуство. 

За секое натамошно неоправдано отсуство, претседателот на Собранието го опоменува пратеникот и за тоа ја известува Комисијата за прашања на изборите и именувањата и координаторот на пратеничката група.

На пратеникот кој отсуствува најмалку три  пати едноподруго од седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот на Собранието, му се одбива 5% од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на изборите и именувањата. 

Член 32

За присуство на пратениците на седниците се води евидентен лист што е отворен  во текот  на одржување на седницата, а на крајот од работниот ден се предава на претседателот на Собранието.

Право на патни и дневни трошоци имаат само пратениците кои се запишале во евидентниот  лист.

За редовноста на пратениците, претседателот на Собранието го известува Собранието, на секои шест  месеца.

За водењето на евидентниот лист се грижи генералниот секретар на Собранието. 

2. Пратенички групи 

Член 33

Во Собранието се основаат пратенички групи. 

Пратеничката група ја сочинуваат најмалку  пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии.

Пратеникот може да биде член само на една пратеничка група.

Пратеничката група определува координатор на пратеничката група и до двајца заменици.

Пратеничката група на претседателот на Собранието му доставува список потпишан од секој член на групата, координаторот и неговиот заменик.

Пратеничката група има право на стручна помош и право да користи посебна просторија, согласно со бројот на пратениците.

За промената на составот на пратеничката група, на координаторот и на неговиот заменик, се известува претседателот на Собранието, кој за тоа ги известува пратениците.

3. Право на информирање на пратениците и обезбедување услови за вршење на функцијата пратеник

Член 34

На пратениците им се доставуваат службените публикации што ги издава Собранието и информативни и документациони материјали што се доставуваат до Собранието, заради нивно целосно информирање во печатена или електронска форма.

Пратеникот има право да бара и да добие известување од генералниот секретар  на Собранието за прашања што се од значење за вршење на пратеничката функција.

Пратеникот има право да бара и да добие известување и стручна помош од Службата на Собранието за прашања што се во врска со работата на Собранието и на работните тела.

Пратеникот има право да ја користи библиотеката и документацијата на Собранието за извршување на неговите права и должности.               

Член 35

Пратениците имаат право да ги користат просториите во Собранието, што им се дадени на располагање за работа и состаноци, согласно со актот за внатрешниот ред на Собранието, што го донесува претседателот на Собранието.

Член 36

Пратениците можат да се организираат во Клубот на пратеници.

Организацијата, задачите и начинот на работа на Клубот на пратениците се уредуваат со правилата  на Клубот. 

4. Пратенички прашања  

Член 37

Пратеникот има право на претседателот на Владата на Република Македонија (Влада), на член на Владата и на други носители на јавни функции кои се одговорни пред Собранието да им постави прашање што се однесува на нивната работа или на работи од нивната надлежност.

Прашањето треба да  е кратко и прецизно.

Пратеникот е должен да означи на кого му го упатува прашањето.

За пратеничките прашања се води евиденција.

Член 38

Прашање се поставува усно на седница, а во времето меѓу две седници во писмена форма, преку претседателот на Собранието.

Ако прашањето се однесува на носител на јавна функција кој не е член на Владата, пратеникот до претседателот на Собранието ќе го најави поставувањето на прашањето најдоцна 24 часа пред почетокот на седницата.                              

Член 39

За поставување пратенички прашања се свикува посебна седница, последниот четврток во месецот.

На седницата задолжително присуствуваат претседателот и членовите на Владата и други носители на јавни функции за кои е најавено дека ќе им се постави прашање.

Доколку претседателот на Владата од објективни или неодложни причини е неопходно да ја напушти седницата, отсуството не може да биде подолго од еден час.

Пратеникот на една седница може да постави најмногу три  прашања.          

Поставувањето на пратеничките прашања не може да трае подолго од десет минути, а пратеникот има право да се изјасни дали е задоволен од одговорот, но не подолго од три минути.

Одговор на усно поставеното пратеничко прашање не може да трае подолго од десет минути.

Член 40

Пратениците за поставување на пратенички прашања, писмено го известуваат претседателот на Собранието 24 часа пред одржување на седницата.

Редоследот на поставување на пратенички прашања го утврдува претседателот на Собранието во договор со координаторите на пратеничките групи, на начин кој ќе обезбеди  сооднос два спрема еден во корист на пратениците од пратеничките групи во опозиција и на пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група.

Член 41

Прашањето поставено во писмена форма што е во согласност со одредбите на овој деловник, претседателот на Собранието го доставува на оној на кого му е упатено.

Член 42

На усно поставено прашање се одговара на седницата на која е поставено прашањето.

На прашање поставено на претседателот на Владата, одговор дава претседателот или определен претставник на Владата, на прашање поставено на член на Владата, одговор дава членот на Владата, а на прашање поставено на носител на јавна функција, одговор дава носителот на јавната функција.

По исклучок, ако претседателот на Владата, односно претставникот на Владата, нејзин член, односно носителот на јавна функција, изјави дека од оправдани причини не е во можност да даде устен одговор на таа седница,  должен е одговорот во писмена форма да го даде во рок од 20 дена. 

Писмениот одговор се доставува до претседателот на Собранието, кој веднаш го упатува до подносителот на прашањето и до сите пратеници, а на првата наредна седница за поставување на пратенички прашања, го известува Собранието за дадениот одговор.

Член 43

Пратеникот што го поставил прашањето, по добиениот одговор има право да постави дополнително прашање  во траење од три минути.

Член 44

Ако одговорот се однесува на прашање кое претставува тајна, Владата, односно носителот на јавната функција може да предложи одговорот да се даде на седница на Собранието без присуство на јавноста. За тој предлог одлучува Собранието во согласност со одредбите на овој деловник.

5. Интерпелација

Член 45

Интерпелација може да постават најмалку пет пратеника за работата на  носител на јавна функција, Владата и секој  нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи. 

Интерпелацијата се поднесува во писмена форма, ја потпишуваат сите пратеници што ја поднесуваат и треба да биде образложена.         

Интерпелацијата се поднесува до претседателот на Собранието, кој веднаш ја доставува до оној на кого му е упатена и до пратениците.

Член 46

Субјектот на кого му е поставена интерпелацијата има право да достави писмен одговор на поставената интерпелација до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата.

Член 47

Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на  15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците.

Ако одговорот не се поднесе во рокот утврден во членот 46 на овој деловник, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието.

Член 48

Право да ја образложи интерпелацијата на седница на Собранието има еден од пратениците што ја поднеле интерпелацијата, во траење од 20 минути. 

Субјектот на кого му е поставена интерпелацијата се поканува на седница и има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација, во траење од 20 минути. 

Член 49

Претресот по интерпелацијата трае еден работен ден до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24,00 часот.

Пратениците за учество во претресот по интерпелацијата, писмено го известуваат претседателот на Собранието, 24 часа пред одржување на седницата.

Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратениците кои не се организирани во пратенички групи, а кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собранието во договор со координаторите на пратеничките групи на начин кој ќе обезбеди сооднос два спрема еден во корист на пратениците од  пратеничките групи во опозиција и на пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група.

Ако Собранието ја прифати интерпелацијата донесува заклучок во кој се изнесува ставот во врска со наводите на интерпелацијата.

Член 50

Пратениците кои ја поднеле интерпелацијата можат да ја повлечат само пред отпочнувањето на претресот.

Член 51

Претресот по интерпелацијата се прекинува,  ако: 

- се постави прашање за доверба на Владата,

-  Владата поднесе оставка,

- претседателот на Владата поднесе предлог за разрешување на членот на Владата  за чија работа е поднесена интерпелацијата и  

 -  носителот на јавната функција поднесе оставка. 

6. Чување на тајна

Член 52

Пратеникот е должен да ја чува државната, службената, воената и деловната  тајна (тајна).

Како тајна се сметаат податоците што пратеникот ќе ги дознае на седница на Собранието или на седница на работното тело, во врска со прашањето за кое се расправа без присуство на јавноста.

Како тајна се сметаат и сите материјали што му се упатуваат на Собранието и на работните тела, а кои како такви се означени од предлагачот на материјалот.

Начинот на ракување и чување на материјалите што се сметаат за тајна се уредува со посебен акт што го донесува претседателот на Собранието. 

7. Имунитет на пратениците

Член 53

Пратеникот ужива имунитет од денот на верификацијата до денот на престанокот на мандатот.

Барањето за одобрување на притвор на пратеник, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието. Ако барањето не е доставено од надлежен орган, претседателот на Собранието за тоа го известува органот.

Известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.

Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и кога тој не се повикал на имунитетот.

Претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.

За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.

Член 54

Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања, Собранието најдоца во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето. 

По известувањето за притворање на пратеник кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.

Член 55

Одредбите од овој деловник што се однесуваат на имунитетот на пратениците, соодветно се однесуваат на имунитетот на претседателот на Владата.

8. Престанок и одземање на мандатот на пратениците

Член 56

На пратеникот му престанува мандатот или може да му биде одземен мандатот само во случаите и на начин утврдени со Уставот, закон и овој деловник.

Член 57

Пратеникот може да поднесе оставка.

Пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието и може да ја образложи.

Собранието без претрес констатира дека на пратеникот му престанал мандатот на денот на одржувањето на седницата. 

Член 58

За пратеникот осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во трање од најмалку пет години, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната.

Претседателот ова известување веднаш го доставува до пратениците.       

На пратеникот кој е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, му престанува мандатот. Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот на денот кога е осуден и за тоа ја известува Државната изборна комисија.

Член 59

За пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

За пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Предлог за одземање на мандатот на пратеник во случаите од ставовите 1 и 2  на овој член, поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието.

По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница.

Претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. 


IV. ПРЕТСЕДАТЕЛ, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИ И ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА СОБРАНИЕТО
 

1.  Претседател на Собранието              

Член 60

Претседателот на Собранието:

- го претставува Собранието,

- ги свикува седниците на Собранието и претседава со нив,

- се грижи за примената на Деловникот и дава појаснување во врска со неговата примена, за што може да побара мислење од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања,

- определува работно тело надлежно за разгледување на одделни прашања поднесени до Собранието (матично работно тело),

- ја испитува уредноста на предлогот за покренување граѓанска иницијативата  за донесување закон, за распишување на референдум на државно ниво и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот,

- се грижи за усогласување на активностите на Собранието со претседателот на Републиката и со Владата,

- соработува со координаторите на пратеничките групи,

- во име на Собранието остварува меѓународна соработка со парламентарните, дипломатско-конзуларните и други претставници на странски држави и на меѓународни организации, како и со други видни странски личности,

- ја следи работата на Службата на Собранието, се грижи за унапредување на нејзината работа и за создавање услови за нејзино современо и ефикасно работење,

- доверува вршење на одредени работи на генералниот секретар на Собранието,

- формира работни групи за проучување на одделни прашања од надлежност на Собранието,

- донесува акти утврдени со овој деловник  и

- врши други работи утврдени со Уставот,  закон и со овој деловник.

2. Потпретседатели на Собранието

Член 61

Потпретседателите на Собранието му помагаат на претседателот на Собранието во работата и вршат други работи од неговиот делокруг.

Во случај на спреченост или отсуство на претседателот на Собранието го заменува еден од потпретседателите според однапред утврден редослед при што ќе се води сметка за подеднакво вклучување на потпретседателите.

Член 62

Претседателот на Собранието со потпретседателите:

- се грижи за остварување на правата на пратениците и за обезбедување услови за нивната работа,

- ја планира динамиката на седниците на Собранието,

- одлучува за прием на делегации на парламенти на други држави и на претставници на други органи и организации од странство и за испраќање постојани и повремени делегации во странство и во врска со тоа ги координира активностите на Собранието и на работните тела,

- прифаќа преземање покровителство од страна на Собранието за одделни прослави на настани од значење за Републиката и определува претставници на Собранието на тие прослави и

- одлучува за одржување состаноци и друг вид консултативни средби од значење за работата на Собранието.

Член 63

Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи:

- разгледува прашања од значење за унапредување на работата на Собранието  и на работните тела,

- разгледува прашања и иницијативи во врска со работата на Собранието и

- ги планира активностите на делегациите, пратеничките групи за соработка со други парламенти, мешовитите работни групи и на пратениците во остварување на меѓународната соработка.

Претседателот на Собранието со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи работи врз основа на усогласување на ставовите. 

3. Генерален секретар на Собранието  

Член 64

Собранието има генерален секретар.

Генералниот секретар на Собранието го именува Собранието по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Генералниот секретар ги извршува работите што ќе му ги довери претседателот на Собранието.

Генералниот секретар му помага на претседателот на Собранието во подготовките и организирањето на седниците на Собранието и врши други работи утврдени со овој деловник.

Генералниот секретар ја организира и усогласува работата на Службата на Собранието и донесува правилници, упатства и други акти за работа на Службата.

Член 65

Собранието именува еден или повеќе заменици на генералниот секретар по предлог од Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Заменикот на генералниот секретар му помага во вршењето на работата на генералниот секретар и го заменува во случај на негова отсутност или спреченост.

Член 66

За својата работа и за работата на Службата на Собранието, генералниот секретар на Собранието и заменикот на генералниот секретар му одговараат на Собранието, а за работите што им ги доверува претседателот на Собранието, му одговараат и на претседателот на Собранието. 


V. СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО 

1. Свикување на седница и предлагање на дневен ред 

Член 67

Седница на Собранието свикува претседателот на Собранието.

 

Претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници.

Член 68

Решението за свикување на седница на Собранието со предлогот на дневниот ред и материјалите по прашањата што се предлагаат за дневниот ред за седницата, на пратениците им се доставуваат најмалку  десет работни дена пред денот определен за одржување на седницата.

Во итни случаи, претседателот на Собранието може да свика седница и во пократок рок од десет работни дена, а дневниот ред со материјали  може да го предложи и на самата седница.

За свикување на седницата и за предлогот на дневниот ред, претседателот на Собранието ги известува претседателот на Републиката  и претседателот на Владата. 

Седница на Собранието се одржува во времето од 11,00 до 18,00 часот, со пауза од еден час, ако претседателот на Собранието, за одделни седници поинаку не одлучи.  

Член 69

Дневниот ред за седницата на Собранието го предлага претседателот на Собранието, а го утврдува Собранието на почетокот на седницата.

Во предлогот на дневниот ред претседателот на Собранието ги внесува прашањата кои ги исполнуваат условите утврдени со овој деловник.

Претседателот на Собранието е должен на секоја втора редовна седница да внесе една точка во предлогот на дневниот ред за седницата на Собранието по предлог на пратениците од опозиција, која ги исполнува условите утврдени со овој деловник. Предлогот треба да е усогласен на координација на претседателот на Собранието со потпретседателите, координаторите на пратеничките групи и пратениците кои не се организирани во  пратеничка група, а кои се подносители на предлогот.

Одредбата на ставот 3 на овој член не се однесува на седниците на Собранието свикани согласно членот 85 од Уставот на Република Македонија, членот 39 од овој деловник и за  седниците свикани за одбележување на значајни настани и истакнати личности.

Член 70

Пратеник и Владата можат до утврдувањето на дневниот ред на седницата,  да предложат внесување на точки во дневниот ред, само во случаи на итна и неодложна потреба.

Предлагачите од ставот 1 на овој член се должни да поднесат материјал во писмена форма и да ја образложат итноста во траење  од 10 минути.

Пратеник и Владата, можат по свикување на седницата да предложат одлагање или повлекување на одредени точки од дневниот ред и да дадат образложение за тоа.

2. Претседавање на седницата

Член 71

На седницата на Собранието претседава претседателот на Собранието.

Во случај на спреченост или отсутност на претседателот на Собранието го заменува еден од потпретседателите на Собранието.

Ако и потпретседателите се спречени или отсутни, на седницата на Собранието се избира пратеник кој ќе претседава на седницата. До изборот на пратеник кој ќе претседава на седницата, седницата ја отвора  и со неа претседава најстариот по години присутен пратеник.

3. Присуство и учество во работата на седницата

Член 72

На седницата на Собранието можат да присуствуваат и во работата да учествуваат претседателот на Републиката, претседателот на Владата,  министрите и овластениот претставник на предлагачот на закон поднесен од најмалку 10.000 избирачи.                           

Претседателот на Собранието може да покани на седницата на Собранието да присуствуваат и  во работата  да учествуваат претставници и на други органи и организации кога се разгледуваат прашања од нивна надлежност. 

Член 73

Претседателот на Собранието може да покани на седницата на Собранието да присуствуваат како гости и да одржат говор високи парламентарни и државни претставници на други држави и на меѓународни организации и други видни  странски личности.

4. Тек на седницата

Член 74

Седницата на Собранието почнува со работа во закажаниот термин со присутните пратеници.

Претседателот ги известува пратениците за тоа кој е поканет да присуствува на седницата на Собранието.

Член 75

Пред утврдувањето на дневниот ред се усвојуваат записници од седници на Собранието.

Пратеникот може да стави забелешки на записникот и да бара во него да се извршат соодветни изменувања и дополнувања.

За забелешките на записникот се одлучува без претрес.

Претседателот на Собранието констатира дека е усвоен записникот на кој не се ставени забелешки, односно записникот во кој се извршени изменувања и дополнувања.

Усвоениот записник го потпишуваат претседателот на Собранието или претседавачот на седницата на Собранието и генералниот секретар на Собранието.

Член 76

Пред утврдувањето на дневниот ред претседателот на Собранието ги известува пратениците за предлозите за внесување, одлагање или повлекување на точки од предлогот на дневниот ред, согласно со членот 70 од овој деловник.

Член 77

Собранието без претрес се изјаснува за секој предлог за изменување и дополнување на предложениот дневен ред и за предлогот на дневниот ред за седницата во целина.

Образложението за предлогот за изменување и дополнување на предложениот дневен ред  е во траење од три минути.

Кога во предложениот дневен ред ќе се извршат повеќе изменувања и дополнувања, утврдениот дневен ред на пратениците им се доставува за време на траењето на седницата.

Член 78

Претресот по точките од дневниот ред се врши според утврдениот редослед на дневниот ред.

Во текот на седницата, по предлог на претседателот на Собранието, на предлагачот или пратеник кои го поддржуваат најмалку  десет пратеници, Собранието без претрес одлучува по секој предлог за измени во редоследот на претресот по точките од дневниот ред, односно да се води единствен претрес по точките од дневниот ред  што се меѓусебно поврзани. Образложението за предлогот е во траење од  три минути.

Член 79

Собранието не може да расправа по прашања за кои матичното работно тело и Законодавно-правната комисија не зазеле став, ако со овој деловник  поинаку не е уредено.

Собранието не може да расправа  по предлог на закон со кој се врши усогласување со правото на Европската унија, ако предлогот на законот не го разгледала Комисијата за европски прашања на Собранието.

Член 80

На почетокот на претресот по секоја точка од дневниот ред предлагачот, односно претставникот на предлагачот може да даде дополнителни образложенија или појаснувања.

Претресот трае додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор. Пратениците се пријавуваат за збор во рок од една минута  по отворањето на претресот. Листата на пратеници не може да се менува и дополнува во текот на претресот.

По исклучок од ставот 2 на овој член пратениците кои во едната минута по отворањето на претресот се спречени да се пријават за збор поради  присуство на седници на работните тела или делегациите на Собранието чии членови се тие, имаат право да се пријават за збор од моментот кога присуствуваат на седницата на Собранието, доколку  претресот по точката од дневниот ред се уште трае.

Предлагачот и координаторите на пратеничките групи можат да се пријавуваат за збор и во текот на претресот.

Претседателот на Собранието констатира дека претресот е завршен кога ќе утврди дека листата на  пријавени пратеници за збор е исцрпена.

Член 81

Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници потребно за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно.

Претседателот на Собранието ја прекинува седницата (пауза) по барање на координатор или заменик координатор на пратеничка група. Координатор или заменик координатор на пратеничка група во текот на денот само еднаш може да побара прекин на седницата, во траење од еден час.

Претседателот на Собранието ја прекинува седницата по барање на координатор или заменик координатор на пратеничка група заради доставување на стенографски белешки од обраќање или образложение на предлагачот, дадено на почетокот на претресот по одделна точка од дневниот ред.

Собранието може да одлучи седницата да се прекине по барање на претседател на работно тело, или координатор на пратеничка група заради одржување на седница на работно тело.

Времето за продолжување на прекинатата седница го определува претседателот на Собранието.

Член 82

Собранието претресот по секоја точка од дневниот ред може да го заврши со:

- донесување акт,

- донесување заклучок или

- прост премин.          

Член 83 

По исцрпувањето на точките од дневниот ред, претседателот на Собранието констатира дека седницата е завршена.

5. Говори

Член 84

 На седницата на Собранието никој не може да говори пред да побара и да добие збор од претседателот на Собранието.

Член 85

Претседателот на Собранието се грижи говорникот да не биде прекинуван или со друга постапка да не биде ограничуван во слободата на говорот.

Претседателот на Собранието на пратениците им дава збор според редоследот во листата на пријавените за збор.

Пратеникот кој се пријавил за збор, а не е присутен во салата кога е повикан да говори, го губи правото на збор за претресот за кој се пријавил и не може повторно да се пријави за истиот претрес.  

Член 86

Пратеникот во текот на претресот може да говори само еднаш во траење од  10 минути, известителот на матичното работно тело и на Законодавно-правната комисија 10 минути, координаторот на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група и предлагачот, можат да говорат повеќе пати но не повеќе од  15 минути вкупно. 

Претставник на Владата кога не е предлагач, може да зборува само еднаш, најдолго 15 минути.

Ограничувањата на времето за дискусија од ставот 1 на овој член не се однесуваат на постапката за измена на Уставот на Република Македонија,  постапката за донесување на Буџетот на Република Македонија, покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Републиката и на прашањето за доверба на Владата.

Пратеникот на седницата на Собранието за време на говорот  може да стои и да говори од своето место.

Член 87

На предлагачот претседателот на Собранието му дава збор штом ќе го побара.

Член 88

На координатор на пратеничка група, заменикот на координаторот и пратениците кои не се членови на пратеничка група кои сакаат да говорат за неправилна примена на Деловникот, претседателот им дава збор, штом  ќе го побараат.

Координатор на пратеничка група, заменикот на кординаторот на пратеничката група  и пратениците кои не се членови на пратеничка група должни се да ја наведат одредбата од Деловникот и да образложат во што се состои неправилната примена на одредбата.

Говорот не може да трае подолго од три  минути.

По завршувањето на говорот претседателот на Собранието дава појаснување.

Член 89

На пратеникот кој побарал збор да исправи неточно пренесен навод или навод што предизвикал недоразбирање, претседателот ќе му даде збор (реплика) кога говорот ќе го заврши оној кој ја предизвикал потребата од исправката. 

Пратеник се пријавува за реплика на говорот на пратеникот на кого сака да му реплицира, се додека не почне да говори првиот пратеник што се пријавил за реплика.

На говорот на пратеникот е дозволена само една реплика. Во говорот пратеникот мора да се ограничи на исправката и тоа не може да трае подолго од три минути.

Реплика на репликата е дозволена еднаш во траење од една минута.

Член 90

Говорникот може да говори само по прашањето  за кое се води претрес.

Ако говорникот се оддалечи од прашањето, претседателот на Собранието ќе го повика да се придржува за прашањето.

Ако говорникот и по повторното повикување не се придржува за прашањето, претседателот му го одзема зборот.

Говорникот е должен во својот говор да го почитува достоинството на Собранието.

6. Одржување на редот

Член 91

За одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието.

За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот.

Член 92

Претседателот на Собранието ќе го опомене пратеникот ако со своето однесување, со земање на збор кога претседателот не му дал збор, со упаѓање во збор на говорник или со слична постапка го нарушува редот на седницата.

Претседателот на Собранието ќе му го одземе зборот на пратеникот, кога тој со својот говор на седницата го повредува редот, а на истата седница два пати е повикан да се придржува за редот на седницата.

Член 93

Претседателот на Собранието го отстранува пратеникот од седницата, кога и покрај опомената, односно одземањето на збор го нарушува редот на седницата или употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Собранието.

Пратеникот кој е отстранет од седницата, должен е веднаш да ја напушти салата во која се одржува седницата.

Ако претседателот на Собранието не може да го одржи редот на седницата,  ќе одреди краток  прекин на седницата.

Член 94

Одредбите за одржување на редот на седницата на Собранието се однесуваат на сите учесници на седницата.

7. Одлучување

Член 95

Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници.

Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

Претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале "за", "против" или "воздржано", како и бројот на пратениците што се присутни.

Претседателот на Собранието може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење.

Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сe додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници. 

8. Гласање                             

Член 96

Јавното гласање се врши со употреба на технички средства или со  кревање рака.

Начинот за употреба на техничките средства се уредува со акт што го донесува генералниот секретар на Собранието.

Член 97

Гласањето може да се врши и со поименично изјаснување на пратениците.

Поименично изјаснување може да се врши заради точно утврдување на резултатот од гласањето, по барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, само ако предлогот за кој се гласа добил до пет гласа повеќе или помалку од потребниот број гласови за негово донесување.

Поименичното гласање се врши со изјаснување на секој прозван пратеник со "за" или "против" предлогот или со воздржување  од гласањето.

Доколку пратеникот кога е повикан да гласа не е присутен во салата, не може дополнително да гласа.

За време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување.

Прозивањето на пратениците го врши генералниот секретар на Собранието.

Претседателот на Собранието го објавува резултатот од гласањето по изјаснувањето на пратениците.

Член 98

Тајното гласање се врши со гласачки ливчиња.

Гласачките ливчиња мора да бидат со еднаква големина и со иста боја. 

Со тајното гласање раководи претседателот на Собранието на кој му помага генералниот секретар на Собранието и тројца пратеници од различни пратенички групи или од пратеници кои не се организирани во пратенички групи, кои ги избира Собранието по предлог на претседателот на Собранието. 

На секое гласачко ливче се става печатот на Собранието.

Член 99

Пред да се премине на тајно гласање, претседателот на Собранието ги дава потребните објаснувања за начинот на гласањето.

Член 100

Во гласачкото ливче за избор, односно именување на носители на јавни и други функции, се наведуваат функцијата за која се врши изборот, односно именувањето и имињата и презимињата на кандидатите поединечно, според азбучниот ред на нивните презимиња.

Пред името и презимето на секој кандидат се става реден број.

При тајното гласање за избор, односно именување на носители на јавни и други функции, пратениците гласаат на тој начин што го заокружуваат редниот број пред името и презимето на кандидатот. 

За неважечко се смета гласачкото ливче од   кое  со сигурност не може да се утврди за кој кандидат пратеникот гласал.

Член 101

Во гласачкото ливче за разрешување се наведува името и презимето на носителот на јавна и друга функција чие разрешување се предлага и зборовите "за" и "против".

При гласањето за разрешување пратениците гласаат со заокружување на еден од наведените зборови.

За неважечко се смета гласачкото ливче од кое со сигурност не може да се утврди како гласал пратеникот.

Член 102

Тајното гласање за предлогот во целина се врши на тој начин што во гласачкото ливче се наведува предлогот и зборовите "за" и "против", а гласањето се врши со заокружување на еден од наведените зборови.

Член 103

Претседателот на Собранието по завршувањето на гласањето ги соопштува резултатите од гласањето и врз основа на резултатот констатира дали предлогот за кој се гласало е усвоен или одбиен. 

9. Записник и стенографски белешки

Член 104

За работата на седницата на Собранието се води записник.

Записникот ги содржи основните податоци за работата на седницата, предлозите што се поднесени и заклучоците што се усвоени во врска со прашањата од дневниот ред.

Член 105

Записникот, по правило, им се доставува на сите пратеници најдоцна три дена  пред одржувањето на седницата на која треба да биде усвоен.

Член 106

За изготвување  на записниците и за чување на оригиналите на записниците од седниците на Собранието се грижи генералниот секретар на Собранието.                                                                                              

Член 107

За работата на седницата на Собранието се водат стенографски белешки.

Составен дел на стенографските белешки се и неодржаните говори на пратениците што на седницата во текот на претресот писмено се приложени со ознака дека говорот не е одржан на седницата.

Стенографските белешки за работата на седницата на Собранието се чуваат во документацијата на Собранието, во електронски дигитален формат и во тврда копија.

Стенографските белешки се објавуваат на Интранет (внатрешна мрежа на Собранието) и на веб страницата на Собранието (Интернет).

Начинот на објавување на стенографските белешки на Интранет и на веб страницата на Собранието, правото на пратениците да вршат исправки во стенографските белешки и роковите, се уредуваат со акт што го донесува претседателот на Собранието.      


VI. ИЗБОРИ, ИМЕНУВАЊА, ОСТАВКИ И РАЗРЕШУВАЊА

1. Избор на работни тела на Собранието, постојани делегации и пратенички групи за соработка

Член 108

Изборот на претседател и членови на работните тела и нивните заменици, на шефови, членови и  заменици на членовите на  постојаните делегации на Собранието во меѓународните парламентарни собранија и претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со други парламенти, се врши од редот на пратениците во Собранието по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а врз основа на листата што ја предлагаат пратеничките групи.

Во предлогот од Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од пратеничките групи и од пратеници кои не се организирани во пратенички групи.

Претседателот и заменик на претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот се предлагаат од редот на пратениците од опозицијата.

Секој предлог содржи онолку кандидати колку што се избираат членови на работното тело, односно на постојаните делегации и пратеничките групи за соработка.

Секој пратеник има право да се изјасни во кое работно тело сака да биде член.     

Предлогот од ставот 1 на овој член се поднесува до претседателот на Собранието, кој го доставува на пратениците.

2. Избор на Влада

Член 109

Собранието избира Влада на начин и според постапка утврдена со Уставот и  со овој деловник.

Член 110

Претседателот на Собранието,  во рок од три дена  од денот на приемот на известувањето од претседателот на Републиката ги известува пратениците за кандидатот за претседател на Владата (мандатор).

Член 111

Мандаторот, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува  предлог за состав на Владата и програма.

Предлогот за состав на Владата се доставува во писмена форма. Предлогот содржи име и презиме на кандидатот за претседател на Владата и на кандидатите за министри, со биографски податоци.

Предлогот за состав на Владата и програмата, претседателот на Собранието ги доставува на пратениците веднаш.

Седница за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата.

Мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата на седницата на Собранието на која се врши избор на Владата.

Член 112

По програмата на мандаторот и предлогот за состав на Владата, Собранието води единствен претрес. Претресот трае најмногу два дена.

Редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот  го утврдува претседателот на Собранието на начин кој  обезбедува  учество во претресот на пратеници од различни политички партии застапени во Собранието.

Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, а најдоцна во 24,оо часот.

Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.

Член 113

Претседателот на Собранието го известува претседателот на Републиката за изборот на Владата.

3. Избори, именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции 

Член 114

Собранието врши избори, именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции на начин утврден со Уставот и со закон.

4. Оставки

Член 115

Секој носител на јавна или друга функција што го избира или именува Собранието има право да поднесе оставка и може да ја образложи, во траење од 15 минути. 

Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на носителот на јавната или друга функција мандатот му престанува на денот на одржувањето на седницата.


VII. ДАВАЊЕ СВЕЧЕНА ИЗЈАВА

Член 116

Претседателот на Собранието и потпретседателите на Собранието, претседателот на Владата, министрите и судиите на Уставниот суд на Република Македонија, пред преземањето на должноста, даваат свечена изјава пред Собранието. Текстот на свечената изјава гласи:

"Изјавувам дека функцијата (да се наведе функцијата) ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе го почитувам Уставот и законите на Република Македонија".

Текстот на свечената изјава на седницата на Собранието го чита претседателот на Собранието  или претседавачот.

Свечената изјава се потпишува и му се предава на претседателот на Собранието.

Носителите на други јавни функции кои ги избира или именува Собранието, свечената изјава ја даваат и ја потпишуваат пред претседателот на Собранието.


VIII. РАБОТНИ ТЕЛА НА СОБРАНИЕТО

Член 117

Собранието основа постојани и повремени работни тела.

Работните тела разгледуваат предлози на закони, и на други акти што ги донесува Собранието, како и други прашања од надлежност на Собранието и вршат други работи утврдени со овој деловник.

Член 118

Постојаните работни тела се основаат со одлука на Собранието.

За извршување на посебни задачи, Собранието со одлука основа и повремени работни тела. 

Собранието со одлука може да основа анкетни комисии за сите области и за секое прашање од јавен интерес.

Со одлуката за основање на работни тела и на анкетните комисии се утврдуваат делокругот и  бројот на членовите.

Составот на работните тела и на анкетните комисии се утврдува со одлука на Собранието, во зависност од бројот на пратениците во пратеничките групи, пратениците кои не се организирани во пратеничка група и во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажите.   

Претседателите на  анкетните комисии по правило се од редот на пратениците на пратеничките групи во опозиција.

Член 119

Работното тело има претседател, заменик   на  претседателот,  одреден број членови и нивни заменици.

Работното тело може да има двајца членови од редот на научните и стручните работници од кои едниот се избира на предлог на пратеничките групи од партиите на власт, а другиот на предлог на пратеничките групи од партиите во опозиција.

Членовите на работното тело од ставот 2 на овој член, не можат да бидат членови на органите на политичките партии, а во работата на работното тело учествуваат без право на одлучување.

Член 120

Работното тело работи на седници. 

Седница на работното тело свикува претседателот на работното тело. Претседателот свикува седница и ако тоа го побара претседателот на Собранието или најмалку една третина од членовите на телото, кои треба да достават материјал за прашањето што предлагаат да се стави на дневен ред на седницата.

Ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, седницата  ја свикува претседателот на Собранието.

Поканата за седница со предлогот на дневниот ред и материјалите што ќе се разгледуваат на седницата, претседателот на работното тело им ги доставува на членовите на работното тело по правило пет дена пред денот на одржувањето на седницата.

Во итни случаи седница на работно тело може да се одржи во пократок рок, а дневниот ред  може да се достави и на самата седница.

За одржувањето на седницата на работното тело се известуваат пратениците преку дневниот информатор.

Претседателот на работното тело, за свиканата седница ја известува Владата и претставникот на предлагачот за прашањата и предлозите што работното тело ќе ги претресува.

Член 121

На седница на работното тело може да присуствува и во работата да учествува претставник, односно повереник на Владата, претставник на орган на државната управа кога на седницата се разгледува прашање од нивниот делокруг, како и секој подносител чиј предлог се разгледува.

На седница на работното тело кога се разгледува предлог на закон или друг акт во второ читање задолжително присуствува и во работата учествува претставник на Владата и претставник на подносителот чиј предлог се разгледува.

На седницата на работното тело може да присуствува и овластениот преставник на предлагачот на закон поднесен од најмалку 10.000 избирачи.

Пратеник кој не е член на работното тело има право да присуствува на седницата на работното тело и да учествува во неговата работа, без право на одлучување.

Член 122

Работните тела, заради извршување на работите и задачите од својот делокруг, можат да бараат податоци и информации од органите на државната управа и од други органи и организации.

Работното тело може на седницата да поканува научни, стручни и јавни работници и претставници на општините, на градот Скопје, на јавните претпријатија, синдикатите и на други организации, институции и здруженија заради изнесување на мислења по прашањата што се разгледуваат  на седницата на телото.

Член 123

Работните тела не можат да имаат истражни или други судски функции.

Член 124

Дневниот ред на седницата на работното тело се утврдува на почетокот на седницата.

Во дневниот ред може да се внесат и прашања што ги предложиле пратениците, претседателот на Собранието и Владата.

Иницијативи за расправа по одделни прашања на работното тело можат да дадат и други работни тела на Собранието, органи на државната управа, општините, градот Скопје, институциите, здруженијата на граѓаните.

Член 125

Предлозите на законите и други акти ги разгледуваат матичното работно тело и Законодавно-правната комисија.

Предлозите на законите и други акти можат да ги разгледуваат и други работни тела (заинтересирано работно тело).

Матичното работно тело зазема став по мислењата и предлозите на заинтересирано работно тело.

На седница на матичното работно тело на која се расправа за мислењето на заинтересираното работно тело се поканува и претставник на заинтересираното  работно тело.

Претседателите на матичното и на заинтересираното работно тело можат да се согласат да одржат заедничка седница. Работните тела на заедничката седница гласаат одвоено.

Ако матичното работно тело не го усвои мислењето на заинтересираното работно тело известителот на заинтересираното работно тело може мислењето да го изнесе на седница на Собранието.

Работните тела можат да соработуваат со соодветните работни тела на парламентите на другите држави и на меѓународни организации.

Член 126

За присуството на членовите на работното тело се води евиденција.

Членот на работното тело, кој е спречен да присуствува на седница е должен за тоа навреме да го извести претседателот на работното тело.

На член на работно тело кој отсуствува најмалку три пати од седницата на работно тело, а за тоа не го известил претседателот на работното тело, му се одбива 5% од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на изборите и именувањата. 

Работното тело може да предложи Собранието да  разреши  член на работното тело кој три пати едноподруго неоправдано отсуствувал од седниците на телото.

Член 127

За проучување на одделни прашања од својот делокруг или за подготвување на предлози на акти, работните тела можат да основаат работни групи. Членовите на работните групи се определуваат од редот на членовите на работното тело, пратениците, научните, стручните и јавните работници, како и од претставници на органите на државната управа и од други органи и организации.

Работните групи дејствуваат во рамките на работното тело и не можат самостојно да истапуваат.

Работните групи на работното тело му доставуваат извештај.

Член 128

Работното тело зазема став за секое прашање што го разгледува и поднесува извештај до Собранието.

Претресот по одделно прашање може да заврши и со прост премин.

Расправата на седницата на работното тело се води без оглед на бројот на присутни членови на работното тело.

Работното тело зазема став со мнозинство гласови од присутните членови, а најмалку со една третина од вкупниот број членови.

Извештајот го содржи ставот на работното тело со образложение. Во извештајот се внесуваат и сите изнесени и издвоени мислења и предлози по прашањето што било разгледувано на седницата на работното тело.

Претседателот на работното тело го потпишува извештајот и е одговорен за неговата веродостојност.                               

Член 129

Работното тело определува известител. Известител на работното тело по правило е претседателот, а за одделни точки од дневниот ред работното тело може да определи и друг член за известител.

Известителот на работното тело на седницата на Собранието ги застапува ставовите на работното тело.

Известителот не може да го менува ставот на работното тело или да се откаже од него, ако за тоа не го овластило  работното тело. 

Член 130

Матичното работно тело и Законодавно-правната комисија можат да му предложат на Собранието да го одложи претресот по одделно прашање.

Член 131

За седниците на работното тело се води записник.

Во записникот се внесуваат имињата на присутните и отсутните членови на работното тело и имињата на други учесници на седницата, усните и писмените предлози, ставовите на работното тело, резултатите на секое гласање, секое издвоено мислење, како и известителите кои ги определило работното тело.

Записникот усвоен од седницата на работното тело го потпишуваат претседателот и секретарот на работното тело.


IX. ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНИ И ДРУГИ АКТИ

1. Поведување на постапка

Член 132

Право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата и најмалку 10.000 избирачи (овластен предлагач на закон).                            

Член 133

Иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи, може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија.

Иницијативата упатена до Собранието се доставува до пратениците и за тоа се известува подносителот на иницијативата.

Член 134

Ако предлагач на закон е група пратеници, еден пратеник се определува како претставник на предлагачот. Ако тој не е определен, се смета дека претставник на предлагачот е првиот потпишан пратеник.

2. Содржина на предлогот на закон

Член 135

Предлогот  на закон содржи назив на законот, вовед, текст на одредбите на законот и образложение.

Воведот содржи:

- оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и причините за донесување на законот,

- целите, начелата и основните решенија на предлогот на закон,

- оцена на финансиските последици од предлогот на закон врз Буџетот и другите јавни финансиски средства и

- процена на финансиските средства потребни за спроведување на законот и начинот на нивното обезбедување, како и податоци за тоа дали спроведувањето на законот повлекува материјални обврски за одделни субјекти.

Воведот може да содржи:

- преглед на регулативи од други правни системи  и усогласеност на предлогот на закон со правото на Европската унија,

- преглед на законите што треба да се изменат со донесувањето на законот и прописите што треба да се донесат за спроведување на законот и 

- други последици што ќе произлезат од предложените решенија.

Кога предлогот на закон содржи одредби со кои се врши усогласување со правото на Европската унија, во воведот се наведуваат и податоци за изворниот акт на Европската унија со полн назив, број и датум.

Со предлогот на закон се поднесува и изјава за усогласеност, потпис на надлежниот министер и јасно наведување на правниот акт на Европската унија со кој е извршено усогласувањето.

Образложението содржи објаснување на содржината на одредбите од предлогот на законот, меѓусебната поврзаност на решенијата содржани во нив и последиците што ќе произлезат од предложените решенија.

Ако предлогот на закон содржи одредби кои имаат повратно дејство, предлагачот е должен посебно да ги образложи причините за нивното предлагање.

Подносителот на предлогот на закон со кој се вршат изменувања и дополнувања на законот, кон предлогот на законот доставува и текст на одредбите на постојниот закон што се менуваат,  односно се дополнуваат.

Член 136

Ако предлогот на закон не е подготвен во согласност со одредбите на овој деловник, претседателот на Собранието, пред да го достави на пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи со одредбите на овој деловник. Ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена од барањето на претседателот на Собранието се смета дека предлогот на законот не е поднесен.

3. Поднесување и упатување на предлогот на закон 

Член 137 

Предлогот на закон се поднесува до претседателот на Собранието. 

Претседателот на Собранието веднаш, а најдоцна во рок од три работни дена од денот на поднесувањето,  го доставува до пратениците, во писмена или електронска форма, со што започнува законодавната постапка.

Член 138

Предлогот на закон што не го поднела Владата, претседателот на Собранието ќе го достави до Владата, заради давање на мислење.

Ако Владата не достави мислење, Собранието и работните тела, предлогот на закон го разгледуваат без мислење.           

4. Прво читање

4.1. Разгледување на предлог на закон во работните тела

Член 139

Собранието, матичното работно тело и Законодавно-правната комисија во првото читање одржуваат општ претрес по предлогот на законот.

Член 140

Пред предлогот на закон да се претресе на седницата на Собранието, го разгледува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија во рок од три работни дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието.

 Ако предлогот на закон содржи одредби со кои се ангажираат финансиски средства, предлогот може да го разгледа работното тело во чиј делокруг спаѓаат прашањата на буџетот и финансиите во поглед на влијанието на овие одредби врз средствата со кои се располага и на можните извори за финансирање на предложените решенија.

Член 141

Матичното работно тело го разгледува предлогот на законот од гледна точка на потребата од донесување на законот, начелата врз кои треба да се засновува законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување.

Законодавно-правната комисија го разгледува предлогот на законот од гледна точка на потребата од донесување на законот и неговата усогласеност со Уставот.

Член 142

Извештаите на матичното работно тело и на Законодавно-правната комисија  содржат мислење за тоа дали предлогот на законот е прифатлив и дали треба да се даде на натамошно читање.

Извештаите по предлогот на законот се доставуваат до претседателот на Собранието, кој ги  доставува до сите пратеници, до предлагачот на законот и до Владата ако таа не е предлагач.

4.2. Разгледување на предлог на закон на седница на Собранието

Член 143

Седница на Собранието за прво читање на предлог на закон се одржува во рок од десет работни дена од денот на донесувањето на решението за свикување на седницата, но не подолго од 20 работни дена од денот на доставувањето на предлогот на законот до пратениците.

Член 144

По општата расправа Собранието одлучува дали предлогот на законот може да се даде на второ читање.

Ако Собранието одлучи дека предлогот на законот е прифатлив и може да се даде на натамошно читање се продолжува со законодавната постапка.

Ако Собранието одлучи дека предлогот на законот не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање, законодавната постапка се прекинува. Истиот предлог на закон не може повторно да се поднесе во рок од три месеца.

Член 145

За предлогот на закон кој е од поширок интерес,  Собранието по општата расправа, може да одлучи по тој закон да се спроведе јавна дискусија и да определи матично работно тело што ќе ја организира јавната дискусија.

Член 146

Работното тело кое ја организира јавната дискусија ќе:

- се грижи предлогот  на законот да се објави за да им биде достапен на граѓаните, јавните установи, институциите, здруженијата на  граѓаните, политичките партии, синдикатите и други заинтересирани субјекти, 

- обезбеди собирање и средување на мислењата и предлозите што биле изнесени во текот на јавната дискусија и 

- подготви извештај за резултатите од јавната дискусија.

 За извршувањето на задачите од ставот 1 на овој член, матичното работно тело може да основа посебна работна група.       

Член 147

Предлогот на законот што се става на јавна дискусија се објавува во дневниот печат што ќе го определи надлежното работно тело.

Со предлогот на законот се објавува и повик за доставување мислења и предлози и се определува рокот во кој тие можат да се доставуваат.

Член 148

Врз основа на мислењата и предлозите изнесени во јавната дискусија, матичното работно тело подготвува извештај и го доставува до Собранието заедно со предлогот на закон за второто читање.

5. Второ читање   

5.1. Разгледување на предлог на закон  во работните тела  

Член 149

Второто читање се врши во матичното  работно тело и во Законодавно-правната комисија,  во рок од седум работни дена по одржаната  седница на Собранието.

Матичното  работно тело и Законодавно-правната комисија, ги претресуваат одредбите од предлогот на законот поединачно и поднесените  амандмани и гласаат по нив. Работните  тела можат да поднесат и свои амандмани.

Член 150

Предлогот за изменување или дополнување на предлогот на законот се поднесува во форма на амандман.

Амандман може да поднесе секој пратеник во Собранието, пратеничка група и работно тело.

Амандманот се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и мора да биде образложен и потпишан од предлагачот.

Ако амандманот содржи одредби со кои се ангажираат финансиски средства, предлагачот на амандманот е должен истовремено да укаже и на можните извори за обезбедување на тие средства.

Член 151

Амандман може да се поднесе најдоцна два дена пред одржување на седницата на матичното работно тело или на Законодавно-правната комисија. 

Ако предлогот на законот се предлага да биде донесен во скратена постапка, амандман може да се поднесе до почетокот на седницата за второто читање на предлогот на законот.

Кога законот се носи по итна постапка амандман може да се поднесе до завршување на претресот.

По исклучок, амандман може да се поднесе до крајот на претресот по предлогот на законот, ако со него се врши  усогласување на одредбите во текстот што се измениле поради претходно усвојување на еден или повеќе амандмани.

Член 152

Претседателот на Собранието амандманите веднаш ги доставува до пратениците, матичното работно тело и Законодавно-правната комисија.

Член 153

За секој амандман се води претрес и се гласа одделно.           

Ако на иста одредба од предлогот на законот се поднесени два или повеќе различни амандмани, за амандманите се гласа според редот по кој се поднесени.

Ако со некој од амандманите се предлага бришење на одделна одредба од предлогот на законот, прво се гласа за тој амандман и ако амандманот се усвои, не се гласа за другите амандмани на тој член.    

Ако на иста одредба се поднесени два или повеќе амандмани со слична содржина, на предлог на претседателот, работното тело може да одлучи по амандманите да се води единствен претрес, а да се гласа за секој амандман одделно.

Подносителот на амандман може да го измени, дополни или повлече амандманот до завршувањето на претресот по амандманите на членот на кој тој поднел амандман.

Член 154

Во случај кога со предлог на закон се менува или дополнува закон, може да се поднесат амандмани само за членовите кои со предлогот на закон се менуваат или дополнуваат.

По исклучок амандман може да се поднесе за внесување на преодни и завршни одредби на предлогот на законот.

Ако амандманот на предлогот на законот содржи одредби со кои се ангажираат финансиски средства, претседателот на Собранието веднаш го доставува и на работното тело во чиј делокруг спаѓаат прашањата на буџетот и финансиите, за да го проучи влијанието на амандманот врз средствата со кои се располага и можните извори за финансирање на предложените решенија и за тоа да го извести матичното работно тело и Законодавно-правната комисија.

Член 155

Матичното работно тело и Законодавно-правната комисија, по завршувањето на претресот најдоцна во рок од пет дена подготвуваат текст на предлогот на законот во кој се вградуваат усвоените амандмани  (дополнет предлог) и образложение.

Во образложението се наведуваат разликите на решенијата од текстот на предлогот на законот и дополнетиот  предлог, како и причините за тие измени. Ако во дополнетиот  предлог постојат одредби со повратно дејство тие посебно се образложуваат.

Ако при подготвување на дополнетиот  предлог, се појават разлики во ставовите на матичното работно тело и на Законодавно-правната комисија, тие одржуваат заедничка седница заради усогласување на ставовите.

Ако матичното работно тело и Законодавно-правната комисија не ги усогласат ставовите, за тоа одлучува Собранието.

5.2. Разгледување на предлог на закон на седница на Собрание

Член 156

На второто читање на седница на Собрание се води претрес само по оние членови од предлог на закон што се изменети со амандмани на работните тела и само на тие членови може да се поднесат амандмани.

Амандмани можат да поднесат пратеничка група, секој (еден) пратеник и предлагачот, најдоцна во рок од три дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието.

Ако предлогот на законот се предлага да биде донесен во скратена постапка, амандман може да се поднесе до почетокот на седницата за второто читање на предлогот на законот.

По исклучок, амандман може да се поднесе до крајот на претресот по предлогот на законот, ако со него се врши  усогласување на одредбите во текстот што се измениле поради претходно усвојување на еден или повеќе амандмани.

Кога законот се носи по итна постапка амандман може да се поднесе до завршување на претресот.

Поднесувањето и гласањето по амандманите на седница на Собранието се врши согласно со членовите 151, 153 и 154, доколку со овој деловник поинаку не е определено.

Само подносителот на амандманот може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење  од вкупно три минути. 

Доколку подносители на амандман се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно  три минути.

Член 157

(Укинат со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија" број 14/2010)

Член 158

Амандманот се усвојува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, без оглед на мнозинството гласови потребно за донесување на законот, утврдено со Уставот.

Амандманот на подносителот на предлогот на законот и амандманот со кој тој се согласил се смета за составен дел на предлогот на законот.

Член 159 е избришан

Член 160

Ако се усвоени амандмани на повеќе од една третина од членовите на дополнетиот предлог на закон, по завршеното второ читање се подготвува и правно-технички се уредува текстот на законот за трето читање.

Ако законот е поднесен од Владата, Собранието може во случајот од  ставот 1 на овој член, да одлучи Владата да го изготви текстот на предлогот на законот за третото читање.

Ако матичното работно тело и Законодавно-правната комисија констатираат дека одделни одредби од предлогот на закон при усвојување на амандманите во второто читање меѓу себе се неусогласени или не се во согласност со Уставот или други закони за тоа го известуваат Собранието и предлагаат можни решенија.

Член 161

Ако на второто читање на седница на Собранието се усвоени амандмани на помалку од една третина од членовите на изменетиот предлог на закон, Собранието може  да одлучи третото читање на предлогот на закон да се одржи на истата седница.

Претседавачот одлучува дали третото читање ќе се одржи веднаш по усвојувањето на одлуката од ставот 1 на овој член.

Член 162

Ако Собранието во текот на второто читање не усвои ниеден амандман на дополнетиот предлог на закон, се преминува на гласање по предлогот  на законот на истата седница.

6. Трето читање

6.1. Разгледување на предлог на закон на седница на Собрание

Член 163

Третото читање на предлогот на законот по правило се одржува на првата наредна седница по второто читање на седница на Собранието. Во оваа фаза работните тела не расправаат.   

Член 164

Во текот на третото читање Собранието расправа и одлучува само по членовите на дополнетиот предлог на закон за кои се поднесени амандмани и одлучува за предлогот на законот во целина.

Во текот на третото читање на предлог законот, амандмани можат да се поднесат само на членовите на кои биле усвоени амандмани во текот на второто читање на седница на Собранието.

Амандман може да поднесе предлагачот и пратеник, најдоцна во рок од два дена пред денот определен за одржување на седница на Собрание.

Претресот по амандманите  се одвива во согласност со членот 153 на овој деловник.

7. Гласање и изјаснување на седница на Собрание

Член 165

Претседателот на Собранието може расправата по предлогот на законот, амандманите и другите акти од надлежност на Собранието да ја заклучи, а за гласањето по истите да определи ден и час кога Собранието ќе се изјасни.

Собранието се изјаснува по предлогот на законот, амандманите и другите акти од надлежност на Собранието без расправа.

8. Мнозинство потребно за донесување на закон

Член 166

Законите се донесуваат со мнозинството гласови на пратениците утврдено во Уставот на Република Македонија и закон.

9. Итна постапка за донесување на закон

Член 167

По исклучок закон може да се донесе и по итна постапка.

По итна постапка може да се донесе закон кога тоа е неопходно заради спречување и отстранување на поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката или во случаи на поголеми природни непогоди, епидемии или други вонредни и неодложни потреби.

Предлогот, законот да се донесе по итна постапка, предлагачот е должен да го образложи. 

Кон предлогот, законот да се донесе по итна постапка се поднесува и предлогот на законот  чие донесување се предлага.

Член 168

За оправданоста на предлогот, законот да се донесе по итна постапка, одлучува Собранието без претрес.

Ако Собранието одлучи да расправа по предлогот, законот да се донесе по итна постапка, ги задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на законот. 

Член 169

Кога предлог на закон се разгледува по итна постапка, не се одржува општ претрес. Второто и третото читање се одржуваат на иста седница. Во тој случај второто читање започнува со претрес по предлогот на законот во согласност со одредбите од овој деловник за второто читање.

Кога по предлог на закон се расправа по итна постапка не важат временските ограничувања од овој деловник.

Собранието може да побара од матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да се изјаснат по амандманите поднесени по завршувањето на нивните седници.

10. Скратена постапка за донесување на закон

Член 170

Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога:

- не е во прашање сложен и обемен  закон,

- престанок на важноста на некој закон или  одделни одредби од некој закон или

- не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија.

Член 171

Ако Собранието одлучи да расправа, предлогот на законот да се донесе по скратена постапка, претседателот на Собранието веднаш го задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на законот.

Кога предлогот на законот се разгледува по скратена постапка  Собранието одржува општ претрес.

Второто и третото читање се одржуваат на иста седница. Во тој случај второто читање започнува со претрес по предлогот на законот во согласност со одредбите од овој деловник за второ читање. Амандмани можат да се поднесат на седницата до почетокот на третото читање на предлогот на законот.

11. Потпишување и објавување на актите

Член 172

Текстот на законот не се потпишува.

Другите прописи и општи акти што ги донесува Собранието, ги потпишува претседателот на Собранието.

Актите што самостојно ги донесуваат работните тела ги потпишува претседателот на телото што го донело актот.

Член 173

Претседателот на Собранието, веднаш по донесувањето,  законот го доставува до претседателот на Републиката заради потпишување на указот за прогласување на законот.

Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот.

По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.

Член 174

Законите, другите прописи и општи акти пред да влезат во сила се објавуваат во "Службен весник на Република Македонија". 

Заклучоците на Собранието се објавуваат во гласилото на Собранието, а ако Собранието одлучи и во "Службен весник на Република Македонија".

Заклучоците на работните тела, ако тие одлучат, се објавуваат во гласилото на Собранието.

12. Автентично толкување на закон

Член 175

Барање за давање на автентично толкување на закон може да поднесе секој пратеник, Владата, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Јавниот обвинител на Република Македонија, народниот правобранител, градоначалниците на општините и на градот Скопје и советите на општините и на градот Скопје, доколку потребата од автентично толкување настанала во врска со примена на законите во нивното работење.

Член 176

Барањето за давање на автентично толкување на закон се поднесува до претседателот на Собранието и содржи назив на законот, одредбите на кои се бара толкување и причините за тоа.

Барањето за давање на автентично толкување на закон, претседателот на Собранието го упатува до Законодавно-правната комисија и до Владата.

По барањето за давање на автентично толкување на закон, Законодавно-правната комисија може да бара мислење од матичното работно тело на Собранието.

Законодавно-правната комисија, откако ќе прибави мислења од Владата и од матичното работно тело, оценува дали барањето за давање на автентично толкување е оправдано.

Ако Законодавно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано, изготвува предлог на автентично толкување и  го доставува до Собранието.

По предлогот за автентично толкување на закон и евентуално по поднесени амандмани, Собранието расправа и одлучува на иста седница.

Предлогот на автентичното толкување се усвојува со истото мнозинство со кое се донесува законот на кој се дава автентичното толкување.

Автентичното толкување се објавува во "Службен весник на Република Македонија". 

Ако Законодавно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, ќе поднесе извештај на Собранието, кое одлучува по барањето. За одлуката на Собранието се известува подносителот на барањето. 

13. Постапка за утврдување пречистен текст на закон

Член 177

Ако законот е повеќе пати изменуван или дополнуван, или ако со законот се вршат пообемни изменувања и дополнувања, предлагачот на законот може да предложи да се утврди пречистен текст на законот.

Ако оцени дека тоа е оправдано, Собранието со законот од ставот 1 на овој член ќе ја овласти Законодавно-правната комисија да утврди пречистен текст на законот и да го објави во "Службен весник на Република Македонија" во рок од 30 дена од денот на објавувањето на законот за изменување и дополнување на законот во "Службен весник на Република Македонија". 

Пречистениот текст на законот го изготвува предлагачот на законот и на Законодавно-правната комисија и го поднесува за утврдување во рок од 15 дена од денот на објавувањето на законот за изменување и дополнување на законот во "Службен весник на Република Македонија".

14. Постапка по предлози на закони  по истекот на мандатот на  составот на Собранието                                                                               

Член 178

Со истекот на мандатот на составот на Собранието завршуваат сите законодавни постапки и постапки за донесување на други акти започнати во мандатниот период. 

По исклучок продолжува законодавната постапка започната на предлог на 10.000 избирачи, на Владата доколку во рок од 30 дена од нејзиниот избор Владата извести дека тоа е потребно, како и постапките започнати на предлог на пратениците од претходниот состав, а пратениците го презеле во рок од 30 дена од конституирањето на Собранието.

15. Постапка за донесување на Буџет на Република Македонија и Завршна сметка на Буџетот

Член 179

Предлогот на Буџетот на Република Македонија го поднесува Владата со  потребната документација, согласно со  закон.

Член 180

По предлогот на Буџетот на Република Македонија се води претрес како по предлог на закон во второ читање, со тоа што е задолжителен  општ претрес.

Претресот по предлогот на Буџетот трае најмногу пет дена.

Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути.

 Дополнетиот предлог по претресот во матичното работно тело и Законодавно-правната комисија го подготвува Владата.

Дополнетиот предлог на Буџетот  претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вградила амандманите со кои се согласила и потребните изменувања и дополнувања на предлог на Буџетот. Кон дополнетиот предлог на Буџетот се доставува и образложение.

Член 181

Одредбите на овој деловник што се однесуваат на постапката за донесување на закон, соодветно се применуваат и во постапката за донесување на Буџетот на Република Македонија и на Завршната сметка на Буџетот.

16. Постапка за  донесување на Деловник на Собранието и на други прописи и општи акти и материјали

16.1. Деловник на Собранието

Член 182

Предлог на деловник на Собранието може да поднесе секој пратеник и матично работно тело.

Во постапката за донесување на деловник на Собранието соодветно се применуваат одредбите што се однесуваат на поднесување и претресување на предлог на закон.

16.2. Декларации, резолуции, одлуки и препораки

Член 183

Со декларација се изразува општиот став на Собранието по прашања од општо политичко значење.

Со резолуција Собранието укажува на  состојбата, проблемите и мерките што треба да се преземат во одредена област.

Со препорака Собранието дава насоки за надминување на тековните состојби во одредена област.

Член 184

Право да предлага донесување на декларации, резолуции, одлуки,  препораки и други општи акти има секој пратеник, пратеничка група, работно тело и Владата.

Во постапката за донесување на декларации, резолуции, одлуки, препораки и други општи акти, соодветно се применуваат одредбите на овој деловник што се однесуваат на предлогот на закон во второ читање, со тоа што е задолжителна општа расправа.

16.3. Претресување на анализи, извештаи, информации и други материјали

Член 185

Собранието може да претресува анализи, извештаи, информации и други материјали што  се доставени од Владата и други овластени предлагачи.

Собранието може да претресува и информации доставени од Владата до пратеникот по негово барање, доколку пратеникот тоа го предложи.

Претресот по материјалите од ставовите 1 и 2 на овој член, по правило, завршува со донесување на заклучок.

17. Потврдување и давање согласност на статути и други општи акти

Член 186

Статутите и другите општи акти за кои врз основа на закон Собранието е надлежно да ги потврдува или да дава согласност, претседателот на Собранието ги доставува до Законодавно-правната комисија и до матичното работно тело, а пратениците ги известува дека се примени и дека се наоѓаат  во Документацијата на Собранието.

Статутите и другите општи акти се доставуваат и до Владата, која по нив дава мислење во рок од 30 дена од денот на приемот.

Член 187

Усогласените забелешки на матичните работни тела по статутот, односно другиот општ акт, Законодавно-правната комисија ги доставува до подносителот и определува рок во кој треба да се изјасни по забелешките.

Кога матичните работни тела и Законодавно-правната комисија по приемот на статутот, односно другиот општ акт, ќе утврдат дека подносителот постапил по забелешките во рок од 30 дена од приемот на актот, на Собранието му поднесуваат извештај и предлог на одлука за потврдување, односно за давање согласност на актот.

Кога матичното работно тело и Законодавно-правната комисија ќе утврдат дека подносителот на статутот, односно другиот општ акт не постапил по забелешките, за тоа на Собранието ќе му поднесат извештај.

18. Постапка за ратификација на меѓународни договори

Член 188

Ратификација на меѓународен договор се врши со закон.

Предлог на закон за ратификација на меѓународни договори поднесува Владата.

Постапка за донесување на законот за ратификација на меѓународен договор, поведува Владата со поднесување на предлог на закон за ратификација.

Предлогот на законот за ратификација на меѓународниот договор го содржи текстот на меѓународниот договор чија ратификација се предлага.

Образложението на предлогот на законот за ратификација на меѓународен договор содржи уставна основа, причините поради кои се предлага ратификацијата на меѓународниот договор, оцена за тоа дали меѓународниот договор бара донесување на нови или измена на важечките закони, како и оцена за потребата од ангажирање финансиски средства од Буџетот на Република Македонија за спроведувањето на меѓународниот договор.

Член 189

Одредбите на овој деловник што се однесуваат на постапката за претресување на предлогот на законот во итна постапка соодветно се применуваат и во постапката за  претресување на предлогот на законот за ратификација на меѓународниот договор.

На текстот на меѓународниот договор не се вршат изменувања и дополнувања.

Член 190

Законите за ратификација на меѓународните договори и изворниот текст на меѓународните договори се објавуваат во посебен дел на "Службен весник на Република Македонија" -  Меѓународни договори.

19. Постапка по граѓанска иницијатива на државно ниво

Член 191

Претседателот на Собранието, по добивањето на предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за донесување закон, за распишување референдум на државно ниво и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, веднаш ја доставува до претседателот на Законодавно-правната комисија и до претседателот на матичното работно тело.

Законодавно-правната комисија и матичното работно тело во рок од два работни дена до претседателот на Собранието доставуваат мислење за уредноста на иницијативата.

Член 192

Ако претседателот на Собранието утврди  дека  иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела.

Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата го става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието.

Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна.

Претседателот на Собранието го известува овластениот предлагач за заклучокот на  Собранието во рок од три дена.


X. ПОСТАПКА ЗА ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


1. Предлог за пристапување кон измена на Уставот

Член 193

Предлог за пристапување кон  измена на Уставот на Република Македонија (Уставот) можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.

Член 194

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот содржи конкретни  насоки за изменување и дополнување на Уставот и образложение за причините поради кои се предлага  изменување и дополнување на Уставот.

Член 195

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на Собранието го доставува до  пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога тие не се подносители  на  предлогот.

Член 196

По предлогот за пристапување кон измена на Уставот на седницата на Собранието се води претрес во целина.

Одлуката за пристапување кон измена  на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој  подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот  на  амандманите на Уставот.

2. Нацрт на амандмани на Уставот

Член 197

Текстот на нацртот на амандманите на Уставот со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој  го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога не се предлагачи, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието. 

Член 198

Претресот во Собранието се води по текстот на нацртот на секој амандман одделно и може да се дадат мислења и предлози.

Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно.      

Нацртот на амандманите Собранието го става на јавна дискусија.

Собранието определува рок за спроведување на јавната дискусија, начинот на објавувањето на нацртот на  амандманите и рок  во кој  предлагачот како носител на јавната дискусија до Собранието поднесува извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на предлогот на амандманите на Уставот.

3. Предлог на амандмани на Уставот

Член 199

Текстот на предлогот на амандманите на Уставот со образложението и извештајот за резултатите од јавната дискусија, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.

Член 200

На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот.

По исклучок амандмани на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот може да поднесе до заклучување на претресот само заради усогласување на текстот на предлогот на амандманите кои се измениле поради усвојување на некој амандман.

Член 201

По текстот на предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот.

Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Амандманите што ги поднел предлагачот и амандманите со кои тој се согласил се сметаат за составен дел на текстот на предлогот на амандманот на Уставот.

Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници го утврдува предлогот на секој амандман одделно.

4. Донесување и прогласување на амандманите на Уставот

Член 202

Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлука за измена на Преамбулата, членовите за локалната самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77, 78, 86, 104 и 109, како и одлука за додавање на која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и тие членови, Собранието донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во  кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.

Член 203

Собранието донесува одлука за прогласување на амандманите  на Уставот со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

5. Постапка за донесување на уставен закон за спроведување на Уставот

Член 204

Право да предлага донесување на уставен закон за спроведување на Уставот има претседателот на Републиката, Владата и најмалку 30 пратеници.

Одредбите на овој деловник што се однесуваат на поднесување и претресување на закон во второ читање соодветно се применуваат и во постапката за донесување на уставен закон.

Уставниот закон се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Собранието донесува одлука за прогласување на  уставниот закон со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.


XI.  ПРЕДЛОГ ЗА ПОКРЕНУВАЊЕ ПОСТАПКА ЗА УТВРДУВАЊЕ ОДГОВОРНОСТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА

Член 205

Предлог за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Републиката, можат да поднесат  најмалку 30 пратеници.

Предлогот од ставот 1 на овој член содржи образложение за причините заради кои се покренува постапка, опис  и докази за дејствијата со кои претседателот на Републиката ги прекршил Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.
Ако предлогот не е подготвен согласно со ставот 2 од овој член претседателот на Собранието, пред да го достави до пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи во рок од пет дена.

Предлогот од ставот 1 на овој член претседателот на Собранието веднаш  го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката.

Член 206

Собранието во рок од пет дена од денот на доставувањето на предлогот, основа комисија за оценување на основаноста на предлогот.

Комисијата има претседател и десет члена кои, на предлог од Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ги избира Собранието, при што се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од пратеничките групи и пратеници кои не се организирани во пратенички групи.

Комисијата во рок од седум дена од денот на основањето поднесува извештај до Собранието.

Член 207

Претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката за основањето на комисијата од членот  206 на  овој деловник.                                     

Претседателот на Републиката до Комисијата може да достави  писмено  изјаснување  за наодите од предлогот за покренување постапка за утврдување на одговорност.

Член 208

Извештајот од Комисијата претседателот на Собранието веднаш го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и свикува седница на Собранието што ќе се одржи најдоцна  седум дена од денот на доставувањето на извештајот.

Член 209

По предлогот од членот 205 став 1 на овој деловник и по извештајот на Комисијата,  Собранието води претрес.

Право да го образложи предлогот има еден од пратениците кои го поднеле предлогот.

Право да го образложи извештајот на Комисијата има претседателот или член на Комисијата.

Претседателот на Републиката може, на седницата писмено или усно, да се изјасни по наодите од предлогот и по извештајот на Комисијата.

Член 210

Собранието одлучува за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Одлуката за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Републиката, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до Уставниот суд на Република Македонија и до претседателот на Републиката.


XII.  ОДНОСИ СО ВЛАДАТА

Член 211

Владата во Собранието ја претставува претседателот на Владата.         

Претставниците кои Владата ги определила во Собранието и во работните тела, учествуваат во работата на Собранието и на работните тела и ги изнесуваат ставовите на Владата.

Член 212

Поверениците кои Владата ги определила присуствуваат на седницата на работното тело и даваат известувања и објаснувања за прашањата од дневниот ред. 

Член 213

Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата на начин и по постапка утврдени со Уставот и со овој деловник.

1. Прашање за доверба на Владата

Член 214

Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници.

Прашањето за доверба на Владата се поднесува во писмена форма и мора да биде образложено.

Прашање за доверба на Владата може да постави и претседателот на Владата во писмена форма или усно на седницата  на Собранието.

Прашањето за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш го доставува до пратениците, Владата и претседателот на Републиката, а кога прашањето за доверба на Владата претседателот на Владата го поставува усно на седницата на Собранието, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

Прашањето за доверба на Владата  може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која ќе се расправа по прашањето за доверба на Владата.

Член 215

За поставеното прашање за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш свикува седница. Седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата.

Рокот од ставот 1 на овој член почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата.

Член 216

По поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес.

Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути.

Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата.

Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.

Член 217

Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на  поставувањето на прашањето за доверба.        

Во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува претседателот на Владата усно на седницата на Собранието, Собранието гласа за доверба на Владата на истата седница, без расправа.

Претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието.

Член 218

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата.

За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

2. Оставка на Владата

Член 219

Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка.

Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи. 

Оставката на член на Владата до претседателот на Собранието се поднесува преку претседателот на Владата.

Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката.

Оставката на член на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците.

Член 220

Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.

3. Разрешување

Член 221

Предлогот за разрешување на член на Владата, претседателот на Владата го поднесува во писмена форма до претседателот на Собранието и може да го образложи.

По предлогот за разрешување на член на Владата, Собранието одлучува на првата наредна седница.

По предлогот за разрешување на член на Владата се отвора претрес.

Членот на Владата за кого е поднесен предлог за разрешување  може да се изјаснува по предлогот во траење од 15 минути.

Член 222

Предлогот на претседателот на Владата за разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата се доставува до претседателот на Собранието.

За предлогот од ставот 1 на овој член Собранието одлучува како за избор на нова Влада.


XIII. МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА НА СОБРАНИЕТО

Член 223

Собранието на Република Македонија, за остварување на меѓународната соработка, основа постојани делегации во меѓународните парламентарни собранија, чијшто член,  односно придружен член е Собранието, пратенички групи за соработка со други парламенти, а може да основа и мешовити работни тела со други парламенти, меѓународни парламентарни организации и институции, повремени делегации и други облици за соработка.

Делегациите, работните тела, пратеничките групи за соработка, мешовитите работни тела и пратениците, за остварената меѓународна активност поднесуваат извештај до претседателот на Собранието, кој го доставува до пратениците, а по потреба и до други државни органи и институции.

Член 224

Планирањето на меѓународната соработка на Собранието се остварува во рамките на календарските активности на организациите и институциите во кои членува  или со кои соработува Собранието, како и врз основа на изразените и усогласени интереси за билатерална соработка.       


XIV. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА СОБРАНИЕТО 

Член 225

Собранието обезбедува информирање на јавноста за работата на Собранието и на работните тела, како и на постојаните делегации во меѓународните организации.

Член 226

Граѓаните на Република Македонија можат да ги следат седниците на Собранието и на работните тела од галериите, во согласност со прописите за внатрешниот  ред на Собранието.

Член 227

Претставниците на средствата за јавно информирање, во согласност со прописите за внатрешниот ред на Собранието, можат да присуствуваат на седниците на Собранието и на седниците на работните тела заради известување на јавноста за нивната работа. 

Член 228

На претставниците на средствата за јавно информирање им се ставаат на располагање актите што ги разгледува и донесува Собранието, информативните и документационите материјали за прашањата што се разгледуваат во Собранието и во работните тела, извештаите за работата на работните тела и записниците од седниците, освен ако Собранието, односно работното тело одлучило одделно прашање да се разгледува без присуство на претставниците на средствата за јавно информирање.

Член 229

Начинот на остварување на правата, должностите и одговорноста на претставниците на средствата за јавно информирање во Собранието, се уредува со акт што го донесува претседателот на Собранието.

Член 230

Собранието и надлежните работни тела можат да одлучат  предлогот на законот или на друг општ акт кој се претресува во Собранието, а кој е од посебен интерес за јавноста, да се објави преку печатот или во посебна публикација.

Член 231

Собранието и работните тела можат да одлучат, заради известување на јавноста за работата на Собранието, да се даде соопштение за средствата за јавно информирање по седницата на Собранието или на работното тело што е одржана без присуство на јавноста, односно без присуство на претставници на средствата за јавно информирање, како и во други случаи кога за тоа ќе одлучи Собранието или работното тело.

Член 232

Конференција за печат во врска со работата  на Собранието се одржува кога за тоа ќе одлучи  претседателот на Собранието, пратеничка група, работно тело или шефот на делегацијата која престојувала во странство, кои определуваат и претставник кој ќе ја одржи конференцијата за печатот.

Член 233

Собранието има веб страница на која се внесуваат општи податоци за Собранието, работните тела, претседателот на Собранието, пратениците, пратеничките групи, делегациите на Собранието, донесените закони, седниците и другите активности на Собранието, за Службата на Собранието и други податоци поврзани со организацијата и работата на Собранието.

Член 234

Заради известување за својата работа, Собранието издава гласило и други публикации.

Гласилото се доставува до сите пратеници во Собранието и се става на веб страницата на Собранието.


XV.  СЛУЖБА НА СОБРАНИЕТО

Член 235

Стручните и другите работи за потребите на Собранието, работните тела и пратениците ги врши Службата на Собранието (Службата).

Организацијата и задачите на Службата се утврдува со акт што го донесува Собранието  во согласност со закон и овој деловник.

Со Службата раководи генералниот секретар на Собранието.

Член 236

Одржувањето на редот во зградата на Собранието и во просториите во кои работи Собранието го обезбедува посебна служба.

Овластените службени лица на органите на државната управа не можат без одобрение од претседателот на Собранието да имаат пристап во просториите од ставот 1 на овој член, ниту да преземаат мерки спрема пратениците, работниците во Службата и спрема други граѓани.

Носење оружје во зградата на Собранието не е дозволено, освен за лицата овластени за одржување на редот во зградата на Собранието.


XVI.  ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 237

(член 237 од Деловникот објавен во "Службен весник на Република Македонија" број 91/2008)

Генералниот секретар на Собранието е должен најдоцна  во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој деловник  да ги изготви правилниците за организација и делокруг и за систематизација на работните места на Службата и да  ги достави до Комисијата за прашања на изборите и именувањата заради давање на мислење.

Член 238

(член 238 од Деловникот објавен во "Службен весник на Република Македонија" број 91/2008)

До започнувањето на примената на Главата IX- Донесување на закони и други акти од овој деловник за сите доставени предлози за донесување на закони, предлози на закони и други акти, ќе се применува Главата X-Донесување на закони и други прописи од Деловникот на Собранието на Република Македонија ("Службен весник на Република Македонија" број 60/2002). 

Член 239

(член 239 од Деловникот објавен во "Службен весник на Република Македонија" број 91/2008)

Со денот на влегувањето во сила на овој деловник престанува да важи Деловникот на Собранието на Република Македонија ("Службен весник на Република Македонија" број 60/2002),освен одредбите од Главата X - Донесување на закони и други прописи, кои ќе се применуваат три месеци по денот на влегувањето во сила на овој деловник.

Член 240

(член 240 од Деловникот објавен во "Службен весник на Република Македонија" број 91/2008)

Овој деловник влегува во сила со денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија", а одредбите од Главата IX -  Донесување на закони и други акти ќе започнат да се применуваат по три месеца од денот на неговото влегување во сила.



 

Деловник на Собранието на Република Македонија (Пречистен текст)

Click