Врз основа на членовите 61 став 2 и 66 став 4 од Уставот на Република Македонија,  Собранието   на   Република  Македонија,   на седницата  одржана  на  12 февруари  2013 година, донесе



Деловник
за изменување и дополнување
на Деловникот на Собранието на Република Македонија


Член 1

Во Деловникот на Собранието нa Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 91/2008 и 119/10), во Главата IX ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНИ И ДРУГИ АКТИ по членот 171 се додава нов наслов 10-а  и  пет нови члена 171-а, 171-б, 171-в, 171-г и 171-д, кои гласат:

„10-а. Разгледување на седница на работно тело на предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за финансиите и буџетот, предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за економските прашања и на предлог на закон со кој се врши усогласување со правото на Европската унија

Член 171-а
Општиот претрес по предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за финансиите и буџетот, по предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за економските прашања и по предлог на закон со кој се врши усогласување со правото на Европската унија, во матичното работно тело и во Законодавно-правната комисија може да трае најмногу три работни дена.

Член на работното тело и пратеник во текот на општиот претрес може да говорат повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути.

Предлагачот и претставникот на Владата, кога Владата не е предлагач, може да говорат повеќе пати но не повеќе од 15 минути вкупно.

Доколку подносители на предлог закон се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и да говори по предлог на законот во времетраење од вкупно 15 минути.

Член 171-б
Одредбите на овој деловник што се однесуваат на постапката за разгледување на предлог на закон во работните тела во прво читање соодветно се применуваат и при општиот претрес на предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за финансиите и буџетот, предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за економските прашања и по предлог на закон со кој се врши усогласување со правото на Европската унија.

Член 171-в
Второто читање по предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за финансиите и буџетот, по предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за економските прашања и по предлог на закон со кој се врши усогласување со правото на Европската унија во матичното работно тело и во Законодавно-правната комисија може да трае најмногу три работни дена.

Член на работното тело и пратеник во текот на претресот по амандман може да говорат само еднаш во траење од десет минути. Координатор на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група во претрес по амандман може да говори само еднаш во траење од 15 минути.

Само подносителот на амандманот може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно десет минути, а доколку подносители на амандман се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно десет минути.

Член 171-г
Одредбите на овој деловник што се однесуваат на постапката за разгледување на предлог на закон во работните тела во второ читање соодветно се применуваат и при второто читање на  предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за финансиите и буџетот, предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за економските прашања и по предлог на закон со кој се врши усогласување со правото на Европската унија.

Член 171-д
Расправата во матичното работно тело и во Законодавно-правната комисија по предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за финансиите и буџетот, по предлог на закон од надлежност на матичното работно тело за економските прашања и по предлог на закон со кој се врши усогласување со правото на Европската унија кои се разгледуваат по скратена или итна постапка, може да трае најмногу два работни дена.

Член на работното тело и пратеник во текот на претресот по амандман може да говори само еднаш во траење од 10 минути. Координатор на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група во претрес по амандман може да говори само еднаш во траење од 15 минути.

Само подносителот на амандманот може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно десет минути, а доколку подносители на амандман се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно десет минути.“

Член 2

Во членот 180 ставовите 2, 3, 4 и 5 се бришат.

Член 3

По членот 180 се додаваат два нови члена 180-а и 180-б, кои гласат:

„Член 180-а
Претресот (општиот претрес и претресот по амандманите) по предлогот на буџетот на седницата на матичното работно тело и на Законодавно-правната комисија може да трае најмногу вкупно десет работни дена. Член на работното тело и пратеник во текот на општиот претрес може да говорат повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата во општиот претрес може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно.

Пратеникот во текот на претресот по амандманите може да говори само еднаш во траење од десет минути. Координатор на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група во претрес по амандман може да говори само еднаш во  траење од 15 минути. Претставникот на Владата во однос на прифатливоста на амандман може да говори само еднаш во траење од 5 минути.

Само подносителот на амандманот може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно десет минути, а доколку подносители на амандман се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути.

Дополнетиот предлог по претресот во матичното работно тело и Законодавно-правната комисија го подготвува Владата. Дополнетиот предлог на Буџетот претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вградила амандманите со кои се согласила и потребните изменувања и дополнувања на предлог на Буџетот. Кон дополнетиот предлог на Буџетот се доставува и образложение.

Член 180-б
Претресот по предлогот на Буџетот, односно по дополнетиот предлог на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу пет дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.“

Член 4

Во членот 196 став 1 по зборовите: „се води претрес во целина“ точката на крајот од ставот се брише и се додаваат зборовите: „кој може да трае најмногу десет работни дена. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно.“

По ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

„Претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања може да трае најмногу десет работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно.“
Ставовите 2 и 3 стануваат ставови 3 и 4.

Член 5

Во членот 198 став 1 се додаваат две нови реченици кои гласат: „Претресот може да трае најмногу три работни дена по текстот на  нацртот на секој амандман одделно. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.“

По ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

„Претресот во Комисијата за уставни прашања и во Законодавно-правната комисија може да трае најмногу три работни дена по текстот на  нацртот на секој амандман одделно. Член на Комисијата за уставни прашања и на Законодвно-правната комисија и пратеник во текот на претресот може да говорат повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.“

Ставовите 2, 3 и 4 стануваат ставови 3, 4 и 5.

Член 6

По членот 200 се додава нов член 200-а, кој гласи:

„Член 200-а
Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот водат општ претрес и претрес по текстот, кој може да трае најмногу три работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и на Законодавно-правната комисија и пратеник во текот на општиот претрес и во претресот по текстот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно.“

Член 7

Во членот 201 став 1 по зборовите: „и претрес по текстот“ точката на крајот од ставот се брише и се додаваат зборовите: „кој може да трае најмногу три работни дена. Пратеник во текот на општиот претрес и во претресот по текстот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.“

По ставот 2 се додаваат два нови става 3 и 4, кои гласат:

„Пратеникот во текот на претресот по амандман на текстот на предлогот на амандман на Уставот може да говори само еднаш во траење од 10 минути. Координатор на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група во претрес по амандман може да говори само еднаш во  траење од 15 минути. Претставникот на предлагачот може да говори само еднаш во траење од 5 минути.

Само подносителот на амандманот  на текстот на предлогот на амандманот на Уставот може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути, а доколку подносители на амандман се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути.“

Ставовите 3 и 4 стануваат ставови 5 и 6.

Член 8

Се овластува Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија да утврди пречистен текст на Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Член 9

Овој деловник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. 


 

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА



Број 07 - 837/1        
12 февруари 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Трајко Вељаноски, с.р.

               

Дека преписот е верен на оригиналот, тврди:

ЗАМЕНИК НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР
НА СОБРАНИЕТО НА
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Вјекослав Анѓеловски
 


 

 Деловник за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Македонија

Click