Петок, 31 јануари 2014
КЛИМАТСКИ И ЕНЕРГЕТСКИ ЦЕЛИ ЗА 2030
Европската комисија на 22 јануари годинава ја презентираше новата рамка за клима и енергетика 2030. Рамката има за цел да се продолжи со остварување на напредокот кон ниско јаглеродна економија како и обезбедување на конкурентен и сигурен енергетски систем, прифатлива енергија за сите потрошувачи, зголемување на безбедноста на снабдувањето со енергија во ЕУ, намалување на зависноста од увозот на енергија и создавање на нови можности за раст и работни места.
Комуникацијата на Европската комисија е придружена со законодавен предлог за стабилност на пазарот за составот на трговијата со емисиите во ЕУ. Во извештајот за цените и трошоците на енергијата во Европа, се наведува дека растечките цени на енергијата делумно можат да се ублажат со обезбедување на ефикасна енергетска и климатска политика, конкурентни енергетски пазари и подобрување на енергетската ефикасност.
Клучни елементи на рамката за клима и енергетика 2030, утврдени од страната на Комисијата се:
- обврзувачка цел за намалување на емисиите на стакленички гасови;
- обврзувачка цел за обновлива енергија во ЕУ;
- енергетска ефикасност;
- реформа на системот за тргување со емисии во ЕУ;
- конкурентна, прифатлива и сигурна енергија;
- нов систем на управување.
Рамката за клима и енергетика 2030 се надоврзува на постојните цели за 2020 година од климатскиот и енергетскиот пакет, како и плановите на Комисијата, за енергија и за конкурентна ниско-јаглеродна економија за 2050 година. На комуникацијата за политичката рамка 2030 и претходеше зелената книга на ЕК од март 2013 година со која започна широка јавна консултација за структурата и опсегот на климатските и енергетските цели за 2030 година. Во овие документи се наведени целите на ЕУ, до 2050 година да се намалат емисиите на стакленички гасови за 80-95% под нивото од 1990 година.
За утврдувањето на рамката за клима и енергетика 2030 ќе се дискутира на највисоко ниво, во Европскиот совет и Европскиот парламент.
Информации од следниве линкови:
http://ec.europa.eu/energy/2030_en.htm
http://ec.europa.eu/clima/policies/2030/index_en.htm