Меѓународни организации и интеграции



Понеделник, 15 октомври 2012 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Меѓународната конференција посветена на 15-годишнината на парламентарната димензија на ПСЈИЕ

Почитувани колеги пратеници,
Драги гости,

Од име на Собранието на Република Македонија и од свое име, Ви посакувам добрeдојде, пријатен претстој и успешна и плодна работа. Навистина е големо задоволство да се биде домаќин и организатор на значаен настан, каков што е одбележувањето на годишнината на Првата конференција на претседателите на парламентите на државите-членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, иницирана од Парламентот на Република Грција и одржана во Атина, на денешниот датум пред 15 години.

Нашето едногодишно претседателство со парламентарната димензија на Процесот за соработка во Југоисточна Европа го започнуваме со денешната Меѓународна конференција посветена на почетоците, достигнувањата, сегашните состојби, предизвиците и перспективите на нашата меѓупарламентарната соработка.

Несомнено е дека ПСЈИЕ израсна во автентичен глас на регионот, кој во европски контекст е прифатен како адекватен и динамичен форум за дијалог и соработка, во кој парламентарната димензија има значајна и забележителна улога.

Раководени од Меморандумот за разбирање за меѓупарламентарна соработка во Југоисточна Европа, потпишан 2008 година во Софија, подготвени сме и сметаме дека имаме капацитет да продолжиме со сите форми на соработка кои досега се практикувани, како:

  1. Состаноците на Работната група која, според Финалната декларација од Конференцијата во Анталија 2010 година, на иницијатива на Парламентот на Република Турција треба да ги елаборира и предложи модалитетите за натамошниот развој на регионалната меѓупарламентарна соработка, која што води кон воспоставување на Парламентарно собрание. Одржани се шест состаноци, но работата се уште не е завршена. Темелите се поставени и доколку постои заедничка волја подготвени сме во текот на македонското претседателство да ги координираме напорите за создавање на Парламентарно собрание, како еден од столбовите на ПСЈИЕ.
  2.  Состаноците на регионална и субрегионална основа, поврзани со европските и евроатлантските интегративни процеси во регионот со години се веќе присутни. Тие се реализираат со значајна поддршка на Европскиот парламент и во сработка со Регионалниот совет за соработка која има за цел да придонесе на хармонизирање и поврзување на националната легислатива со европското законодавство. Ние сакаме да придонесеме кон зачувањето на континуитетот на овие форми на соработка со Конференцијата на парламентарните комисии за европски интеграци и прашања на државите опфатени со процесот за стабилизација и асоцијација - КОСАП до Цетињскиот парламентарен форум. Планираме во текот на нашето претседателство  да одржиме состанок во Скопје на КОСАП запазувајќи ја деловничката определба на овој форум за редовна (шест месечна) размена на ставовите за стратегијата за зачленување во Европската унија, на земјите на процесот за стабилизација и асоцијација.
  3. Искуствата на другите регионални парламентарни собранија, конференции и форуми во овој период за нас се особено заначајни и предвидуваме воспоставување на нови и продлабочување на веќе воспоставените врски со одреден број на партнери. Притоа ја очекуваме целосната поддршка на Регионалниот секретаријат за парламентарна соработка, кој со Меморандумот за соработка е дефиниран како средишна точка за овој вид активности.
  4. Работата на парламентите, вклучувајќи ја и меѓународната соработка е отворена за јавноста, а соработката со цивилното општество и невладиниот сектор е природна консеквенца на тоа обележје. Затоа, по повод Денот на Европа во соработка со европските и други евро-ориентирани движења предвидуваме одржување на меѓународна конференција, на тема од заеднички интерес.
  5. Претседателството со парламентарната димензија на Процесот за соработка во Југоисточна Европа сакаме да го финализираме со Конференција на претседателите на парламентите, во мај 2013 година. Таа би била во Охрид, како природен и културно-историски бисер под заштита на УНЕСКО и може да биде дополнителен ипулс на Десеттата конференција, заедничката волја нашата меѓупарламентарна соработка да ја трансформираме во нова, повисока форма на Парламентарно собрание на ПСЈИЕ.

Последното речено, можеби изгледа амбициозно, имајќи ги предвид конфронтациите и непријателствата од не така далечното минато, како и некои сè уште присутни несогласувања во меѓусебните односи. Во далечната 1997 година, како голем успех беше оценето тоа што имавме сила сите да седнеме на една маса и да го пробиеме мразот на меѓусебното изолирање. Постепено атмосферата е подобрувана и ледот на недоверба е стопен до степен никој веќе и да не го поставува прашањето можеме ли да седиме заедно околу една маса.

Колку за потсетување, Процесот за соработка во ЈИЕ започна со 6 држави-членки, а денес е двојно поголем и во него се вклучени 12 држави. Резервите кон регионалната соработка постепено отпаѓаа, преовладеа потребата за градење на атмосфера на меѓусебно разбирање, доверба и сестрана соработка. Впрочем, добрососедството и меѓународните односи започнуваат токму од границите на нашите држави.

Тоа на нашите бизнисмени, уметници, спортисти, младината и граѓаните им е добро познато и секојдневно се практикува. Почнувајќи од тоа дека инвестициите од регионот се вбројуваат во најзаначајните, размената е најобемна, туристичките посети се најфреквентни, омилени пејачи и телевизиски серии, најпосетени спортски натпревари се оние што се поврзани со соседите од регионот.

Ние како парламентарци, како вистински претставници на граѓаните, не можеме и не смееме да не бидеме согласни со „гласот на нашите народи“. Покрај сè што го имаме како негативно наследство од минатото, во име на иднината, можеме и мораме да го надминеме сето она што не попречува во развојот на добрососедските односи и регионалната соработка. Од „балканскиот“ треба да преминеме во „нордиски“ менталитет со најразвиени форми на меѓусебно разбирање, поддршка и соработка, во насока на унапредување на добрососедските односи.

Водечка идеја и појдовен концепт во нашите меѓусебни односи треба да бидат работи што нè поврзуваат, а не што не делат.

Се разбира дека станува збор за визија, која допрва треба да наоѓа плодно тло на поддршка и да биде следена со постојан анганжман. Нашите парламенти се клучни за широко популаризирање и разбирање на таква потреба, која другите региони од Европа одамна ја разбрале и од тоа имаат полза како во јакнењето на меѓусебните врски, така и за забележително позиционирање на нивните политики и економски интереси и потреби на европскиот простор. Во тој контекст, имаме обврска да ги поттикнуваме, следиме и набљудуваме чекорите што на владина основа се прават за засилување и развојот на регионалната соработка.

Македонското претседателство со ПСЈИЕ за периодот 2012-2013 определи седумнаесет приоритетни точки. Во нив е нагласена потребата за обезбедување на услови за натамошен социјално-економски развој и напредок во правец на европски и евроатлантски интеграции на регионот во целина. Прагматскиот пристап и имплементација на определбите се клуч за претворање на декларативните намери во реални, опипливи достигнувања, а во тоа секако е потребна парламентарна поддршка на национална и регионална основа.

Веруваме дека желбата конечно да ја изградиме способноста за регионална сопственост и да ја преземеме одговорноста за меѓусебна поврзаност, заслужува и натаму да биде поддржувана преку низа проекти на Европската унија и меѓународната заедница, какви што се оние преку Регионалниот совет за соработка, ИПА и други проекти. Впрочем, денес глобалната економска криза, со која сите сме соочени и засилената нестабилност присутна на границите на нашиот регион, бараат, без долнителни одлагања, процесот на стабилизација да биде претворен во целосна асоцијација во структурите на ЕУ на државите од ЈИЕ. Регионалната соработка не е и не може да биде супститут на интеграцијата во ЕУ. Тоа што меѓу нас има држави со различен степен на вклученост, од полноправни членови, преку кандидати, до аспиранти за членство, може да биде претворено во предност за забрзување на евроинтеграциските процеси.

Она што се случуваше и се случува во регионот и неговото соседство, очигледно покажува дека сме неделив дел од европската економско-социјална и безбедносна стабилност. Ние и требаме на Европа и Европа ни треба нам. Просперитетот на Југоисточна Европа е цврсто поврзан и преплетен со остварувањето на европските стандарди, вредности и принципи. Тоа е алка која ги мотивира и поврзува нашите држави, парламенти, народи и граѓани. 

Благодарам на вниманието.

Click