Активности на Парламентарен институт

ЕДУКАТИВЕН СЕМИНАР ЗА СТУДЕНТИ

Во функција на зголемување на отвореноста на законодавната власт и вклучување и информирање на јавноста за работата на Собранието, Парламентарниот институт организира еднодневни едукативни семинари за студенти од акредитираните универзитети во Република Северна Македонија, на тема: „Парламентот (Собранието) како основна институција на парламентарното право“.

Еднодневниот семинар претставува посебна програма која се спроведува како работилница во времетраење од шест часа. Во текот на семинарот, низ теоретски предавања и практични вежби, учесниците ги утврдуваат и прошируваат своите знаења за парламентарната демократија и нејзиниот историски развој во Македонија, за принципот на поделба на власта, за местото и улогата на Собранието во политичкиот систем на државата, за изборот на народните претставници и нивните права и обврски, како и за основните надлежности на Собранието со посебен акцент на постапката за донесување на законите. Низ семинарот преовладува интерактивниот пристап, што претпоставува постојана вклученост на учесниците преку поставување прашања, дискусии, размена на искуства и практична работа во групи.

Како дел од семинарот, се организира и обиколка низ свечениот дел на зградата на Собранието, како важно обележје на македонската државност, преку која, студентите имаат можност одблиску да го запознаат просторот во кој работат пратениците во Собранието на Република Северна Македонија. На сите учесници на семинарот им се доделува сертификат за учество.

Целта на семинарот е запознавање на учесниците со правилата по кои се одвива парламентарниот живот и работата на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, како и овозможување на студентите да се стекнат со знаења од областа на парламентарното право и нивна подготовка за примена на ова знаење во практиката.

Click