Совети

Четврток, 18 февруари 2016 година

ЧЕТИРИНАЕСЕТТА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции на 17 февруари 2016 година ја одржа 14. седница на која расправаше по Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за Извештајот на Република Македонија за 2015 година, поднесена од европратеникот и известител за Република Македонија, г.Иво Вајгл.

На седницата присуствуваше Н.Е Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Кралство Холандија во Република Македонија. 

По Предлог-резолуцијата за Извештајот на Република Македонија за 2015 година, говореше д-р Фатмир Бесими, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, при што истакна дека текстот на Предлог-резолуцијата е задоволителен за Република Македонија и изрази благодарност за поддршката од Европскиот парламент, за сите можности кои ги нуди институцијата, како и за соработката со г.Иво Вајгл и другите европратеници. Со формирањето на новата група - Пријатели на Македонија во Европскиот Парламент, се зајакнуваат позициите на државата во однос на евроинтеграциите. Соработката со Европската унија се оцени како одлична и се изрази задоволство од сè почестата комуникација со институциите на Унијата. Предлог-резолуцијата во моментот на одржување на седницата на Националниот совет, е во фаза на расправа и истата содржи препорака до Европскиот совет, за отпочнување на преговорите. Во документот се нотирани  аспектите утврдени со политичкиот договор и очекувањата за останатите реформи, за фер и демократски избори како и реализација на Итните реформски приоритети. Господин Бесими ја потенцираше важноста на соработката со Европскиот парламент на институционално ниво меѓу парламентарните групи, како и од индивидуалните соработки на различни политички партии. 

Во расправата на седницата се укажа на потребата од подобрување на текстот на Предлог-резолуцијата и амандманите преку искористување на различните механизми на делување на Министерството за надворешни работи и Мисијата на Република Македонија во Брисел, Кралството Белгија. Се потенцираше потребата во иднина Собранието со консензус да гради заеднички став за предлог-резолуциите во Европскиот парламент кои се однесуават на Република Македонија и за истите да се дебатира на седници на надлежните собраниски тела. Учесниците во дискусијата нотираа дека Предлог-резолуцијата и поднесените 270-те амандмани на европратениците содржат одредби кои се однесуваат на: бегалската криза, состојбата околу човековите права во Република Македонија, третманот на барателите на азил,  неопходноста да се пристапи кон Конвецијата за намалување на лица без државјанство од 1961 година, подобрување на борбата против трговијата со луѓе, како и за спроведување на законската регулатива. Во дискусијата се укажа и на актуелната политичка состојба во државата, состојбата околу медиумите и потребата од целосно исполнување на политичкиот договор од јуни/јули минатата година. Учесниците во дебатата укажаа дека проектот на евроатлантските интеграции е проект чија сопственост е општа и не припаѓа на ниту една политичка група.

На седницата на Советот стана збор и за потребата за унапредување на соработката меѓу Министерството за надворешни работи и Националниот совет за евроинтеграции. Во оваа насока беше разговарано за можноста предлог-резолуциите во иднина Министерството да ги доставува и до Националниот совет, со цел да се даде можност Советот да изгради мислење и став по документот како и околу можностите за делување за подобрување на текстот.  Во расправата по Предлог-Резолуцијата за Извештајот на Република Македонија од 2015 година, со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Лидија Димова, претседател на Советот, академик д-р Владо Камбовски од Македонската Академија на науките и уметностите, проф.д-р Димитар Мирчев од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, г.Живко Митревски од Сојузот на синдикати на Македонија пратениците г.Васко Ковачевски, г-ѓа Ане Лашкоска, г-ѓа Светлана Карапетрова, и г. Трајче Рушев од Министерството за надворешни работи.

На истата седница се разгледа и Извештајот за работата на Националниот совет за евроинтеграции за 2015 година, подготвен од Секторот за поддршка на Советот. Извештајот беше оценет како квалитетен и детален, но не беше усвоен поради немање на кворум на членови на Советот со право на одлучување. 

  стенографски белешки

Click