Совети

Среда, 20 јануари 2016 година

Претставени Програмата и приоритетите за работа на холандското претседателство со Советот на Европската унија 

Комисијата за  европски прашања на Собранието на Република Македонија, денеска ја одржа својата 26. седница заедно со членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции, кои ја одржаа својата 11 седница.

На седницата беа претставени Програмата и приоритетите за работа на холандското претседателство со Советот на Европската унија за периодот јануари-јуни 2016 година, од страна на амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Н.Е. Вилем Ваутер Пломп. 

Исто така, на седницата беа поканети и учествуваа и претседателите и членовите на Комисијата за надворешна политика и на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија и Европската унија.

Воведни обраќања по темата од дневниот ред имаа амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, г. Вилем Ваутер Пломп, како и заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, г. Фатмир Бесими и Шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорот Аиво Орав.

Со седницата претседаваше претседателот на Комисијата, г-ѓа Ермира Мехмети.

Во расправата, учествуваа пратениците: г-ѓа Ермира Мехмети, г-ѓа Лилјана Поповска, г. Орхан Ибрахими, г-ѓа Нола Исмајлоска, г. Павле Трајанов и г. Кенан Хасипи, и претставникот во Националниот совет за евроинтеграции г. Димитар Мирчев. Притоа, дискутантите, меѓу другото, се осврнаа на Програмата и приоритетите на холандското претседателство со ЕУ во претстојните шест месеци. Во таа насока, беа разменети мислења и ставови за актуелните состојби во Република Македонија, од аспект на степенот на реализацијата на Договорот од Пржино, како услов за откочување на евроинтегративниот процес на земјата и добивање на датум за почеток на преговорите за време на новата тројка на држави, Холандија, Словачка и Малта, кои ќе претседаваат со ЕУ во наредните 18 месеци.


 записник 

Click