Четврток, 15 ноември 2012 година

Надзорна расправа на тема „Надзор на распределбата на земјоделските субвенции“

Второто продолжение на надзорната расправа ќе се одржи на 15 ноември (денеска) 2012 година, со почеток од 11,00 часот, во Салата „Борис Трајковски“, во зградата на Собранието на Република Македонија, ул. „11 Октомври“ бб Скопје.

Среда, 24 октомври 2012 година
 
Регионална парламентарна конференција на земјите од Западен Балкан
 
Делегација на Собранието на Република Македонија во состав г-ѓа Владанка Авировиќ, заменик на претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Марјанчо Николов претседател на Комисијата за финансирање и буџет и г. Хајрула Мисини, претседател на Комисијата за европски прашања, на покана на Вестминстер фондацијата за демократија ќе учествува на Регионална парламентарна конференција на земјите од Западен Балкан.

Конференцијата ќе се одржи од 26 до 28 октомври 2012 година во Милочер, Република Црна Гора и со цел зајакнување на улогата на Парламентите и Владите во промовирање на компетентноста и економскиот раст во земјите од Западен Балкан, ќе се одржи работилница на регионалната мрежа на Комисии за економија и финансии на земјите од Западен Балкан.

На работилницата ќе учествуваат претседатели на комисиите за економија и финансии на парламентите од земјите на Западен Балкан, членови на парламентите на земјите од Западен Балкан, истражувачи и експерти од регионот.

 
Понеделник, 22 октомври 2012 година

Положување свежо цвеќе 
 
По повод државниот празник 23 Октомври - Ден на македонската револуционерна борба, делегација на Собранието на Република Македонија, во состав г-ѓа Силвана Бонева, г-ѓа Владанка Авировиќ и г. Авдија Пепиќ, на 23.10.2012 година (вторник), во 10,30 часот, ќе положат свежо цвеќе на споменикот на основачите на Внатрешната македонска револуционерна организација, во паркот „Жена борец“.
Понеделник, 15 октомври 2012 година

Учество на 48. Конференција на КОСАК

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини, на 14-16 октомври 2012 година, ќе учествува на 48. Конференција на комисиите за европски прашања на земјите-членки на Европската унија - КОСАК, што под ЕУ претседателство на Република Кипар се одржува во Никозија.

На конференцијата, на која учествуваат претседателите и членовите на комисиите за европски прашања на земјите-членки  и земјите-кандидати за ЕУ членство, ќе стане збор  за  приоритетите на кипарското претседателство со ЕУ, безбедното снабдување со  енергија, како и за Стратегијата Европа 2020, во однос на можностите за излез од економската криза  во Унијата.

Во рамките на конференцијата свое излагање ќе има и заменикот  на претседателот на  Европската комисија, г. Марош Шевчовиќ на тема: „Повеќе Европа во реалноста“ - од зборови на дела.


Пeток, 12 октомври 2012 година

Процесот за соработка во Југоисточна Европа и неговата парламентарна димензија (ПСЈИЕ ПД)

Македонското претседателство со парламентарната димензија на ПСЈИЕ започнува со одбележување на 15-годишнината од Првата конференција на претседателите на ПСЈИЕ, одржана 1997 година во Атина. По тој повод се организира Меѓународна конференција на тема „15 години од парламентарната димензија на ПСЈИЕ - минатото, сегашноста и европската иднина на регионот".



Среда, 10 октомври 2012 година

Положување свежо цвеќе по повод државниот празник 11 Октомври - Ден на народното востание

По повод државниот празник 11 Октомври - Денот на народното востание, делегации на Собранието на Република Македонија на 11.10.2012 година (утре) ќе положат свежо цвеќе.

Четврток, 4 октомври 2012 година

собраниска делегација на погреб на претседателот на Хрватскиот сабор, г. Борис Шпрем

Делегација од Собранието на Република Македонија, предводена од потпретседателот г-ѓа Светлана Јакимовска, во состав од г. Фијат Цановски, претседател на Парламентарната група за соработка со Парламентот на Хрватска и г. Талат Џафери, член на Парламентарната група за соработка со Парламентот на Хрватска, денеска ќе присуствува на погребот на претседателот на Хрватскиот сабор, г. Борис Шпрем.

Посмртните останки на претседателот на Хрватскиот сабор, г. Борис Шпрем, ќе бидат изложени на градските гробишта во Мирокој, Загреб, од 7:30 до 11:30 часот.

Потпретседателот г-ѓа Светлана Јакимовска ќе се потпише во книгата на жалост во Хрватскиот сабор.

Погребот на претседателот на Хрватскиот сабор, г. Борис Шпрем, ќе биде во 12:00 часот на градските гробишта во Мирокој, Загреб.

 


Среда, 3 октомври 2012 година

Учество на форум Полова еднаквост - што парламентите од Европската унија прават на овој план

Во организација на Комисијата за правата на жените и родовата еднаквост и од Групата на високо ниво за полова еднаквост и разновидност при Европскиот парламент, на 3 октомври 2012 година во Брисел, Кралството Белгија се одржува Заеднички состанок посветен на „Полова еднаквост - што парламентите од Европската унија прават на овој план"?

Click