Собраниско раководство



Вторник, 17.03.2009, Белград

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски во рамките на дводневната официјална посета на Република Србија се сретна со претседателот на Владата на Република Србија, г. Мирко Цветковиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски и претседателот на Владата на Република Србија, г.Мирко Цветковиќ посетата ја оценија како исчекор во обновувањето на духот на добрососедството, довербата и пријателскиот однос на двете соседни земји. На почетокот на средбата претседателот Вељаноски информираше за претстојните претседателски и локални избори кои се значајни за земјата и за нашето европско интегрирање. Во контекст на евроинтегративниот процес претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија ги исполни условите за добивање на визна либерализација, како и за добивање на датум за отпочнување на преговорите. И премиерот Цветковиќ изрази надеж дека Република Србија ќе добие визно олеснување во текот на оваа 2009 година и дека ќе го продолжи понатамошното чекорење кон европското интегрирање.

Претседателот на Собранието Вељаноски го запозна премиерот Цветковиќ за неговите активности и средби кои ги имаше во регионот и на Конференцијата на претседателите на парламенти на земјите членки на ЕУ во Париз и заклучи дека на овие средби главниот акцент беше ставен на справувањето со економската криза.

Во контекст на прашањето на влијанието на светската економска криза претседателот на Владата на Република Србија, г.Мирко Цветковиќ подетално се задржа на мерките кои Владата на Република Србија ги има преземено во банкарскиот и реалниот сектор за ублажување на последиците од кризата, како и на актуелните преговори на српската Влада со Меѓународниот монетарен фонд за добивање финансиска помош.

Претседателот на Собранието на Република Македонија побара од премиерот Цветковиќ да се заложи во инструментот за ратификација на Европската повелба за регионални и малцински јазици во Република Србија меѓу другите јазици да се вметне и македонскиот јазик. За ова прашање, одосно за вметнувањето на македонскиот јазик во оваа повелба беше разговарано на вчерашната средба на претседателот Вељаноски со здруженијата на Македонците во Република Србија.

Click