Собраниско раководство



Вторник, 28 април 2009 година

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски се сретна со специјалниот известувач на Обединетите Нации за слобода на религијата и убедувањето, г-ѓа Асма Џахангир



На средбата претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски истакна дека Република Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава во која гледано историски секогаш постоела висока толеранција и недискриминација помеѓу припадниците на најразлични вероисповеди и религиозни групи. Ова историско наследство денеска е вградено и во Уставот и во законите. Со ова не само формално, туку и во практиката се потврдува толеранцијата и недискриминацијата на секој поединец, без разлика на неговата религиозна припадност. Во Република Македонија доминантни се две религии, православната и исламската на кои му припаѓаат и најголем број на граѓани, но со Уставот и законите се обезбедуба целосна рамноправност и на помалите верски заедници.

Што се однесува до одлуката на Уставниот суд со која се укинува веронауката во училиштата, претседателот на Собранието г.Трајко Вељаноски истакна дека Македонија е правна држава и одлуките на Уставниот суд се почитуваат во целост. Специјалниот известувач на ОН за слобода на религијата и убедувањето, г-ѓа Асма Џахангир изразувајќи благодарност за средбата истакна дека таа е многу задоволна со она што во овие два дена го видела во Македонија, а се однесува на верските слободи и недискриминацијата. "Тоа што особено сакам да го истакнам е фактот дека во Република Македонија граѓаните и припадниците на сите верски заедници се чувствуваат слободно и слободно зборуваат за своите интереси, но и проблеми. Исто така таа отвореност ја има и кај државните институции и кај Владата да се разговара за овие прашања што е многу добро. Тоа што сакам да го истакнам, како препорака, а не како критика, е да се посвети поголемо внимание на помалите верски заедници", истакна г-ѓа Асма Џахангир на средбата со претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски.

Click