Собраниско раководство



Среда, 27 мај 2009 година

Претседателот на Собранието на РМ, г. Трајко Вељаноски прими делегација од Сојузот на Здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија

На средбата се разговараше за спроведувањето на Резолуцијата за бегалците од воените дејствија во Репубика Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна, која Собранието на РМ со акламација ја донесе во август 2008 година.

Претседателот на Здружението, г.Ѓоко Доневски, информираше за значењето на Резолуцијата и импулсот што таа го даде во дејствувањето на здруженијата и нивните активности во борбата за правата поврзани со имотите на Македонците од Егејска Македонија, како  и неодамна иницираните активности за добивање државјанство на Република Грција.

Покрај тоа, членовите на Делегацијата го информираа претседателот Вељаноски за Програмата за одбележување на 60-годишнината од завршувањето на Граѓанската војна во Грција (1946-1949 година).

Централна точка во Програмата е подигнување на монументално спомен-обележје за жртвите од Граѓанската војна во Грција во околината на Катланово, каде се наоѓала болницата во која се лекувале 6,5 илјади борци за демократија во Граѓанската војна, вклучувајќи и голем број Грци.

Членовите на Делегацијата побараа поддршка од Собранието на РМ и од претседателот Вељаноски за оваа активност. Членот на делегацијата г. Ѓорги Ајановски искажа увереност дека целта на одбележувањето на јубилејот е и создавање клима на приближување на македонскиот и грчкиот народ, кои, наспроти распространетите уверувања, во историјата делеле заеднички судбини, што, како што рече, ќе претставува суштински придонес во односите меѓу двете земји во овој клучен момент.

Г. Методија Тошевски во името на Сојузот упати покана до претседателот Вељаноски да присуствува на Третото собрание на Здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, што ќе се одржи на 5 јули.

Претседателот Вељаноски со задоволство ја прифати поканата. Тој изрази подготвеност да се информира за текот на реализацијата на заложбите од Резолуцијата усвоена од Собранието на РМ, а изрази и поддршка за активностите предвидени во Програмата за одбележување на 60-годишниот јубилеј од Граѓанската војна во Грција.


Click