Собраниско раководство



15 декември 2008

Средба со претседателот на владата на република Бугарија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, господин Трајко Вељаноски денеска го прими претседателот на Владата на Република Бугарија, г. Сергеј Станишев, кој е во официјална посета на Република Македонија. На средбата, на која присуствуваа и пратениците Љубисав Иванов-Ѕинго, Христина Рунчева, Цветко Грозданов, претседателот Трајко Вељаноски истакна дека билатералните односи меѓу двете држави имаат тренд на нагорна линија и тоа како на билатерално, така и на мултилатерално поле.

Изразувајќи благодарност за досегашната поддршка што Република Бугарија ја дава во остварувањето на нашите интеграции во евроатлантските институции, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски истакна дека Македонија продолжува во остварувањето на своите стратешки определби. Во тие рамки очекуваме веќе идната година за граѓаните на Република Македонија да биде укинат визниот режим. Ова го очекуваме не како некоја награда, туку врз основа на она што сме го сработиле и кое го признава и Европската комисија во својот извештај. Ова е посебно значајно и за билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија имајќи ја предвид високо развиената комуникација на луѓе, стоки и услуги меѓу двете држави.

Во рамките на таа соработка посебно место има економската соработка, а особено реализацијата на Коридорот 8 кој опфаќа сообраќајна, енергетска и комуникациска инфраструктура која ги поврзува Бугарија, Македонија и Албанија, истакна претседателот Трајко Вељаноски. Истакнувајќи дека станува збор за регионална соработка што е европски стандард, Веаљаноски изјави дека за ова раговарал и со претседателката на албанскиот парламент, госпоѓа Јозефина Топали, при што е договорено заедно со претседателот на Собранието на Република Бугарија, господин Георги Прванов, сите тројца претседатели на парламентите да потпишат заедничка декларација која на свој начин ќе претставува поттик, но и обврска за владите на трите држави.

Премиерот на бугарската влада, господин Сергеј Станишев, заблагодарувајќи се за оценките кои ги искажа претседателот Трајко Вељаноски, истакна дека интерес за Република Бугарија е Македонија што побргу да ги оствари своите стратешки цели, а тоа се евроатлантските интеграции. Во тоа и понатаму ќе ја имате нашата поддршката, истакна премиерот на бугарската влада, г. Станишев. Коридорот 8 и за Бугарија има стратешко значење, а посебно ме радува што претседателите на парламентите на Бугарија, Македонија и Албанија конструктивно преземаат иницијативи за негова реализација, со што и ние како влада се обврзуваме тоа да го реализираме, истакна претседателот на Владата на Република Бугарија, г. Сергеј Станишев.

Во разговорите беа опфатени и други прашање на соработка, при што посебно и двете страни ја истакнаа соработката меѓу двата парламента преку соодветни собраниски комисии.

Click