Собраниско раководство



Петок, 18 септември 2009 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија на Конференцијата во Унгарија

Дами и господа,
Почитувани колеги, 

На самиот почеток би сакал да изразам благодарност до нашиот домаќин господин Бела Катона, претседател на унгарскиот Парламент.
Со ова, Унгарија како полноправна членка на Европската унија, но и како прв сосед на регионот Западен Балкан, уште еднаш ја потврдува својата принципиелна политика кога станува збор за проширувањето на Европската унија со државите од регионот.  

Дами и господа,
Република Македонија пред десет дена одбележа 18 години од својата самостојност, да се изразам фигуративно, станавме полнолетна држава. Дозволете да потсетам на  некои факти кои се тесно поврзани со осамостојувањето на Република Македонија. Веднаш по осамостојувањето, Република Македонија како самостојна и суверена држава за своја стратешка цел го одреди интегрирањето во Европската унија и НАТО. По осамостојувањето на Македонија односно десолуцијата на некогашна СФРЈ на 15 февруари 1992 година Европската унија формира посебна комисија предводена од претседателот на Уставниот суд на Франција, господин Робер Бадинтер. Комисијата тогаш донесе заклучок дека Република Македонија ги задоволува сите услови за нејзино меѓународно признавање и дека името не претставува територијална или каква било друга закана за која било држава. Заради спротивставувањето на Грција како членка на ЕУ и наметнувањето на спорот со нашето уставно име, што претставува преседан во меѓународните односи, воспоставувањето на целосните дипломатски односи со ЕУ дојдоа во 1995 година кога е отворена мисијата на ЕУ во Македонија.

Во 1999 година  Европската комисија воведува нова рамка во која се одвиваа соработката на ЕУ со земјите од таканаречениот Западен Балкан, односно Република Македонија, Албанија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Рамка со која е воспоставен процесот за стабилизација и асоцијација, а конечната цел е членството во Европската унија. Во 2001 година, Македонија како прва држава од регионот Западен Балкан го потпиша договорот за Асоцијација и стабилизација, во 2004 година аплициравме за влез во Европската унија, а во декември 2005 година Европскиот совет реши Македонија да добие статус на држава кандидат. Од тогаш, на крајот на секоја  година Европската комисија објавува извештај за напредокот на земјата.

Оваа мала историска ретроспектива ја направив со цел за уште еднаш и пред овој еминентен собир да го подвлечам многу јасниот континуитет на определбата на Република Македониај за полноправно членство во ЕУ и НАТО. Определба во нашата надворешна политика за која  во сите овие 18 години имаме целосен политички консензус, но тоа што е поважно е фактот дека во сите овие години имаме многу висока поддршка и од граѓаните на Република Македонија која изнесува над 90 проценти. Ваквата висока поддршка од граѓаните, ние, кои се занимаваме со политиката и ја водиме државата, ја сфаќаме пред се како  обврска за  многу поинтензивно работење и спроведување на потребните реформи кои не водат во Европската унија. 

Дами и господа,
За да се стане членка на Европската унија потребно е да се исполнат одредени критериуми познати како Копенхашки критериуми кои можеме да ги групираме во три групи. Политички кои подразбираат стабилност на институциите кои ќе ги гарантираат демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права, и почитувањето и заштитата на правата на етничките заедници, односно националните малцинства. Втората група се економските критериуми кои подразбираат пред се, владеење на пазарната економија која  мора да биде во можност да се справи со притисокот на пазарот и правилата на европската економија и третата група критериуми таканаречени административни кои налагаат прилагодување на националната административна структура кон механизмите кои функционираат во јавната  администрација на ЕУ.

Сите овие критериуми во Република Македонија се прифатени како наша обврска, не затоа што тоа го бара Брисел, тука на нив гледаме како критериуми и стандарди кои обезбедуваат поквалитетен живот на секој граѓанин. Верувајте македонскиот граѓанин, исто така, сака да живее во демократска држава во која владее правото и се почитуваат човековите права и слободи, во која се почитуваат правата на етничките заедници, во која функционира стручна и професионална јавна администрација. Односно секоја држава треба да биде спремна да ги преземе сите обврски и одговорности во насока на прифаќање и исполнување на целите  на политичката, економската и монетарната унија. 

Почитувани колеги,
Во евроинтегративните процеси националните парламенти имаат клучна, и јас би рекол, најодговорна задача. Парламентот како законодавен дом од една страна ги носи потребните закони, односно преку Парламентот поминува целокупниот процес на хармонизација на националното законодавство со европското. Во исто време, парламентот е онаа демократска институција во која се артикулираат интересите на политички партии, но и на други субјекти. Токму во Парламентот преку политичкиот дијалог се соочуваат овие различни интереси кои потоа секако наоѓаат место во законите кои ги донесуваме. Факт е дека кај нас имавме одредени проблеми кога станува збор за таканаречениот политички дијалог. Ова се одрази и на динамиката на усвојувањето на законите во минатиот парламентарен состав. Минатата година донесовме нов Деловник кој од страна на Венецијанската комисија е оценет како многу добар. Во новиот Деловник посебен акцент е ставен на собраниските комисии каде што се водат дебатите за предложените закони и каде што имаме соочување на интересите и аргументите. Исто така, според Деловникот имаме редовни координации (секој понеделник) на кои со координаторите на пратеничките групи  го утврдуваме дневниот ред за пленарните седници и воопшто за динамиката на работењето на Парламентот.

На овие координации редовно е присутен и преставник на Владата на ниво на вицепремиер, а најчесто одлуките на координациите ги носиме со консензус. Според Деловникот петок е одреден како ден за контакти на граѓаните со пратениците. За таа цел скоро во сите поголеми населени места имаме отворено пратенички канцеларии каде што граѓаните можат да се сретнат со своите пратеници. Во Македонскиот парламент се повеќе внимание посветуваме и на контролата врз извршната власт, односно врз имплементацијата на законите.  И тука посебна улога имаат собраниските комисии. Посебна улога во јакнењето на политичкиот дијалог има Националниот совет за евроинтеграции. Ова собраниско тело кое секогаш го води претставник на опозицијата во својот состав покрај пратеници има и надворешни членови претставници на извршната власт потоа претставници од локалната самоуправа, стопанските комори, верските заедници, новинарските здруженија, синдикатот и претставници на невладиниот сектор. Имаме формирано и Буџетски совет кој има значајна улога во планирањето на буџетот на парламентот односно обезбедување на финасиска независност.

Сакам да истакнам дека неодамна го донесовме и Закон за Собранието со кој јакне самостојноста на законодавниот дом ви-за-ви извршната власт но и се зајакнува професиналноста и административниот капацитет на собраниската администрација. Во Собранието на Република Македонија посебно внимание се посветува и на транспарентноста во работењето. Сите пленарни седници, како и седници на собраниските комисии се пренесуваат на Собранискиот ТВ канал. Исто така, собраниските седници можат да се следат на интернет, а преку нашата веб страница на јавноста и се достапни сите материјали, предлог закони, амандмани на закони, односно сите активности што се случуваат во парламентот како и целокупниот процес на донесување на законите. Само да истакнам дека нашата веб страница е ажурирана на четири јазици, македонски, албански, англиски и француски и според бројот на посетители станува значајна комуникациска алатка преку која обезбедуваме транспарентност во работењето на Парламентот. Во тек е и имплементацијата на И-парламент, односно целокупниот законодавен процес се одвива електронски.

Република Македонија е унитарна држава но исто така е и мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество. Затоа посебно внимание посветувамe на заштитата на човековите права и слободи, а во тие рамка заштитата на правата на етничките заедници. Тргнувајќи од Охридскиот рамковен договор и уставните амандмани кои произлегоа од него во Македонскиот парламент како постојано собраниско тело делува Комитетот за односи меѓу заедниците. Во Комитетот кој е составен по паритетен принцип седат преставници на сите етнички заедници и преку него поминуваат сите закони кој на овој или на оној начин се поврзани со правата на етничките заедници. За да бидат усвоени овие закони во Собранието на Република Македонија воведено е таканаречено бадинтерово правило на гласање, односно двојно гласање. Тоа значи дека за овие закони мора да се обезбеди и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на другите етнички заедници односно не се припадници на македонскиот народ. Пратениците кои се припадници на етничките заедници кои се над 20 проценти од населението имаат право да го користат својот мајчин јазик на пленарните седници како и на седниците на собраниските тела, а сите материјали кои влегуваат во собраниска процедура се преведуваат на јазикот кој го говорат овие пратеници.  

Дами и господа,
Регионалната соработка како европски принцип е, исто така значајна димензија во процесот на интегрирање во ЕУ. Република Македонија на ова посветува големо внимание и со задоволство можам да истакнам дека денеска со сите држави од регионот имаме високоразвиени односи на сите полиња од економските, преку политичките и културните па до оние секојдневни човечки односи. И уште нешто, во таа регионална соработка националните парламенти или парламентарната дипломатија, имаше и се уште има значајна улога преку интензивна парламентарна соработка  на сите нивоа. 

Границите коишто ограничуваат се рестриктивни, ги стеснуваат нашите умови и ги ограничуваат нашите акции. Наместо ограничувања и граници би можеле ли ние Европејците да размислуваме во насока на следните граници, ова е цитат од книгата на еврокомесарот Оли Рен "Следните граници на Европа".  На Европската унија секако и се потребни два паралелни процеси, продлабочување кое во моментов е застанато поради познатите причини околу ратификацијата на Лисабонскиот договор. Вториот процес е проширувањето и токму затоа се послужив со мисла од еврокомесарот Рен задолжен за проширувањето на Европската унија. 

Почитувани пријатели,
Република Македонија од своето осамостојување па до денес не само декларативно, туку и суштински работи на исполнување на сите оние критериуми и стандарди врз кои денеска се темели Европската унија односно секоја нејзина членка. Верувам дека во  таа насока се движат и другите држави од регионот. Тоа што го очекуваме од Брисел е нашиот напредок да го оценува пред се индивидуално за секоја држава, и токму врз оние критериуми и принципи кои се усвоени во Копенхаген. Неодамна и претседателот на Европската комисија господин Баросо претставувајки ја својата програма јасно истакна дека билатералните проблеми се билатерални и тие не можат да бидат проблеми на европските институции. Но кога билатералните отворени прашање па и оние апсурдни како што е прашањето со уставното име на Република Македонија се причина зошто на пример не станавме членка на НАТО иако ги исполнивме сите услови, тогаш овие билатерални прашање добиваат друга би рекол мултилатерална односно европска димензија. Со она што досега Македонија го направи ги исполнува критериумите за добивање на датум за преговори со ЕУ. Патем ова јавно го кажа  пред две недели и комесарот Оли Рен. Затоа со право очекуваме Европската комисија во својот извештај да даде препорака за добивање на датум и затоа со право очекуваме на министерскиот совет оваа препорака да биде прифатена. Ние веруваме во демократските стандарди на европските институции ние веруваме дека принципот на солидарност на кој е изградена Европа за кој се залагаа татковците на ЕУ, Шуман, Моне, Гаспари и други и денеска е исто толку потребен, како и пред 60 години. Денеска Балканот не е веќе буре барут. Затоа неговата интеграција само ќе  ја збогати и ќе ја зацврсти здружена Европа. 

Ви благодарам на вниманието

Click