Неформални групи



Петок, 16 април 2010 година

Четириесет и прва седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на Четириесет и првата седница, одржана на 13 април 2010 година, како матично работно тело ги разгледа Годишниот извештај за работата во 2009 година на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2009 година.

Во својство на претставник на предлагач, на седницата присуствуваше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, г. Димитар Петров, кој нагласи дека во Годишниот извештај за работата во 2009 година на Регулаторната комисија за енергетика се дадени активностите на Комисијата остварени во 2009 година на домашно и на меѓународно ниво. 

Регулаторната комисија се грижи за унапредување на заштита на правата на корисниците на енергија, донесува прописи за формирање на цените на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регуларните енергетски дејности, одлуки за цените на одделни видови на енергија и разни видови енергенси во согласност со прописите во врска со формирањето на цените на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности.

Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата во 2009 година на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.

На седницата, во својство на претставник на предлагач, присуствуваше и претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, г. Чедомир Краљевски, кој даде образложение по Извештајот за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Тој истакна дека основна надлежност на Комисијата е откривање, спречување и санкционирање на различните облици на загрозување и нарушување на конкуренцијата на пазарот. Врз основа на Законот за државна помош, Комисијата за заштита на конкуренцијата е надлежна и за надзор на секој облик на државна помош доделена во Република Македонија во функција на обезбедување и слободна конкуренција ослободена од влијанието на државниот интервенционизам.

Во Извештајот е опфатена организационата структура на Комисијата, предмети во управна постапка во кои Комисијата утврдила постоење на забранети договори склучени помеѓу претпријатијата, злоупотреба на нивната доминантна положба и слично. Во делот на државната помош, претставени се одлуките на Комисијата и тоа за оценка и износ на дадената државна помош и нејзиниот сооднос до БДП.

Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Македонија за 2009 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања да се достави до Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.
Click