Неформални групи

Вторник, 20 април 2010 година

Педесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 16 април 2010 година ја одржа Педесет и деветтата седница.

- Како матично работно тело Комисијата го разгледа Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2009 година.

Претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, г-ѓа Маја Малахова, истакна дека одобрениот буџет на Државната комисија за 2009 година изнесуваше 11.246.000,00 денари и истиот бил недоволен за работа и нормално функционирање на Државната комисија како самостоен државен орган. 

Во 2009 година до Државната комисија за жалби по јавни набавки пристигнати се вкупно 1044 предмети од кои решени се 996 предмети или 95,40%. Државната комисија во текот на 2009 година одлучувала по 934 предмети со вкупно изјавени 1121 жалби. Во однос на бројот на управни спорови против одлуките на Државната комисија во 2009 година од вкупно 960 предмети по кои Државната комисија постапувала вкупно биле поднесени тужби пред Управниот суд 105 или 10,94%. Од вкупно 960 жалбени предмети пристигнати до Државната комисија одбиени се 44,67%, уважени се 25,94% од жалбите, 15,74% се отфрлени, 10,94% се повлечени, а 2,71% се уважени од договорен орган.

- Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерските друштва (прво читање), за кој воведно образложение даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи. 

Тој истакна дека основна цел на предложеното изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерските друштва е усогласување на постојниот закон со Кривичниот законик. 

Имено, дополнет е членот со кој се уредува одговорноста на правното лице во случај ако даде невистинити информации во проспектот за откуп на хартии од вредност или даде конкурентска понуда за откуп на хартии од вредност од акционерско друштво, без да има право на тоа, а со што ќе доведе во заблуда две или повеќе лица да купуваат или продаваат хартии од вредност од односното акционерско друштво. Во овој член се врши дополнување на постоечката одредба со мерка парична казна која што судот може да му ја изрече на правното лице за извршување на такво дело. 

Истовремено, со овој Предлог на закон се врши дополнување во однос на одговорноста на правно лице овластен учесник на пазарот на хартии од вредност кое нема да одбие барање за откуп на хартии од вредност од акционерско друштво, за кое знаел или можел да знае дека со прифаќање на истото ќе оштети едно или повеќе лица, кои исто така се учесници на пазарот на хартии од вредност. 

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерските друштва е прифатлив и може да се даде на натамошно читање

- На седницата беше разгледан и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за инвестициски фондови (прво читање).

Заменик-министерот за финансии истакна дека основна цел на предложеното изменување и дополнување на Законот за инвестициски фондови е усогласување на постојниот закон со Кривичниот законик. Со предложеното решение се воведуваат споредни казни за правните лица кои ја злоупотребиле својата дејност. 

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за инвестициски фондови е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за меница (прво читање), г. Рамизи истакна дека основна цел на предложеното изменување и дополнување на Законот за меница е усогласување на постојниот закон со Кривичниот законик и Законот за прекршоци. 

Беше нагласено дека со одредбите на овој закон се врши зголемување на казните, што е спротивно на определбата на Владата за измена на казнената политика во насока на намалување на казните кои што ќе ги опфати 166 закони меѓу кои е и овој закон.

Комисијата со седум гласа „за“ и 1 „против“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за меница е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за банките (прво читање) и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари  (прво читање), заменикот на министерот за финансии истакна дека причините за нивно донесување произлегуваат од потребата за усогласување со Кривичниот законик. 

Потребата за усогласување произлегува од членот 121 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, согласно кој државните органи се должни во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон да ги усогласат законите во кои се пропишани кривични дела со измените утврдени со овој закон.

Комисијата едногласно заклучи дека двата Предлог-закони се прифатливи и може да се дадат на натамошно читање.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за денационализација (прво читање), г. Рамизи истакна дека Законот за денационализација предвидува забрана за располагање и искористување на имот предмет на денационализација со кој се создаваат обврски за барателот со цел истиот да им биде вратен на барателите по завршување на постапката за денационализација.

Предложените измени и дополнувања се во правец на воедначување на праксата во однос на примената на одредбите кои се однесуваат на забраната за располагање со имотот што е предмет на денационализација и во создавање законски услови за скратување на времетраењето на постапката за денационализација.

Комисијата   со седум гласа „за“ и три „против“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- На седницата беше разгледан уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за  супервизија на осигурување (прво читање).

Во воведното образложение, заменик-министерот истакна дека причините за донесување на закон за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување произлегуваат од потребата за усогласување на постојниот Закон за супервизија на осигурување со Кривичниот законик, како и воведување на одредби за осигурителните друштва за борба против перењето на пари и финансирањето на тероризам. 

Со Предлогот на закон се предвидуваат измени во делот на казнените одредби во кои се предвидуваат казнени мерки за правните субјекти кои што досега не беа предвидени, односно се воведува парична казна за правното лице, како и изрекување забрана за вршење на професија, дејност или должност на сторителот на кривичното дело. 

Со Предлог-законот се предвидува и одземање на дозволата за работа  доколку не се почитуваат одредбите од Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам како и се додава дополнителна надлежност на надзорниот одбор на осигурителните друштва во однос на тоа да вршат надзор и контрола над примената на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање тероризам.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.
Click