Неформални групи

Петок, 9 април 2010 година, Комисија за економски прашања

Разгледан Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за концесии и други видови јавно приватно партнерство

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Четириесеттата седница, одржана на 8 април 2010 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за концесии и други видови јавно приватно партнерство, по скратена постапка.  

Образложение на Предлог-законот даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков, кој истакна дека со предложените измени и дополнувања се допрецизираат неколку области. 

Во првиот дел се врши допрецизирање на одредени дефиниции и одредби, и тоа во делот на понудувачот, односно концесионерот којшто ќе користи одредена концесија во одреден временски период. 

Вториот дел опфаќа допрецизирање и доуредување во случај кога на одреден повик учествуваат повеќе понудувачи, односно се формира конзорциум каде што заедно понудувачите би учествувале на јавниот оглас за доделување на концесија и влегување на јавно приватно партнерство заедно со јавниот сектор. 

Третиот дел на измените го опфаќа минималниот дел на висината на гаранцијата за учество во одредена постапка за доделување на концесија, односно јавно приватно партнерство. Минималниот износ на банкарската гаранција се намалува од постоечките 3% на 0,25%.  

Заменик-министерот за економија истакна дека ова значи динамизирање на областа којашто се уредува, зголемување на можноста за понуди од повеќе различни форми на економски субјекти и подобрување на делот на привлекувањето на потенцијалните економски субјекти и конкуренцијата во фазата на јавниот повик.

Во дискусијата учествуваа членот на Комисијата, г. Марјанчо Николов и заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков.

По завршувањето на расправата, Комисијата за економски прашања, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за концесии и други видови јавно приватно партнерство, го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

 
Click