Неформални групи

Вторник, 20 април 2010 година

Мадрид ги поддржува македонските евроатлантски интеграции

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска, заедно со членовите и претставниците на Советот, остварија средба со г. Мигел Анхел Моратинос, министер за надворешни работи на Кралството Шпанија.

На средбата присуствуваше и амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија, г. Хосе Мануел Пас Агуерас, претставници на Комисијата за надворешна политика, европски прашања, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, како и невладиниот сектор.

Госпоѓа Шекеринска го поздрави присуството на шпанскиот министер, а воедно и ги запозна гостите со составот и целите на Националниот совет за евроинтеграции.

Министерот за надворешни работи на Кралството Шпанија посочи дека е оптимист по прашањето за спорот со името, кое би можело да биде затворено за време на нивното претседавање со ЕУ до крајот на јуни, притоа укажувајќи дека Мадрид ги поддржува македонските евроатлантски интеграции.

„Забележав дека во вашата земја ги воведувате сите економски, социјални реформи што се потребни за да бидете дел од иднината на Европа. Не е прашање дали сме еврооптимисти или европесимисти, туку треба да бидеме еврореалисти. Сите имаме потполно право да бидеме членки на ЕУ. Вие сте земја-кандидат и припаѓате на оние земји што ги имаат унапредено односите со ЕУ. Не смеете да го пропуштите новиот момент на проширување на Унијата“, рече г. Моратинос.

Присутните се заблагодарија за поддршката која и ја дава Шпанското претседателство на Македонија на патот кон НАТО И ЕУ и побараа да се има  реален пристап во решавањето на спорот за името.

„Освен прашањето за името, земјата треба докрај да ги исполни реформите и стандардите за влез во Унијата. Советот и Собранието ќе продолжат да работат на исполнување на овие стандарди“, рече г-ѓа Шекеринска.

 

 


Click