Неформални групи

Среда, 7 април 2010 година

Потребно е зајакнување на економската и трговската соработка меѓу Македонија и Турција

Односите меѓу Република Македонија и Република Турција се посебно пријателски, нема отворени прашања, нема област што не е поткриена со договори и протоколи, е заедничкиот став на присутните на денешната средба на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија и Делегацијата на Комисијата за хармонизација со Европската унија на Големото национално собрание на Република Турција.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, г-ѓа Теута Арифи, заедно со членовите: г. Павле Трајанов, г. Назиф Буши, г. Васко Шутаров, г-ца Христина Рунчева, г. Авдија Пепиќ, како и г. Кенан Хасипи, како претставник на турската заедница во Република Македонија, изразија благодарност за коректноста на Република Турција во однос на употребата на уставното име на Република Македонија и јавната и безрезервна поддршка која ја добива нашата земја за зачленување во НАТО.

Турската делегација, предводена од потпретседателот на Комисијата, г. Јусуф Зија Ирбеч, потенцираше дека правото на Република Македонија на користење на своето име треба да биде признаено.

На средбата беше истакнато дека односите меѓу двете земји треба да се збогатат, посебно на трговски и економски план. Новите инвестиции, како што е случајот со групацијата ТАВ, која ги зеде под концесија македонските аеродроми, се од исклучително значење.

Гостите укажаа на потребата од создавање олеснителни околности за странски инвестиции во Република Македонија.

Исто така, беше истакнато дека треба да се искористи заедничкото културно наследство и да се развие туризмот. Турските пратеници за пример ја посочија Старата чаршија во Скопје, која со реставрација со сигурност би била привлечна за туристите од Турција. Тие, исто така, соопштија дека ќе отстапат една локација во Истанбул како културен центар на Македонија во Турција, како што Куршунли Ан е турски културен центар во нашата земја.

 
Click