Неформални групи

Среда, 7 април 2010 година

Република Турција е силен поддржувач на Македонија во евроинтегративниот процес

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Петар Поп Арсов, заедно со членовите: г. Хајрула Мисини, г-ѓа Славица Грковска-Лошкова, г. Панче Дамески, г-ца Христина Рунчева, г. Ванчо Коцев, г. Миле Пачемски, г. Игор Ивановски и г. Андреј Жерновски, денеска остварија средба со Делегација на Комисијата за хармонизација со Европската унија на Големото национално собрание на Република Турција.

Во составот на Делегацијата на Комисијата за хармонизација со Европската унија на Големото национално собрание на Република Турција, предводена од  потпретседателот г. Јусуф Зија Ирбеч, беа и членовите на Комисијата, г. Бурхан Кајатурк, г. Мустафа Озтурк, г. Осман Џошкуноглу и г. Кенан Танрикулу.

Претседателот на Комисијата, г. Петар Поп Арсов, ги запозна гостите со работата и надлежностите на Комисијата, а воедно изрази благодарност за континуираната севкупна поддршка која Република Турција ѝ ја дава на Република Македонија на секое поле.

Потпретседателот, г. Јусуф Зија Ирбеч, посочи дека Република Турција се залага за зачленување на Република Македонија во НАТО и за признавање под нејзиното уставно име. Воедно, Република Турција е историски и важен пријател, кој заедно со Македонија, се бори за обезбедување на мир во регионот.

Присутните изразија надеж дека во иднина ќе се продолжи да се работи на продлабочување на трговската и културната соработка помеѓу двете земји ,  развивање на историскиот туризам, со цел привлекување на поголем број на странски инвестиции и градење меѓусебни односи.

 

 

 
Click