Неформални групи

Среда, 7 април 2010 година

Средба на потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска со делегација на Комисијата за хармонизација со Европската унија

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска денеска се сретна со делегација на Комисијата за хармонизација со Европската унија на Големото национално собрание на Република Турција.

На средбата беше истакнато дека традиционално добрите и стабилни односи меѓу Република Македонија и Република Турција ги карактеризира висок степен на пријателство и меѓусебно почитување. Во Република Македонија високо се цени конструктивната поддршка и солидарност од страна на Република Турција, како и принципиелната употреба на уставното име на нашата земја.

Соработката меѓу двете земји на политички план е со голем интензитет, односно со бројни средби на владино, парламентарно и други нивоа и со потпишување на повеќе билатерални договори од разни области.

Покрај цврстото пријателство и плодната соработка, Република Македонија и Република Турција ги поврзуваат историски и културни врски. Претставниците на турската заедница во Република Македонија и Турците кои се иселени од Република Македонија и етаблирани во Република Турција се значајна алка во пријателството меѓу двете земји.

Добрите и пријателски односи меѓу двете земји се пресликани и во плодната парламентарна соработка, како на билатерално ниво, меѓу Собранието на Република Македонија и Големото национално собрание на Република Турција, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Во врска со билатералната соработка меѓу двата парламента, на средбата беше потсетено дека претседателот на Големото турско национално собрание, г. Ќоксал Топтан оствари официјална посета на Република Македонија во декември 2008 година, при што имаше свое обраќање пред Собранието на Република Македонија.

Претходно, беше истакнато, беа остварени работни посети на Република Турција од страна на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија и на Пратеничката група за соработка со турскиот парламент.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска истакна дека е особено значајна соработката и поддршката меѓу двете земји на полето на евроинтеграциите и притоа ги запозна гостите со трите работни тела, кои се формирани во Собранието на Република Македонија, во чија надлежност се евроинтеграциите на Република Македонија.

Комисијата за европски прашања е задолжена за следење на спроведувањето на Националната стратегија за интеграција на Република Македонија во ЕУ, потоа го следи исполнувањето на обврските кои произлегуваат од договорите меѓу Република Македонија и Европската унија и сл.

Националниот совет за евроинтеграции го следи и оценува текот на активностите за добивање членство на Република Македонија во ЕУ, дава мислења и насоки во врска со подготовките за започнување на преговорите, за преговарачките позиции на Република Македонија и слично и Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија, кој претставува форум каде што пратениците од Собранието на Република Македонија и од Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство.

Република Турција е значаен трговски партнер на Република Македонија и во последните години е меѓу првите десет земји со кои Република Македонија има најголем обем на размена. Меѓутоа сè уште постои простор за проширување на економската соработка и позначително влегување на турски капитал во Република Македонија.

На средбата се изрази надеж за понатамошно унапредување на соработката меѓу двата парламента и за меѓусебна поддршка на меѓународен план, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.
Click