ЕУ вести



Вторник, 29 јуни 2010 година

Десет филмови номинирани за наградата „Лукс“ на Европарламентот

Европскиот парламент ги објави десетте филмови коишто ќе се натпреваруваат за овогодишната филмска награда „Лукс“, во рамките на Фестивалот на европскиот филм во Брисел. Специјално 17-члено жири, составено од продуценти, дистрибутери, директори на фестивали и критичари ги номинираше следните филмови:

  • „Академија Платон“ на Филипос Цитос - Грција, Германија;
  • „Библиотека Паскал“ на Саболч Хајду - Унгарија, Германија, Велика Британија, Романија;
  • „Странци“ на Фео Аладаг - Германија;
  • „Незаконски“ на Оливие Масе-Депас - Белгија;
  • „Роден во Евроазија“ на Шарунас Бартас - Литванија, Франција, Велика Британија;
  • „Јас сум љубов“ на Лука Гвадањино - Италија;
  • „Устата на волкот“ на Пјетро Марчело - Италија;
  • „Лорди“ на Џесика Хаузнер - Австрија, Франција, Германија;
  • „Медал на честа“ на Калин Петер Нецер - Германија, Романија; 
  • „Р“ на Тобијас Линдхолм и Мајкл Ноер – Данска.

Во потесниот избор за наградата ќе влезат само три од овие десет филмови, коишто ќе бидат објавени на 27 јули годинава во Венеција, како дел од партнерството меѓу наградата „Лукс“ и Меѓународниот филмски фестивал во Венеција. Потоа, европратениците ќе го одлучат победникот, а наградата ќе ја додели претседателот на Европскиот парламент на 24 ноември во Стразбур.

Наградата се состои од финансиска поддршка од Европарламентот за превод на филмот на 23-те официјални јазици на Европската унија, производство на 35-мм верзија за секоја држава-членка и помош за издавањето на ДВД.

Инаку, наградата „Лукс“ првпат е доделена во 2007 година и претставува симбол на интересот на Европскиот парламент за европската филмска индустрија.

Click