ЕУ вести

Четврток, 21 јануари 2010 година

Никифорос Дијамандурос - европски народен правобранител до 2014 година

Европскиот парламент го реизбра г. Никифорос Дијамандурос од Грција за европски народен правобранител до 2014 година. Реизбраниот народен правобранител, кој е на оваа позиција од 2003 година, ја доби поддршката на 340 европратеници за време на вчерашното тајно гласање во Стразбур. Други двајца кандидати за оваа функција беа г. Пјер Ив Моне од Белгија, кој доби 289 гласа и г. Виторио Ботоли од Италија, за кого гласаа 19 европратеници.

Никифорос Дијамандурос меѓу своите приоритети ја истакна гаранцијата дека Европската унија на граѓаните ќе им ги обезбеди бенефициите ветени со Лисабонскиот договор, потоа зајакнување на конструктивниот дијалог со институциите и органите на ЕУ, подобрување на услугите за граѓаните преку поефективно користење на ресурсите, поблиска соработка со националните и регионалните народни правобранители, како и поефективна комуникација со граѓаните.

Инаку, функцијата Европски народен правобранител постои од 1995 година и има за цел да ги истражува случаите на лошо управување од страна на европските институции, вклучувајќи го и недостаток на транспарентност и одбивање за доставување информации или документи.
Click