ЕУ вести

Вторник, 5 јануари 2010 година

Шпанија - прва земја претседавач со ЕУ по стапувањето на сила на Лисабонскиот договор

Од стартот на новата 2010 година, Шведска ѝ го предаде ротационото претседавање со Европската унија на Шпанија. Економското опоравување, улогата на ЕУ во светот и граѓанските права заземаат централно место во програмата на Шпанија, која како приоритет го истакна исполнувањето на Лисабонскиот договор

Во наредните шест месеци, Шпанија, која е прва земја претседавач со ЕУ по стапувањето на сила на Лисабонскиот договор, ќе се стреми да ја засили улогата на Унијата како глобален фактор, да има блиска соработка со новиот претседател на ЕУ, г. Херман ван Ромпој, а ќе биде вклучена и во поставувањето на Европското министерство за надворешни работи и дипломатија, предводено од високиот претставник г-ѓа Кетрин Ештон.

Со оглед на глобалната невработеност, шпанското претседателство акцентот ќе го стави и врз економското опоравување. Приоритети ќе бидат спроведувањето на нова европска стратегија за развој и вработување, како и подобрување на контролата на меѓународниот финансиски систем.

Освен тоа, Шпанија се надева да постигне напредок и во областа на енергетската безбедност, климатските промени и имиграцијата. Исто така, оваа земја смета дека треба да обрне посебно внимание на рамноправноста меѓу половите.

Договорот од Лисабон бара од шпанското претседателството со ЕУ да има тесна соработка со Белгија и Унгарија, кои се следните земји кои ќе го преземат претседавањето.  
Click