Собраниско раководство



Петок, 26 март 2010 година

Обраќањето на претседателот на собранието вељаноски на отворањето на меѓународниот натпревар за студенти

Дами и господа,
Eкселенции,
почитувани млади пријатели, 

Ми причинува огромно задоволство денеска да сум овде со вас во рамките на квалификациските натпревари за студенти по европски студии, политички науки, право, економија и информациски технологии.
Посебно ме радува фактот дека на овие натпревари учествуваат студенти како од државните, така и од приватните универзитети во Република Македонија, бидејќи и во високообразовниот процес и факултетите потребна е здрава конкурентност која, пред сè, води кон подигнување на квалитетот на образовниот и научно-истражувачкиот процес на универзитетите. 

Би сакал да изразам благодарност до нашите австриски пријатели, пред сè, на Светскиот универзитетски сервис на Австрија и Австриската агенција за развој и соработка, како и на другите европски институции кои се вклучени во овој проект. Самиот факт дека во ова се вклучени држави од регионот, меѓу кои и Република Македонија, покажува дека сите ние сме дел од големото европско семејство. Во исто време, иднината на здружена Европа лежи токму во вас, идните академски граѓани, кои со своето знаење ќе бидете носители на развојот, како во националните граници, така и на глобално, европско, па ако сакате и светско ниво.  
 
Почитувани пријатели,
Знaењето е моќ, не е обична политичка фраза за дневнa употреба, туку претставува аксиом кој е стар колку што е стара човековата цивилизација, без разлика дали станува збор за знаење во природните науки, техничките науки или во општествените, бидејќи науката е кoмплементарна и само така обезбедува прогрес. 

Ако го погледнеме брзиот развој на некои држави, на пример Ирска, иако тоа не е единствен пример, јасно се гледа дека преку вложувањето во науката, а тоа значи инвестирање во образовниот процес од основното до академското образование, резултатите се многу сигнификантни. Токму затоa во Република Македонија посветуваме големо внимание на образовниот процес на сите нивоа. Само да потсетам, воведовме задолжително средно образование, понатаму акцијата компјутер за секој ученик, отворање на нови  државни универзитети  и јакнење на капацитетите на постојните, се само дел од вкупните заложби на  владината програма кога станува збор за образовниот и научно-истражувачкиот процес во државата. На универзитетите го воведовме таканаречениот Болоњски систем, кој денес е основа на европскиот високообразовен процес.  

Сето ова треба да се гледа како дел од нашата стратешка определба, а тоа се евроатлантските интеграции, односно Република Македонија членка на ЕУ и НАТО. Нема да зборувам ниту за Извештајот на Европската комисија во кој јасно беше истакнат нашиот напредок, нема да зборувам ниту зашто не добивме датум за започнување на преговорите, иако добивме препорака, бидејќи вие како академски граѓани, посебно како студенти на општествените науки, тоа добро го знаете и разбирате. 

Интегративните процеси во Европа се неминовни и тие ќе се случат денес или утре. Затоа сакам да истакнам една друга димензија. Имено, кога утре ќе станеме членка на Европската унија многу е важно да бидеме подготвени да одговoриме на сите предизвици, но и на сите обврски кои ги носи членството во европското семејство. 

Тоа значи дека утре македонскиот правник, економист, политиколог, односно кој било профил на академското образование, да биде конкурентен со својот колега од која било европска држава-членка. Без разлика дали некои од вас ќе работат во домашните институции или во Брисел,  без разлика дали ќе биде дел од тимот на некоја голема европска фирма или ќе има сопствен бизнис, треба да биде конкурентен со своето знаење и успешен во своето работење.

А да се постигне тоа треба квалитетни факултети, треба редовни контакти со универзитетите ширум Европа, треба и вакви натпревари кои немаат за цел некој некого да победи, туку да ги покаже најдобрите, а во исто време тоа да биде поттик и мотив за сите. Вие знаете дека од декември минатата година за нашите граѓани е укинат визниот режим. Со ова, посебно за вас студентите, многу полесно ви се овозможува да патувате и да бидете во контакт со вашите европски колеги. За интернетот и неговото користење, токму во образовниот процес, не треба посебно да зборувам, бидејќи сум убеден дека вие тоа подобро го знаете. Исто така, тука се и нашите европски пријатели кои навистина ни помагаат токму во процесите на високото образование и нашата вклученост во европските текови. Вие знаете дека Европската унија многу полага во високото образование и за ова се одделуваат големи финансиски средства. Иако сe уште не сме членка на ЕУ, отворени ни се можностите за достапност до тие средства преку различни програми.  

Сето ова дава добра основа да се користи во добробит пред сè на вас, но со тоа помагате и на нас политичарите кои сме одговорни да ги исполниме нашите обврски, односно да ја завршиме домашната задача за нашата интеграција во ЕУ и НАТО.  

Почитувани,
Разгледувајќи ја програмата за овие натпревари, забележав дека станува збор за таканаречен „кејс стади“ во различни области, право, економија, политикологија, европски институции и така натаму. Мислам дека тоа е многу битно, бидејќи на овој начин вие сега во фаза на студирање можете своето теоретско и научно знаење да го проверите и потврдите во решавањето на конкретни прашања и проблеми. Со тоа вие многу полесно и поефикасно ќе можете да се вклучите во работниот процес. Истовремено, верувам со оваа методологија, вие многу полесно можете да ги согледате своите афинитети и интереси и преку постдипломските студии да се специјализирате за конкретни теоретски и секако практични прашања.

Верувам дека овие „кејс стади“ примери ќе најдат интерес кај соодветни институции, меѓу кои секако е и Собранието, а и во бизнис-сферата, бидејќи тоа се денешните европски и светски трендови кои обезбедуваат целосен развој на општеството, на одделни економски субјекти, а секако и ваша успешна професионална кариера.

Дами и господа, млади пријатели,
Дозволете на крајот уште еднаш на сите учесници во овој натпревар, како и на организаторите, да ви посакам успех. Како што реков, јас ова не го гледам како натпревар на кој некој победува, а некој губи, туку како можност да се покажат најдобрите. А на најдобрите им посакувам во јули на натпреварот во Виена многу успех и верувам дека со своето теоретско и практично знаење, на вашите колеги од Европа, уште еднаш, ќе им ја презентирате нашата држава, овој пат преку знаењето и науката. 

Ви благодарам

Click