Собраниско раководство



Вторник, 7 септември 2010 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на прием по повод 8 септември - ден на независноста на Република Македонија

Почитуван претседател на Република Македонија,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитуван поранешен претседател на Република Македонија,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани министри,
Почитувани претставници на верските заедници,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Осми септември заедно со двата Илиндена секако се оние историски датуми врз кои ја живееме сегашноста и ја градиме иднината. Денеска, кога ја одбележуваме 19-годишнината од овој историски настан сакам уште еднаш да изразам благодарност и восхит до граѓаните на Република Македонија, кои, во едно турбулентно време на распаѓање на некогашната СФРЈ, излегоа на референдум и со огромно мнозинство ја потврдија идејата, стремежите и определбите на сите оние претходни генерации втемелени во двата Илиндена, а тоа е самостојна и независна Република Македонија, како држава на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани.

Исто така, сакам да изразам благодарност и до пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија, потоа првата Влада на Република Македонија, како и првиот претседател на Република Македонија, кои поаѓајќи од своите уставни надлежности ги воспоставија темелите на Република Македонија како независна, суверена и меѓународно призната држава. Во предвечерието на овој значаен датум нема да зборувам за сите премрежја кои ги поминавме и кои сè уште ги минуваме и како држава, и како граѓани. Тоа што сакам да го истакнам е фактот дека денеска Република Македонија е суверена и независна држава и одговорен субјект во меѓународната заедница, кој дава активен придонес во зачувувањето на светскиот мир, стабилноста на регионот и неговата европска перспектива. 

Во овие 19 години, токму во овој дом го заокруживме уставноправниот поредок на државата кој се темели врз човековите права и слободи, парламентарната демократија, приватната сопственост и пазарните законитости.

Како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество создадовме услови за целосна рамноправност на сите етнички заедници за зачувување на нивниот национален, културен и јазичен идентитет. Верувам дека денеска, без разлика дали сме Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Евреи,  Република Македонија ја чувствуваме како своја татковина. 

Почитувани пријатели,

Пред 19 години кога на Референдумот над 95 проценти од граѓаните се изјаснија за самостојна Македонија, беше направен и првиот чекор кон евроатлантските интеграции. Сите знаеме зошто денеска Република Македонија не е членка на НАТО, иако ги исполнивме условите. Сè уште чекаме датум за започнување на преговорите со ЕУ, иако уште мината година Европската комисија даде препорака. Но, сето ова не нè поколеба и нема да не поколеба и во иднина. Затоа ги продолжуваме преговорите кои се водат под покровителство на Обединетите нации за решавање на спорот со името, а, исто така, продолжуваме овде во законодавниот дом да ги правиме потребните реформи и усогласувањата со европските закони и стандарди. 

На крајот дозволете ми да ви го честитам вам и на сите граѓани на Република Македонија 8 Септември, со желба  в година кога ќе одбележуваме 20 години од овој историски настан повеќе да зборуваме за тоа колку поглавја сме затвориле во преговорите со Европската унија. 

Нека ни е честит празникот!  

Click