Собраниско раководство



Среда, 9 ноември 2011 година
 
Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Владата на Република Албанија, г. Сали Бериша

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски истакнувајќи ги високо развиените односи помеѓу Република Македонија и Република Албанија истакна дека посетата на премиерот г. Сали Бериша претставува значен инпут во натамошниот развој на односите меѓу двете држави. За Република Македонија и понатаму врвен приоритет се евроатлантските интеграции. Очекувам, во декември да добиеме датум за отпочнување на преговорите со Европската унија. Тоа ќе биде значајно како за нас и нашите граѓани, така и за целиот регион и неговата евроатлантска перспектива, истакна претседателот Вељаноски. Јас се надевам дека и Република Албанија, веќе идната година, ќе го добие кандидатскиот статус, бидејќи интересот на сите нас во регионот е да станеме дел на Европската унија.

Зборувајќи за соработка помеѓу двата парламента, претседателот на Собранието г. Трајко Вељаноски истакна дека соработката со албанскиот парламент е на високо ниво и ги опфаќа сите форми и на сите нивоа. Имајќи го предвид нашето искуство во процесот на евроинтеграции отворени сме секогаш тоа да го споделиме со нашите колеги, а во исто време преку парламентарната соработка односно парламентарната дипломатија да дадеме уште поголем придонес во целокупниот развој на билатералните односи, но и на целокупните состојби во регионот истакна  претседателот Вељаноски.

Претседателот на Владата на Република Албанија г. Сали Бериша изразувајќи задоволство од посетата и разговорите посебно го истакна напредокот на Република Македонија во процесот на интеграција во ЕУ. Истакнувајќи ги високо развиените билатерални односи помеѓу двете држави, премиерот Бериша, исто така, ја потенцираше парламентарната соработка, која ја оцени како многу добра и која дава голем придонес во билатералните односи. Наш интерес и приоритет е Република Македонија што побргу да стане членка на НАТО, а вие тоа го заслужувате, како и да ги започнете преговорите со Европската унија.

Република Македонија и Република Албанија, како и другите држави во регионот, треба многу поинтензивно да работиме на економската соработка и заеднички да настапуваме пред Европската унија. Во тие рамки, инфраструктурното поврзување помеѓу нашите две држави во рамките на Коридорот 8 е од големо значење не само за нас, туку и за сите држави во регионот, па и пошироко, истакна премиерот  Сали Бериша.  Исто така, сакам да го истакнам и напредокот кој го правите во натамошното остварување и имплементација на Охридскиот договор со што Република Македонија се потврдува како стабилна држава во регионот, истакна премиерот  г. Сали Бериша.

Click