Собраниско раководство



Вторник, 1 ноември 2011 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ПАРЛАМЕНТАРНАТА ГРУПА ЗА СОРАБОТКА СО ЗЕМЈИТЕ ОД ЈИЕ НА ГЕРМАНСКИОТ БУНДЕСТАГ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со Парламентарната група за соработка со земјите од ЈИЕ на германскиот Бундестаг предводена од г. Петер Вајс, пратеник од Христијанско-демократската унија, г-ѓа Ута Цап, пратеник од Социјал- демократската партија и г-ѓа Марилуизе Бек, пратеник од Сојуз 90/Партија на зелените.

На почетокот на средбата, претседателот Вељаноски го изрази своето задоволство од можноста да се сретне со делегација која доаѓа од пријателска земја, која секогаш ѝ излегува во пресрет на Република Македонија. Претседателот Вељаноски истакна дека парламентарната соработка е особено важна, зашто таа полесно отвора врати меѓу државите и народите, и оттука, средбите на претставниците од парламентите се особено важни. Во оваа насока, претседателот Вељаноски упати покана до својот колега од германскиот Бундестаг, г. Роберт Ламерт да ја посети Република Македонија. 

Претседателот Вељаноски, осврнувајќи се на трите последователни Извештаи за напредок на Република Македонија, како и на останатите реформи кои Република Македонија ги прави и во политичкиот и во економскиот сектор, кои се важни не само затоа што се задолжителни, туку и затоа што имаат позитивно влијание и врз граѓаните и врз државата, која по зачленувањето во Европската унија ќе биде рамноправен член на Унијата кој ќе ги исполнува своите права и обврски, но и ќе ужива во придобивките од Унијата. Во однос на Извештајот на Doing Business, каде Република Македонија е трет реформатор во светот, претседателот Вељаноски истакна дека ова е позитивен импулс на инвеститорите од регионот, Европа и пошироко.

Но, и покрај реформите, вложувањата во меѓуетничките односи и градењето на добрососедски односи, за Република Македонија останува една наметната пречка на нејзиниот пат кон Европската унија  и НАТО - спорот со името, наметнат од нашиот јужен сосед. Република Македонија, ги имплементира сите реформи, активно учествува во мировните мисии, а голем број граѓани го поддржуваат членството на Република Македонија и во НАТО и во ЕУ.

Господин Вајс, пренесувајќи ги поздравите од претседателот, истакна дека двете држави треба да работат на јакнење на парламентарната дипломатија. Нагласувајќи ја важноста на насоките од Извештајот за напредок на Република Македонија, г. Вајс истакна дека Германија со внимание ги следи настаните околу наоѓање на решение за името и дека ја разбира разочараноста на македонските граѓани по Самитот во Букурешт.

Тој истакна дека една можност е секоја од земјите да го стори она што најдобро го знае за да се дојде до заемно прифатливо решение, а друга можност е да се дојде до решение до крајот на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија.

Господин Вајс се согласи со претседателот Вељаноски дека членството во европското семејство носи и права, но и обврски, и дека оние кои знаат да понесат одговорност се ценети членови на семејството.

Click