Собраниско раководство



Вторник, 29 ноември 2011 година, Лондон

Средба на претседателот Трајко Вељаноски со претседателот на Долниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство, Џон Беркоу

Денеска претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски во Лондон, се сретна со спикерот на Долниот дом и на британскиот Парламент Џон Беркоу.

На средбата спикерот Беркоу ја искажа силната поддршка од страна на Велика Британија за скоро приклучување на Република Македонија кон НАТО и Европската унија. Тој истакна дека Република Македонија и Велика Британија имаат пријателски односи и соработка на многу полиња, како што е и соработката во меѓународните мисии.

Претседателот Вељаноски очекува и се надева дека со одлуката на Меѓународниот суд за правда, од Хаг, околу наметнатиот спор за името, ќе се создадат поповолни услови за аспирациите на земјата. Исто така, истакна дека сите реформи што се преземаат по барање на ЕУ и НАТО, и се потребни и на Република Македонија. Од двете страни беше искажано заедничко задоволство од досегашната парламентарна соработка.

На средбата стана збор и за економската соработка со надеж дека повеќе британски компании ќе инвестираат во Македонија. Британскиот спикер Беркоу, на средбата се интересираше за работата на македонското Собрание, особено во делот околу пратеничките прашања и дебатата во кои учествува премиерот. Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски го покани британскиот спикер Џон Беркоу да ја посети Македонија.

По средбата, претседателот на Собранието, како и членовите на целата македонска делегација, учествуваа во работата на групата за соработка на британскиот Парламент со Македонија, со која раководи пратеничката Карен Ламли.


Click