ЕУ вести



Петок, 24 јуни 2011 година

ЕУ ја отвора вратата за Хрватска

Декларација во која се бара завршување на преговорите за членство на Хрватска во Европската унија до крајот на овој месец, денеска донесоа шефовите на држави и влади на ЕУ на Самитот во Брисел.

Во Декларацијата се вели дека потпишувањето на договорот за присоединување би требало да се случи пред крајот на годинава, по што ќе биде организиран референдум во Хрватска, а потоа 27-те земји-членки по ова прашање ќе се изјаснат по парламентарен пат или преку референдум. Доколку сè е во ред, Хрватска официјално би станала 28-та земја-членка на ЕУ на 1 јули 2013 година.

Дотогаш, оваа земја, која ги започна пристапните преговори во 2005 година, ќе мора да продолжи со исполнувањето на критериумите за влез во Унијата, односно со реформскиот процес.

Покрај Хрватска, главна тема на Самитот беше економската криза во Грција. Европските лидери ветија финансиска помош за нашиот јужен сосед, доколку следната недела Грчкиот парламент го усвои предлог-пакетот мерки на владата за штедење и приватизација.

Во Брисел беше постигнат и договор во иднина да бидат дозволени привремени враќања на граничните контроли во Шенген-зоната, притоа потенцирајќи се дека таквите мерки треба да се со ограничен карактер и да служат против нелегалното доселување.

На средбата на врвот на ЕУ, исто така, стана збор и за именувањето на новите шест членови на директориумот на Европската централна банка.  

Click