ЕУ вести



Вторник, 12 јули 2011 година

Финансиска помош од ЕУ за Западен Балкан

Европската комисиja ги заврши плановите за финансиска поддршка преку Инструментот за претпристапна помош (IPA), во вредност од 5,5 милијарди евра, за тековните реформи во Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Исланд, за периодот 2011-2013 година. 

Од вкупната планирана сума, за нашата земја е планирана финансиска помош од 304.76 милиони евра.

Европскиот комесар за проширување, г. Штефан Фуле, истакна дека средствата треба да овозможат напредок на реформите во овие земји на патот кон Европската унија.

Финансирањето ќе се фокусира на области како правосудството и јавната администрација, образованието, борбата против организираниот криминал и корупцијата, градењето на подинамично граѓанско општество, како и надминување на економската криза преку инвестиции во инфраструктурата.

Исто така, ќе се обрне внимание и на развојот на приватниот сектор, транспортот, екологијата, климатските промени, енергетиката, земјоделството и руралниот развој.

Околу 10% од расположливите средства ќе бидат одвоени за зајакнување на мултиратералните односи на Западен Балкан и Турција, во областите кои се сметаат како пресудни за евроинтеграцијата и стабилноста во регионот.

Од 2007 година, земјите-кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ, добиваат финансирање и поддршка од Унијата преку Инструментот за претпристапна помош (IPA).

Click