ЕУ вести



Петок, 9 декември 2011 година

Потпишан договорот за членство на Хрватска во ЕУ

Лидерите на 27-те земји-членки на Европската унија, претседателот и премиерот на Хрватска, г. Иво Јосиповиќ и г-ѓа Јадранка Косор, денеска во Брисел, го потпишаа договорот за членство на Хрватска во европското семејство. Преостанува уште да се спроведе референдумот во Хрватска за членство во ЕУ и ратификацијата во земјите-членки на ЕУ.

Хрватска ќе биде „активен набљудувач“ сè до полноправното членство, кое треба да се случи на 1 јули 2013 година, кога ќе стане 28. земја-членка на ЕУ, а хрватскиот јазик 23. службен јазик на Унијата. Дотогаш земјата мора да продолжи со реформите.

„Денеска е историски ден, како за Хрватска, така и за ЕУ. Сите денеска ја делиме радоста со Хрватска и хрватските граѓани“, истакна претседателот на Европскиот совет, г. Херман ван Ромпуј.

Што се однесува на другите балкански земји, одлуката Србија да добие кандидатски статус е одложена за март 2012 година, додека Црна Гора може да добие датум за почеток на преговори во јуни следната година.

Во однос на Македонија, Советот на министри на ЕУ неделава повторно ја одложи одлуката за доделување датум за почеток на преговори и тоа е оставено да се расправа за време на Данското претседателство со ЕУ, кое започнува од 1 јануари 2012 година.

Click