Собраниско раководство



Среда, 9 март 2011 година

Средба на претседателот Вељаноски со вицепремиерот на Државата Израел, г. Моше Јалон и претседателот на пратеничката група за соработка на израелскиот Кнесет, г-ѓа Лиа Шемтов

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски, во одвоени средби ги прими г. Моше Јалон, вицепремиер и министер за стратешки прашања на Државата Израел и г-ѓа Лиа Шемтов, претседател на пратеничката група за соработка на израелскиот Кнесет со македонското собрание. 

Пожелувајќи им на гостите од Израел пријатен престој во Македонија, претседателот на Собранието, г. Вељаноски, изрази задоволството од зачестените средби на билатерално ниво и од последнава средба поврзана со отворањето на Меморијалниот центар посветен на холокаустот и сеќавањето на 7.144 наши сограѓани Евреи и нивната страшна судбина, депортацијатата во логорот на смртта Треблинка во 1943 година.

Претседателот Вељаноски во оваа смисла потенцираше дека со изградбата на Меморијалниот центар, Република Македонија испраќа јасна порака до светот која гласи: никогаш повеќе, при што Меморијалениот центар на холокаустот, лоциран во центарот на нашиот главен град Скопје, во старото еврејско маало, ќе биде сведоштво за историјата и традицијата на македонските евреи, како и простор за многубројни културни и хумани настани и програми.

Од страна на гостите од Израел на претседателот на Собранието, г. Вељаноски, му беа пренесени поздрави од неговиот колега, спикерот на Кнесетот, г.Реувен Ривлин и министерот за надворешни работи, г. Либерман. Од своја страна,  претседателот Вељановски ја реафирмира отворената покана до спикерот на Кнесетот, г. Ривлин, да ја посети Република Македонија.

На средбата со вицепремиерот Јалон, се разговараше и за прашања поврзани со исклучително добрите пријателски односи меѓу двете држави, кои бележат интезивирање во последно време, за евроатланските интеграции на Република Македонија, како и за други прашања, како што се настаните и промените во повеќе земји од Северна Африка. Во контекст на последново, вицепремиерот Јалон потенцираше дека многу значајно е промените во овие држави да резултираат со афирмација и практикување на демократски вредности. 

На средбата со г-ѓа Шемтов, претседателот Вељаноски уште еднаш го повтори особено пријатното чувство кое го имаше нашата делегација за време на неодамнешната официјална посета на Државата Израел, на која беше особено поздравено сето она што како држава го правиме за градење на вистински соживот, за градење на мир и стабилност, како во регионот, така и пошироко. Беше афирмиран перманентниот дијалог и пријателство кои се одржуваат меѓу двете држави на политички, економски и културен план, како и во повеќе други сфери, како и континуитетот во унапредувањето на парламентарната соработка. На средбата се говореше за потребата од поинтезивна економска соработка, како и за модалитетите за привлекување на инвестиции од Израел.

Click