ЕУ вести



Среда, 16 март 2011 година

Европарламентот ја усвои Предлог-резолуцијата за напредокот на Македонија

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, со 49 гласа „за“, 7 „против“ и 3 „воздржани“, попладнево ја усвои Предлог-резолуцијата за напредокот на Македонија, подготвена од словенечкиот европратеник, г. Зоран Талер.

Беа постигнати 14 компромисни амандмани за новиот текст на Резолуцијата, усвојувајќи уште околу 50 други амандмани од вкупно поднесените 152.

Клучната препорака во Резолуцијата е Македонија што побрзо да започне преговори за членство во Европската унија.

„Наша цел е Македонија да ѝ се приклучи на ЕУ во блиска иднина. Затоа Европскиот парламент препорачува пристапните преговори да почнат веднаш, што двапати беше потврдено и побарано и од Европската комисија“, изјави европратеникот Талер. 

Во Резолуцијата, исто така, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, г-ѓа Кетрин Ештон и комесарот за проширување, г. Штефан Филе, беа повикани поактивно да се ангажираат за наоѓање решение во спорот за името со Грција. 

Во еден од компромисните амандмани, се инсистира „двете страни да ги разрешат билатерланите проблеми  во духот на добрососедството, водејќи  сметка за општиот интерес на ЕУ“.

Конечниот текст на документот ќе биде објавен наскоро од службите на Европскиот парламент, откако ќе бидат проверени резултатите од денешното гласање.

По изгласувањето во Комисијата за надворешни работи, Резолуцијата за Македонија ќе биде ставена на пленарната седница на Европскиот парламент, закажана за во април, во Стразбур.

Click