ЕУ вести



Среда, 6 април 2011 година

Европарламентот расправа за напредокот на Македонија кон ЕУ

Денеска и утре на агендата на пленарната седница на Европскиот парламент се наоѓа напредокот на Република Македонија кон членство во Европската унија. Во текот на денешниот ден ќе се расправа за Резолуцијата која беше одобрена на 16 март од Комисијата за надворешна политика на Европарламентот, а утре ќе се гласа по истата.

На местото на досегашниот известувач за Македонија, словенечкиот европратеник, г. Зоран Талер, кој поднесе оставка по скандалот со корупција, Документот ќе го брани европскиот пратеник од Бугарија и нов известувач за нашата земја, г. Кристијан Вигенин.

Во Резолуцијата се бара итно отворање на преговорите за членство на Македонија во Унијата, со жалење што Советот на ЕУ не ги следел досегашните препораки на Парламентот и Комисијата.

Европратениците уште еднаш им препорачуваат на Македонија и Грција да ги решат билатералните проблеми во духот на добрососедството.

Резолуцијата бара од Европската комисија и Советот на ЕУ да почнат со изработка на механизам за арбитража, кој би овозможил да се решаваат билатералните проблеми меѓу држави-кандидати за членство со држави-кандидати или членки на ЕУ и меѓу држави-членки на ЕУ.

Од европскиот комесар за проширување, г. Штефан Филе, се бара да помогне во постигнувањето договор за прашањето за името и да предложи политички мерки, целосно почитувајќи ги процедурите за преговори кои се во тек во ОН. 

Во документот, исто така, станува збор и за слободата на медиумите, меѓуетничките односи и внатрешната политичка ситуација во нашата земја.

Инаку, по Резолуцијата, поднесени се вкупно девет амандмани, кои се однесуваат на името и користењето на придавката „македонски“. 

Click