ЕУ вести



Среда, 9 март 2011 година

Европарламентот усвои Резолуции за Ромите, за Турција и Црна Гора

На пленарната седница на Европскиот парламент, која се одржува од 7 до 10 март во Стразбур, денеска, меѓу другото, беа усвоени Резолуции за Ромите, за Турција и Црна Гора.

Беше усвоена Резолуција, во која се вели дека 10 до 12 милиони Роми во Европа треба да имаат корист од задолжителните минимални стандарди на ниво на Европската унија за подобрување на нивниот пристап до вработување, образование, живеалишта и здравствена заштита. 

Резолуцијата повикува на подобра заштита на основните права и користењето на финансиските средства на ЕУ. Во неа се вели дека Ромите трпат дискриминација и се борат против исклученоста и нарушените човекови права.

Беа усвоени и две резолуции за напредокот на Турција и Црна Гора во преговорите за членство во ЕУ. Европарламентот во нив изразува загриженост за бавниот напредок во однос на човековите права и клучните реформи во Турција, додека беше поздравен напредокот на Црна Гора, каде сe уште треба да се поработи на полето на корупцијата.

Во врска со немилите настани во Северна Африка, посебно за Либија, претседателот на Европарламентот истакна дека тие се клучен тест за Европската унија и потенцираше дека приоритет е да се надмине хуманитарната криза.

Вчера Европарламентот ја одбележа 100-годишнината од Меѓународниот ден на жената, со расправа и гласање по две резолуции, поднесени од Комисијата за правата на жените,една за рамноправноста меѓу половите, а другата за сиромашната жена. Исто така беше усвоена и трета резолуција за намалување на нерамноправноста во здравството.

Првиот човек на Европарламентот, г. Јержи Бузек, изјави дека 25% жени во Парламентот не е доволно и треба да биде зголемено присуството. 

На дневниот ред пред членовите на Парламентот уште се наоѓаат уште односите меѓу Иран и ЕУ, како и приоритетите на буџетот за 2012 година

Click