ЕУ вести



Понеделник, 4 април 2011 година

Напредокот на Македонија кон ЕУ на дневен ред во Европарламентот

Напредокот на Република Македонија и Исланд на патот кон членство во Европската унија, ќе бидат дел од расправата на пленарната седница на Европскиот парламент, која ќе се одржи од 4 до 7 април во Стразбур. Расправата ќе биде на дневниот ред в среда, а ден подоцна европратениците ќе гласаат за резолуциите за двете земји.

Денеска ќе се расправа, а утре ќе се гласа за изнаоѓање решение за бранот од околу 15.000 имигранти на италијанскиот остров Лампедус, како последица од немирите во Северна Африка.

Во текот на утрешниот ден, претседателот на Европскиот совет, г. Херман ван Ромпуј, ќе дискутира за резултатите од последниот самит на ЕУ. Исто така, ќе стане збор и за кризата во еврозоната и економското управување, ситуацијата во Јапонија, нуклеарните прашања и Либија.

Утре ќе се расправа и за мерките за подобро интегрирање на ромската популација, откако претходно истите ќе бидат одобрени од Европската комисија. Целта на Европарламентот е со задолжителни стандарди на ЕУ да се подобри нивната ситуација на полето на вработувањето, образованието, вдомувањето и здравствената заштита.

Како поука од нуклеарната катастрофа во Јапонија, в среда членовите на Парламентот, Советот и Комисијата ќе расправаат за примената на нуклеарните енергетски стрес тестови на растенијата и критериумите за осигурување на највисоките стандарди за сигурност. Гласањето за резолуцијата следи в четврток.

Задутре, европратениците, заедно со високиот претставник за надворешна политика, г-ѓа Кетрин Ештон, ќе расправаат и за конфликтите во Сирија, Јемен и Бахраин, а резолуцијата ќе ја гласаат утредента, кога ќе се гласа и за две резолуции во однос на односите на ЕУ со нејзините источни и јужни соседи.

Меѓу другото, на дневниот ред за време на четиридневната седница ќе се најдат и: буџетот за 2012 година; помошта за жртвите од поплавите во Централна Европа; подобра гаранција за бегалците; затворање на некои нуклеарни електрани; неправилностите кај храната за бебиња; трговската политика на ЕУ со земјите-членки; и др.

Click