ЕУ вести



Понеделник, 28 март 2011 година

Советот на Европа ги наградува активистите за глобална солидарност и меѓузависност

Поранешниот претседател на Бразил, г. Луис Инасио Лула да Силва и претседателот на Меѓународната кризна група, г-ѓа Луиз Арбур, се добитници на наградата „Север-југ“ за 2010 година, која се доделува секоја година од страна на Советот на Европа, на двајца кандидати кои придонеле за популаризирање на глобалната солидарност и меѓузависноста.

Наградата ќе ја додели претседателот на Португалија, г. Анибал Кавако Силва, за време на утрешната церемонија во португалскиот Сенат.

На церемонијата во Лисабон ќе учествуваат и: генералниот секретар на Советот на Европа, г. Торбјорн Јагланд; претседателот на Парламентарното собрание, г. Мевлут Чавушоглу; претседателот на португалскиот Парламент, г. Жајме Гама; претседателот на Извршниот совет на Центарот „Север-југ“, г-ѓа Дебора Бергамини и претседателот на Португалската парламентарна делегација во ПАСЕ, г-ѓа Вера Жардим.

Триесет и петтиот бразилски претседател, г. Луис Инасио Лула да Силва, е награден за своето активно делување во односите „Југ-југ" и за надворешна политика која промовира глобална борба против сиромаштијата, економски развој и социјален капитал. Тој е политички активист уште од својата 19-та година и е основач на Работничката партија.

Актуелниот претседател на Меѓународната кризна група, г-ѓа Луиз Арбур, се одликува за нејзиното дејствување во заштитата на човековите права. Во 1995 година таа била назначена за комесар за покренување истрага во женскиот затвор во Кингстон, една година подоцна за тужител на Меѓународниот трибунал за случаи на геноцид во поранешна Југославија и Руанда, а има работено и како врховен комесар на ООН за човекови права од 2004 до 2008 година.

Инаку, минатата година, наградата „Север-југ“ отиде во рацете на г-ѓа Рола Дашти, кувајтски активист за заштита на демократските реформи, еднаквост на половите и зголемување на улогата на жените во општествениот живот и г. Михаил Горбачов, поранешен претседател на Советскиот Сојуз.

Click