Собраниско раководство



Четврток, 15 септември 2011 година

ИЗЈАВА НА Г. ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ШЕФ НА ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА СОБРАНИЕТО ВО ИНТЕРПАРЛАМЕНТАРНАТА УНИЈА, ПО ПОВОД 15 СЕПТЕМВРИ - МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Во септември 1997 година, Интерпарламентарната унија (ИПУ) ја усвои Универзалната декларација за демократија, со што ја поттикна Организацијата на Обединетите нации во 2007 година, на десетгодишнината од Декларацијата, да го прогласи 15 Септември за Меѓународен ден на демократијата.

Меѓународниот ден на демократијата за прв пат беше одбележан од парламентите во светот и Интерпарламентарната унија во 2008 година под мотото: „Парламентот не гарантира демократија, но нема демократија без парламент". Годинава, кога одбележуваме 20 години од независноста на Република Македонија и 10 години од Охридскиот рамковен договор, Собранието на Република Македонија, по четврти пат се придружува кон прославата на 15 Септември - Меѓународниот ден на демократијата, под мотото: „Што очекуваат граѓаните од нивниот парламент?“.

Демократијата е неисцрпна тема, со чии предизвици постојано се соочуваат не само земјите во транзиција, туку и развиените земји. Основни предуслови за демократија се: силен парламент, слободни и фер избори, гарантирање на човековите права, еднаквост меѓу половите и недискриминација, активно граѓанско општество, ефикасни политички партии и независни медиуми. Широко прифатено е уверувањето дека парламентот претставува најзначајна претставничка институција на демократијата, институција која ги застапува интересите на граѓаните и ги заштитува нивните права. За да може демократијата постојано да се унапредува и надоградува, неопходни ѝ се силни парламенти, кои функционираат врз основа на неколку општо прифатени принципи и вредности: репрезентативност, транспарентност, одговорност и ефикасност. 

Поаѓајќи од овие принципи, Собранието на Република Македонија се стреми да биде институција која ги претставува интересите на сите сегменти на општеството  и која има централна улога во унапредувањето на демократските процеси во земјата, преку зајакнување на политичкиот дијалог, развивање на парламентарната демократија и политичкиот плурализам, ефикасна законодавна и контрола улога и промовирање на духот на меѓуетничкото разбирање, толерантноста и солидарноста.

Честит Меѓународeн ден на демократијата!

Click