Собраниско раководство

Четврток, 17 ноември 2011 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 20-годишнината од донесувањето на првиот Устав на самостојна, суверена и независна Република Македонија

Почитуван претседател на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски,
Почитуван претседател на Уставниот суд на Република Македонија, г. Бранко Наумовски,
Почитувани поранешен претседател на Република Македонија, г. Бранко Црвенковски,
Почитувани поранешни претседатели на Собранието на Република Македонија,
Почитувани поранешни претседатели на Владата на Република Македонија,
Почитувани претставници на судската власт, верските заедници, екселенции, почитувани гости, колеги пратеници,

Македонија оваа година прославува!
Македонија оваа година се сеќава!
На 8 септември оваа година, народот на плоштадите ја славеше независноста;
На 8 септември, граѓаните застанаа заедно под исто сонце заради иста цел.
Конечно, на овој ден, Бог ни покажа дека сите ние сме негови деца, дека Македонија е нашата земја, а дека иднината е нашиот заеднички предизвик!
Гордо извикавме, но продолжуваме со истиот громогласен тон и денес да извикуваме
НЕКА Е ВЕЧНА И ВЕКОВИТА НАШАТА ТАТКОВИНА МАКЕДОНИЈА!
Поводот е нашиот нов голем јубилеј!
20-годишнината од донесувањето на Уставот,
20-годишнината од документот со кој ги поставивме државно-правните темели, кои се цврсти како гранит,
20 години независност и сувереност
.

Дами и господа,

Големиот американски државник, Ендру Џонсон, ќе рече: „НАЈИСКРЕНОТО МОЕ УВЕРУВАЊЕ Е МОЈАТА ХРАБРОСТ, А УСТАВОТ Е МОЈОТ ВОДИЧ“.

Затоа, денес, сите ние независно од нашите партикуларни разлики, заедно да порачаме дека РАЗВОЈОТ НА МАКЕДОНИЈА НЕМА АЛТЕРНАТИВА. ПОТВРДАТА ЗА ТОА Е ВО НАШАТА ХРАБРОСТ И РЕШИТЕЛНОСТ, А УСТАВОТ НА ОВАА ЗЕМЈА Е НАШАТА ЕДИНСТВЕНА ВОДИЛКА!

„НАШИОТ УСТАВ ФУНКЦИОНИРА“, ќе изјави друг голем американски државник.

И МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ ГО ИЗДРЖА ТЕСТОТ НА ВРЕМЕТО, ќе кажеме денес сите.

НАШАТА РЕПУБЛИКА СЕ ТЕМЕЛИ НА ВЛАСТА НА ЗАКОНИТЕ, А НЕ НА ЛУЃЕТО, ќе продолжи тој.

И МАКЕДОНСКАТА РЕПУБЛИКА 20 ГОДИНИ ПОТОА Е ДРЖАВА НА ЗАКОНИТЕ И НА ПРАВОТО, гордо ќе изјавиме денес.

Драги пријатели,

Македонската независност беше процес што започна со првите повеќепартиски избори. Од нив изникна Декларација за сувереност, која ја донесоа пратениците од првиот состав на овој законодавен дом. Таа беше нашата водилка во носењето на првиот демократски устав на државата. На таа голема цел се надоврза и референдумот од 8 септември, каде граѓаните им го дадоа потребниот легитимитет на политичарите во изодувањето на патот кон независноста. Конечно, на 17 ноември 1991 година, нашите колеги пратеници се запишаа во македонската историја донесувајќи го највисокиот правен акт, со што нивното дело остана трајно врежано во нашата колективна меморија.

Собранието на Република Македонија уште тогаш ја дефи­нира својата стожерна државничка функција, поточно ја потврди својата улога на дом во кој, низ демократска постапка, ќе се дефинираат клучните државни интереси и ќе се утврдуваат и донесуваат суштествени законски и други одлуки за современото политичко, без­бедносно, економско и културно втемелување и вредну­вање на Репуб­лика Македонија.

На 17 ноември 1991 година се оствари сонот на генерации Македонци за самостојна суверена држава, во која света е само една вредност, човекот како индивидуа и неговите права и слободи, односно граѓанската димензија која подразбира политички плурализам, пазарна економија која се темели врз приватната сопственост.

Во тие траорни времиња, кога во поранешна Југославија, гласот на разумот беше заменет од силата на оружјето, првиот претседател на независна Македонија ќе рече – цитирам: „ДЕНЕС КОГА СО НОВИОТ УСТАВ ОДЛУЧИВМЕ ЗА ПРАВНИ ТЕМЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА, ПОВТОРНО СУМ ИСПОЛНЕТ СО ГОРДОСТ И НАДЕЖ ДЕКА НЕ БИЛЕ ЗАЛУДНИ ЖРТВИТЕ ПАДНАТИ ВО СИТЕ НАШИ ВОСТАНИЈА. ЗАД НАС ОСТАНАА РОПСКИТЕ ДЕНОВИ, ДЕЛЕЊЕТО И ПРОГОНИ, РАСЕЛУВАЊА И БЕЗДОМИЈА, ЗА КОИ ИСТОРИЈАТА ГОВОРИ, НО И СВЕДОЧИ ЗА ИСКОНСКАТА МОЌ НА НАШИОТ НАРОД ДА СЕ ОДРЖИ, ДА ОПСТОЈУВА ДА ГО ЗАЧУВА МАКЕДОНСКИОТ ЗБОР, ПЕСНА, ПРИКАЗНА“.

Во таа смисла, денес, драги пријатели, дозволете ми, во мое лично име и во името на колегите пратеници од овој собраниски состав, да изразам најдлабока благодарност:

-  До првиот претседател на независна Македонија, г. Киро Глигоров;
-  До првиот премиер на нашата татковина, г. Никола Кљусев;
-  До претседателот на првото повеќепартиско Собрание и претседател на Уставната комисија, г.Стојан Андов и до сите други членови на Уставната комисија на Собранието, како и до членовите на експертската група,
-  како и до сите пратеници, партии и личности кои дадоа свој придонес во остварувањето на оваа благородна државна цел.

Резултатот на овие залагања е нашиот устав:

- кој ги следи современите демократски придобивки;
- кој го изразува историскиот континуитет и стремежот за слобода на македонскиот народ;
- и кој нуди највисоки гаранции за остварување на слободите и правата на нашите сограѓани, кои како дел од албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот и ромскиот народ, живеат во Македонија.

Уставот претставува завршен акт на еден болен и тежок историски процес, кој започна со Манифестот на Крушевската Република, како и со одлуките на АСНОМ. 

Како темелен државно правен акт, Уставот поаѓа од граѓанинот.

Со Уставот, Република Македонија е дефинирана како правна држава во која имаме поделба и самостојност на трите гранки на власта и во која целосно се почитува приватната сопственост и пазарните законитости.

Токму затоа, Уставот во меѓународната заедница беше оценет и прифатен како современ државен акт во кој се вградени сите принципи кои една држава ја дефинираат како демократска.

И уште нешто!

Веќе тогаш беа јасно дефинирани и нашите стратешки приоритети поврзани со вклучувањето во евроатлантските интеграции. Република Македонија, благодарејќи на мудрата политика на државниот врв успеа мирно да го заокружи процесот на осамостојувањето, а во исто време да ги задржи добрите односи со сите некогашни југословенски републики. За жал, од нашиот јужен сосед беше наметнат апсурдниот спор околу нашето уставно име, кое со векови сме го користеле како наша национална јазична и културна идентификација и како такви сме биле признаени и прифатени во европската и од светската цивилизација.

Почитувани пријатели,

Со донесувањето на Уставот започна и еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме и денес. Тоа е носењето на закони со кои се заокружува правниот систем на државата. Со потпишувањето на Пактот за стабилност, а подоцна и со добивањето на кандидатскиот статус за членство во Европската унија, тој процес доби нова димензија. Хармонизација на нашето законодавство со европското се нашите позначајни приоритети. Со право можам да кажам дека тоа го правиме многу добро, што се огледа и преку фактот дека трета година по ред од Европската комисија добиваме препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите.

Дами и господа,

Уставот како највисок државно-правен акт е динамична категорија, која во зависност од развојот на целокупните општествени и економски состојби, се надополнува со уставни амандмани. Во овие дваесет години и кај нас се присутни овие процеси. Така досега се усвоени 32 уставни амандмани - од уставни интервенции кои се однесуваат на судската власт, потоа амандмани кои се однесуваат на правата и слободите на граѓаните, како и измените што ги направивме како резултат на Рамковниот договор. За сите нив е карактеристично дека самиот процес беше транспарентен, со вклученост, како на политичките субјекти, така и на стручната јавност, а самиот чин на донесување беше консензуален. Исто толку е важен и фактот дека со сите овие амандмани не е променет темелниот карактер на државното уредување.

Република Македонија и денес е унитарна држава на македонскиот народ и на сите етнички заедници.
Македонија и денес е парламентарна демократија во која основен субјект е граѓанинот.
Република Македонија и денес е правна држава во која никој не е над законот и во која владеат пазарните законитости

Драги пријатели,

Историјата нè учи дека секогаш кога се донесуваат судбоносни одлуки за еден народ, потребен е висок степен на политички консензус и голема поддршка од граѓаните.

Изминатиот 20-годишен период не може да се каже дека за Република Македонија беше лесен и едноставен. Напротив. Поминавме низ многу тешкотии и предизвици, бевме доведени во многу искушенија и ситуации кога требаше да се повлекуваат решителни и значајни потези за иднината и опстојувањето на независна и самос­тојна Република Македонија.

Пред 20 години, кога се одлучивме за самостојна и независна Македонија, имавме многу висок степен на политички консензус и поддршка од граѓаните, која многу силно беше изразена на референдумот на 8 септември. Таа сплотеност околу најзначајните прашања за иднината на нашата татковина ги манифестиравме и подоцна. Уверен сум дека тоа е случај и денес, кога сме блокирани во остварувањето на нашата стратешка определба за членство во НАТО и во Европската унија.

Доколку искрено сакаме да продолжиме да ги остваруваме идеалите на Илинденците од 1903 и 1944 година, на борците од Народно-ослободителната војна, како и на граѓаните кои на 8 септември јасно кажаа што сакаат - ТОГАШ МОРАМЕ ПОСТОЈАНО ДА ЈА ИМАМЕ ПРЕД СЕБЕ СВЕСНОСТА ЗА ГОЛЕМИНАТА НА ОДГОВОРНОСТА ШТО ЈА ИМАМЕ КАКО ПОЛИТИЧАРИ БЕЗ РАЗЛИКА НА КОЈА СТРАНА СЕДИМЕ ВО СОБРАНИСКАТА САЛА!

За прашањата поврзани со одбраната на македонскиот идентитет и уставно име, како и другите предизвици поврзани со европските и евроатлантските интеграции – НЕ СМЕЕМЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ НАШИТЕ ПОЛИТИЧКИ И ДРУГИ РАЗЛИКИ ДА НE ДЕЛАТ.

Напротив!

ЗБОРОТ ЕДИНСТВО Е НАШИОТ КЛУЧ!
ЗБОРОТ ЗАЕДНИШТВО Е НАШИОТ МОТИВ!
ЗБОРОТ СОРАБОТКА Е НАШИОТ НАЈГОЛЕМ СОЈУЗНИК!

...или користејќи се со четивата од светската мудрост, и ние, како и водачите на големите нации, мораме силно да извикаме: ЕДНА ДРЖАВА, ЕДЕН УСТАВ, ЕДНА СУДБИНА!

НЕКА Е ВЕЧНА, НАШАТА ТАТКОВИНА, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

Благодарам.
Click