Соопштенија



Среда, 26 октомври 2011 година
 
Учество на пратеникот, г. Илија Димовски, на Шестата редовна пленарна годишна сесија на Парламентарното собрание на Медитеранот
 
Во заедничка организација на Парламентарното собрание на Медитеранот и Парламентот на Италија, од 27 до 29 октомври 2011 година, во Палермо, Италија, ќе се одржи Шестата редовна пленарна годишна сесија на Парламентарното собрание на Медитеранот.

На оваа сесија, од Собранието на Република Македонија ќе учествува пратеникот г. Илија Димовски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Медитеранот. 

На оваа сесија ќе ѝ претходат состаноците на постојаните комитети и специјалните работни групи на кои ќе се дебатира по предлозите на резолуциите подготвени според извештаите поднесени од трите постојани комитети на Парламентарното собрание на Медитеранот, а кои се однесуваат на: уставните реформи во Босна и Херцеговина, нуклеарна енергија, истекување на нафта во Медитеранот, ситуацијата на Блискиот Исток, демократските транзиции во Либија, Тунис и Египет, ситуацијата во Сирија, домашното насилство, миграциите во медитеранскиот регион, енергетските прашања во медитеранскиот регион, екологијата и климатските промени, управувањето со водите, справувањето со природните катастрофи.

Овие извештаи беа разгледани на претходниот заеднички состанок на трите постојани комитети на Парламентарното собрание на Медитеранот, што се одржа кон крајот на јуни годинава во Дубровник, Република Хрватска.

На сесијата се очекува на парламентарците да им се обратат еминентни политички личности: г. Ренато Скиафини, претседател на италијанскиот Сенат; г. Џанфранко Фини, претседател на Претставничкиот дом на Италија; г. Франческо Фратини, министер за надворешни работи на Италија; г. Пјер Фердинандо Касини, почесен претседател на ИПУ; г. Антонио Мартино, претседател на италијанската делегација во ИПУ; г. Франческо Кашио, претседател на Регионалниот парламент на Сицилија, како и повеќемина министри за надворешни работи на државите опфатени со „арапската пролет".

На ова заседание се очекува да се избере нов претседател на Парламентарното собрание на Медитеранот, со оглед на фактот што досегашниот претседател, г. Абделвахад Ради (Мароко), од неодамна е избран за престижното место претседател на Интерпарламентарната унија.

Click