Соопштенија



Понеделник, 3 октомври 2011 година

Надзорна расправа на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија ќе одржи надзорна расправа на тема „Спроведувањето на политиката во извршување на Законот за градење, Законот за општа управна постапка и Законот за инспекциски надзор во случајот за станбено-деловниот комплекс КОСМОС“. Расправата ќе започне на 5 октомври 2011 година во 11,00 часот во салата „Борис Трајковски" во Собранието на Република Македонија.

Целта на надзорната расправа е надзор на имплементацијата на политиката во извршувањето на Законот за градење, Законот за општа управна постапка и Законот за инспекциски надзор во случајот за комплексот КОСМОС.

- Кој е надлежен за настанатиот проблем и дали се соодветно применети формално правните постапки за благовремено надминување на проблемите?
- Што ги попречувало надлежните државни органи благовремено да реагираат за запирање на градбата?
- Дали се преземени сите потребни дејствија за стручно отстранување на градбата која отстапува од одобрението и постапките на овластените органи во почитувањето на основните права за заштита на сопственичките права на инвеститорот пред надлежните повисоки државни органи?

Комисијата оценува дека расправата е од особено значење, како од аспект на резултатите од имплементацијата на законите од таа област што се од поширока важност за граѓаните на Република Македонија, така и од аспект на отпочнувањето на практичната примена на одредбите на Законот за Собрание на Република Македонија („Службен весник“ бр.104/2009), во делот на надзорната димензија на законодавната власт во нашата држава.

Во расправата ќе учествуваат: министерот за транспорт и врски, г. Миле Јанакиески, министерот за внатрешни работи, г-ѓа Гордана Јанкуловска, други владини претставници, претставници од локалната самоуправа, како и други експерти кои ќе ги дадат своите коментари и одговори до членовите на комисијата.

На расправата се поканети да присуствуваат претседателот, потпретседателите и координаторите на пратеничките групи во Собранието на Република Македонија, и други пратеници во Собранието на Република Македонија.

 

Click