ЕУ вести



Понеделник, 20 февруари 2012 година

Европските филмови се меѓу најдобрите во светот

Два филмови поддржани од програмата „МЕДИА“ на Европската унија, беа наградени на Меѓународниот филмски фестивал Берлинале, на кој филмот „Парада“ во македонска копродукција беше избран за најдобар од страна на публиката.

„Сребрена мечка“ добија ЕУ поддржаните „Кралска афера“ на режисерот Николај Арсел за најдобро сценарио и најдобар актер (Микел Босфолгерт) и „Сестра“ на Урсула Меер - специјалната награда, додека португалскиот филм „Табу“ на Мигел Гомеш ја доби Меѓународната награда на филмските критичари.

„Европските филмови се меѓу најдобрите во светот и нашата одлична филмска индустрија ја покажа европската креативност во најдобро светло. Горд сум што програмата ‘МЕДИА’ е во можност да поддржи толку многу големи филмски проекти годинава“, изјави г. Андроула Василиу, европски комесар за образование, култура, повеќејазичност и млади.

На престижното Берлинале, филмот „Парада“ на режисерот Срѓан Драгојевиќ, копродукција на Србија, Хрватска, Словенија и Македонија, ја доби наградата за најдобар игран филм од публиката на програмата „Панорама“. Копродуцент од Македонија е Владимир Анастасов, а забележителна улога во филмот има и македонскиот актер Тони Михајловски.

Во „Панорама специјал“ играше и македонскиот филм „Жената која ги избриша своите солзи“ на Теона Митевска. Исто така, во Берлин, Македонија се претстави и со кусометражниот филм „Бардо“ на режисерката Марија Апчевска, во категоријата „Генерација“.

Наградата „Златна мечка“ за најдобар филм на 62. издание на Берлиналето ја освои италијанскиот филм „Цезар мора да умре“ на браќата Паоло и Виторио Тавијани.

Инаку, Европската комисија одобри вкупен буџет од 1,8 милијарди евра за новата програма „Креативна Европа“ за периодот 2014-2020 година, од кои 900 милиони евра ќе бидат наменети токму за програмата „МЕДИА“.

Click