ЕУ вести



Петок, 21 септември 2012 година

Меѓународен ден на мирот

Денеска, на 21 септември, се одбележува Меѓународниот ден на мирот, годинава под мотото – „ Одржлив мир за одржлива иднина“.

„Меѓународниот ден на мирот е ден за глобално прекинување на огнот и за ненасилство, покана до сите нации и луѓе на тој денот да ги прекинат сите непријателства.“ – се вели во дел од Резолуцијата на Обединетите нации.

Токму тоа го побара и генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки Мун, во својата изјава по повод денешниот Меѓународен ден на мирот– „Ги повикувам сите борци низ светот да пронајдат мирно решение за конфликтите. Сите заедно да работиме на безбедноста за да си обезбедиме перспективна иднина“.

Меѓународниот ден на мирот е основан во 1981 година со Резолуцијата на ОН, а за прв пат е прославен во септември 1982 година. Во 2001 година, Генералното собрание на ОН официјално го прогласи 21 септември за Меѓународен ден на мирот.

Денеска, точно напладне, со минута молчење, луѓето ширум светот ќе им оддадат почит на оние кои ги изгубиле своите животи и на оние кои преживеале, но живеат со трауми и болка.

Викендов ќе се одржат низа настани по повод овој ден, вклучувајќи фестивали, концерти и слично, а поединци и организации ќе имаат можност да изведат практични дела за мир. 

 

Click