ЕУ вести



Вторник, 25 септември 2012 година

Номинации за наградата „Сахаров“

Листата на номинираните за овогодишната награда „Сахаров“ за слобода на мислата, која се доделува еднаш годишно од страна на Европскиот парламент, на поединци или организации што даваат важен придонес во борбата за човекови права и демократијата, ќе биде објавена денеска на заедничкиот состанок на Парламентарната комисија за надворешни работи, развој и човекови права.

Листата на номинирани изгледа вака:

  • Алеш Бијалијатски - активист на затворено граѓанско друштво кое се залага за слобода на мислата и слободно изразување во Белорусија, кој го има основано Центарот за човекови права Вјасна – невладина организација што нуди финансиска и правна помош на политички затвореници и нивните семејства;
  • Џозеф Франсис - основач и директор на Центар за правна помош, основан во 1992 година, кој се занимава со проблемите на жртвите на пакистанските закони, вклучувајќи заштита и азил;
  • Виктор Ингабире-Умухоза, Деогратијас Мушаиди и Бернард Нтаганда - затвореници во Руанда, опозициски политичари кои се обидувале да стават крај на насилството во нивната земја преку дијалог и помирување;
  • Пуси Риот – музичка група од Русија, составена од Надежда Андреевна-Толоникова, Екатерина Самушевич и Марија Аљохина, кои се уапсени откако протестирале во катедрала против рускиот претседател Владимир Путин и кои се осудени на две години во работен камп;
  • Насрин Сотодех и Јафар Панахи – Насрин Сотодех е затворен ирански адвокат и застапник за човекови права, која ги претставува затворените опозициски активисти и малолетни деликвенти соочени со смртна казна. Јафар Панахи, пак, е ирански режисер, сценарист и филмски редактор, чии филмови честопати се фокусираат на тешкотиите со кои се соочуваат децата, сиромашните и жените.

Инаку, името на наградата, која се доделува од 1988 година, е во чест на рускиот физичар и политички дисидент Андреј Дмитриевич Сахаров, добитник на Нобелова награда за мир во 1975 година. Минатата година добитници на наградата беа петмината активисти од „Арапска пролет“.

 

Click