ЕУ вести



Петок, 27 јули 2012 година

Олимпијци во Европарламентот

Денеска, во 20 часот и 12 минути, означувајќи ја годината во која се одржуваат, официјално ќе се отворат Летните олимписки игри во Лондон, кои ќе траат до 12 август. Интересно е што некои од денешните членови на Европскиот парламент биле дел од поранешните Олимпијади.

Така, на пример, поранешниот унгарски претседател, г. Пал Шмит, кој беше и потпретседател на Европскиот парламент од 2009 до 2010 година, како мечувач го има освоено златниот олимписки медал дури двапати, во Мексико Сити 1968 и Минхен 1972 година.

Госпоѓа Сари Есаја од Финска го има освоено четвртото место во брзо одење на ЛОИ во Барселона 1992 година, а четири години подоцна била 16-та во Атланта.

Словачкиот европратеник, г. Петер Штасни, е поранешен хокеар, кој во 1980 година ја претставувал тогашната Чехословачка на Зимската олимпијада во Лејк Плесид и Словачка на ЗОИ 1994 година во Лилехамер.

Исто така, грчкиот член на Европарламентот, г. Теодорос Скилакакис, бил заменик-градоначалник одговорен за координација на Олимписките игри во Атина 2004 година.

Во врска со Олимписките игри, актуелниот претседател на Европскиот парламент, г. Мартин Шулц, познат како голем фудбалски фан, истакна дека тие не се само глобален спортски настан, туку вистинско зближување на народите, извор на инспирација и поттик за мирно решавање на светските конфликти.

„Олимписките игри се врв на спортската конкуренција, ги надминуваат границите и собираат илјадници спортисти и гледачи од сите страни на светот заедно. Тие ги инспирираат и им овозможуваат на луѓето од сите возрасти да сонуваат, тоа е магијата на спортот“, истакна првиот европарламентарец.

Република Македонија, иако со мал број учесници, сепак ќе биде дел од Летните олимписки игри во британската престолнина.

Click