ЕУ вести

Понеделник, 13 февруари 2012 година

Пленарна седница на Европарламентот

Од 13 до 16 февруари, Европскиот парламент, во Стразбур, ќе одржи пленарна седница, на која во фокусот ќе бидат развојот, вработувањето и сиромаштијата.

Европратениците ќе дискутираат за бездомниците кои се жртви на снежното невреме и студот кој ја зафати Европа. Се проценува дека има три милиони бездомници во рамките на Европската унија. Ќе се апелира за помош на сиромашните граѓани на Стариот континент.

На дневен ред ќе се најде и економската координација и начините за излез од кризата. Ќе се бара решение за проблемот со невработеноста, посебно кај младите луѓе. Во овој контекст, ќе стане збор за доделување финансиска помош за отворање на мали бизниси.

В среда, членовите на Европарламентот заедно со италијанскиот премиер, г. Марио Монти, ќе расправаат за економијата во Италија и Европа воопшто, а Данското претседателство ќе ја отвори темата за ситуацијата во Сирија.

Ден подоцна, пак, ќе се гласа по резолуцијата за неодамнешните политички случувања во Унгарија во врска со новиот контроверзен Устав, како и за изборите и демонстрациите во Русија.
Click